1018 hPa
43 %
22 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 13:59
А што ќе ѝ е на една флотантна, да не речам, вмротантна маса, македонскиот јазик, мистер Хорхе! Ако ја изземеме вашата потреба два-трипати годишно да ја фаќате таа поза на надуена нула и за една мочана кандидатура и неколку стотини одлепени гласови да зборувате дека од брунејската резиденција на Водно, од првата празијада или од некоја друга сенародна ебада, „жестоко ќе им се спротивставите на непријателите на македонизмот“?!
Ако на папагалот му ги искубете пердувите и ако го наклукате со вмровскиот допинг на патетичниот македонизам, ако му ја исечете шумата и на ливадите под клунот му изградите терористички музеи односно музеи на тероризмот, археолошки централи и други збирки за концентрационен успех на културоцидот, споменици на целото животинско царство освен на него и на неговите политички родители, триумфекална капија под која го терате да лета како кокошка, а од неговите перца кулиси во златниот театар на партиските претстави, како и други елементи на новиот просцениум на нацијата и на општеството деградирани во ништо, каква смисла има да воскликнете дека оние што тврдат дека гласовите што ги испушта ова животно што вие и вашите луѓе и идеи „го избришавте од сите регистри“ односно го направивте скроз наскроз непознато за политичката биологија, не се, односно дека се на најубавиот балкански какаду!
Ја забележувате ли вие врската меѓу негаторите и вашата власт и тоа дека таа врска оди дотаму што им дава право на оние што тврдат дека власта е, всушност, најголемиот негатор. И не само тоа, туку дека сѐ друго што прави власта е подредено на таа грандиозна цел на негацијата и исчезнувањето?! Дека и вие сте избрани во рамките на таа идеја, не против неа! И дека, можеби, ќе ве реизберат зашто вие сте една многу успешна претседателска инсталација! „Дуал Хорхе“ на нашиот антимакедонски Интел!
Што ќе му е македонскиот јазик на еден народ кој со сите други, политички, уметнички, филозофски, културни форми, методи и инструменти одбива, следејќи ги како идиот критериумите на вашата филозофија, да комуницира со остатокот на светот! Оној момент кога Македонецот го прифатил вашиот светоглед, тој се откажал од македонскиот јазик во сите негови комуникациски и легитимациски функции освен во функцијата на внатрешното заебавање и подебавање на преостанатите, еве, нека се седумосумстотини илјади души!
Со ваша помош ние се доближуваме до идеалната бројка за формирање убаво фолклорно друштво со лингва секција!
Знаете ли дека моите немакедонски пријатели забележуваат дека Македонците и македонизмот се обичен бетонски ѕид од кој се одбиваат топчињата на вашата тениска или, уште подобро, сквош забава? Некои од нив дури тврдат дека ние сме тука во улогата на топчиња, а дека улогата на ѕид ја игра современата историја!
И дека Вие не барате спас за македонскиот јазик, туку барате гаранции за себе и за својата занимација!
Знаете ли дека јас сум еден од најголемите успеси на вашиот режим! Затоа што на крајот на четириесетгодишната кариера посветена на Македонија и на идејата на професорот Марјановиќ „за државичката како пристојно место за живеење“, јас разбирам дека не сум можел да измислам поглупав предмет на своите желби и заложби! И дека сум блиску до тоа решението да го барам повеќе во успехот на негацијата отколку во одбраната на оваа бесмислена кауза. Односно дека сум блиску до најизворните од сите изворни вмровски позиции!
Или дека сум многу блиску до ставот на хрватскиот писател Анте Томиќ од неговата полемика со хрватскиот професор Нино Распудиќ, дека ако тие двајцата се последни Хрвати, тој (Анте Томиќ) ќе се изјасни на пописот како Апач! Јас не знам, ако јас и вие останеме последни Македонци, дали ќе се п(оп)ишам како Апач, ама знам дека Македонец по националност нема да се пишам сигурно! Ако вас ве изберат за шеф на Симфонискиот оркестар, јас ќе ја скршам виолината! Од „страдивариусот“ ќе направам крш. Ако некогаш ве изберат за претседател на Фиџи, јас ќе престанам да бидам Фиџ! Ако сте вие православен, јас не знам што ќе бидам, ама знам што нема да сакам да бидам дури и пред најодвратните инквизициски закани! Ако вие навивате за Македонија, јас ќе навивам за Бугарија ако од другата страна се наследниците на Аспарух!
Знаете ли дека во однос на општите работи, режимот што го претставувате е поопасен од најопасните хемиски оружја при најнеповолен правец на ветрот! И дека ние не можеме да бидеме и вмровци и Македонци, истовремено на рок подолг од два-три мандата! Дури дека битните елементи на самиот јазик го помагаат производството на оваа катастрофа, дека вие не би можеле да бидете прв човек на државата во која се говори кој и да е друг јазик или дека Надвојводата Шарло не би бил ништо во земјите во кои доминира шпанскиот или јазикот свахили!
Можете ли да ни објасните како изгледаат „жестоките реакции“ на вас како држава?! Можете ли да ни пуштите некој транскрипт или снимка на Јутјуб?! Дали се жестите сам или ги фаширате индивидуалните жестокости во колективна државна односно вмровска нескршливост! И какви сѐ болки и фрустрации доживуваат оние на кои им се наменети вашите строгости и категоричности! Дали ги боли главата или, дали, можеби, курот не им чуе?! Односно имате ли вие список на конкретните органи на непријателите или ги плашите на општа основа?!
Сте се прашале ли од кога е ова „бришење на јазикот и на сите други атрибути на македонството ( освен глупоста) од светските регистри“?! Сте сонувале ли некогаш дека вашите заслуги и заслугите на режимот на кој му служите се поголеми отколку што е голема функцијата на Скопје 2014 во идиотизирањето на Македонците?!
Можете ли да разберете дека „одбраната“ и „заштитата“ на такви категории како што се македонскиот јазик или нација не се работи што зависат од острината на вашите реакции односно ако зависат исклучително негативно, туку од општиот пласман на оваа парче земја и на овие луѓе во современите европски и светски текови, во постмодерниот свет, значи во варијантите што се нешто апсолутно спротивно на она што го работите и разбирате вие и режимот, неадаптирани биглови што ја избербатија нашата заедничка куќа?! И ги уништија нашите перспективи?!
Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат, 23/24 11.13.