Барам амнестија за Горде и за Ставре!

21.04.2015 10:30
Барам амнестија за Горде и за Ставре!

Знам дека ќе бидам погрешно разбран, ама ете, не можам да одолеам – јавно барам амнестија за Гордана Јанкулоска и за Зоран Ставрески. Од политички, но и од морални и човечки причини.

Од политички аспект, две работи се клучни. Прво, да не беа Горде и Ставре, ништо од бомбиве. Нивните разговори се најзначајниот историски документ на драматичниот раскол во кликата на Груевски, сведоштво на омразата на секој против секого. Да не беа Горде и Ставре, најблиските соработници на Груевски, никогаш немаше да дознаеме колку се лудаците навистина забегани.

Второ, ако се суди според разговорите, Горде, па донекаде и Ставре, не се само и џелати, туку истовремено и жртви на битката за доминација во опкружувањето на најзабеганиот. Во една реплика, која се однесува на вицепремиерот Владимир Пешевски, Горде ќе каже: „Сегде кај што треба како магаре да се работи, јас, сегде кај што треба за сликање, Хипо“. Ох, колку е само болно тоа предавство од шефот!

Така доаѓаме до вториот, за мене исто толку важен aспект на моето барање за амнестија. Ставрески, како најрезигниран од лудилото на власта, како човек што вели дека „катастрофа е целава работа“ и „да им ебам матер на сите, нејќам да ги гледам“, има и некакво морално право да биде поштеден. Не би ме изненадило некој да ми каже дека човекот веќе трипати досега поднел оставка и дека можеби трипати бил изложен на закана дека нема да го види семејството ако се одлучи на таков чекор.

Ме замисли и една друга реплика на Јанкулоска: „Абе ја да ти кажам вака коа ги гледам и неа (Лилето) и Силвана, си викам, нема поважно у животот од нормален да останеш“. Не знам колку Горде и Ставре успеале да останат „нормални“, со оглед на фактот што во една друга реплика, пак, Ставре ѝ вели на Горде: „И ти си ненормална... ти фали некоа летва, човече“. Како и да е, ако некој имал шанса да остане колку-толку нормален, тоа се овие двајцава.

А да се разбереме – ние имаме потреба некој од тоа улаво друштво да остане нормален. Заради континуитет. А и да каже каде се парите.

Извор: Слободен печат
Слика: Странски служби