Крвави шини

27.04.2015 01:08
Крвави шини

Јавноста по којзнае кој пат е згрозена од трагичната смрт на 14 бегалци кои животите ги загубија на железничките шини на пругата Велес-Скопје, помеѓу станиците Рајко Жинзифов и Пчиња. Сите кои барем еднаш патувале со воз на тој правец, знаат дека сè до станицата Јане Сандански (а помеѓу Велес и Скопје ги има шест) просторот околу пругата е тесен, од двете страни опкружена е со густи, високи грмушки и дрвја и поминува низ Таорската клисура. Не е далеку сеќавањето на детето кое загина на пругата кај Згрополци, кое татко му го закопа и немо продолжи да се движи со надеж дека барем на другото дете ќе му овозможи посветла и посигурна иднина. Тие бегалци беа од Сирија, овие сега од Сомалија и од Авганистан. А бранот бегалци кои само транзитираат низ Македонија по трансверзалата југ-северозапад, од Грција до Германија или првата посигурна земја-членка на ЕУ која ќе ги згрижи и ќе им даде азил, не почна последниве два месеца. Ги гледавме и лани пролетта и летото додека како духови одеа покрај автопатот кон границата со Србија, додека други беа префрлани од граница до граница од нелегалните таксисти. Минатата недела во близина на брегот на грчкиот остров Родос се случи уште една несреќа - потона брод со повеќе од 120 емигранти, од Еритреја и од Јемен, од кои повеќето беа спасени, но по цена на изгубени животи.

Сите тие бегаат од земји кои се погодени од војни, а во кои западноевропските земји се директно или индиректно вклучени. Во Сомалија војната трае повеќе од дваесет години и создаде повеќе од еден милион бегалци кои биле згрижени во Кенија и Етиопија, а само 100.000 примиле западноевропските земји. Од Сирија избегале околу 4 милиони луѓе кои се во бегалски кампови во Турција, Јордан, Либија и во Ирак, додека помалку од 200.000 биле прифатени од ЕУ.

Голготата која ја преживуваат додека да дојдат до зацртаните дестинации содржи приказни од хорор-филмовите. Од почетокот до крајот на патешествието, без разлика во кој центар за азиланти ќе завршат, тие се изложени на уценувања, грабежи, киднапирања, држење во ропство и силувања од страна на криумчарите на луѓе, а во неретки случаи и од страна на полицијата. Најчесто се префрлаат преку пристаништата Мармарис во Турција и Зувара во Либија со рибарски бротчиња кои благодарејќи на корумпираноста на полицајците, не се контролираат кога во текот на ноќта сомнително испловуваат претоварени со бегалци.

Цената која ја плаќаат по човек зависи од тоа од каде доаѓаат. Бегалците од субсахарска Африка (Јемен, Еритреја, Сомалија, Гана, Нигер, Мали) плаќаат по 1.000 долари од човек, Сиријците најмногу 2.500 долари, а Мароканците по 1.500 евра од човек. Кога ќе се соберат сумите заедно со фактот дека едно бротче со капацитет од најмногу триесет луѓе се натоварува со пет пати повеќе бегалци, со едно криумчарење криминалците враќаат половина од сумата која ја вложиле за купување брод.

Додека функционерите на ЕУ размислуваат како да се заштитат од бранот бегалци, политички коректно, но и лицемерно наречени емигранти, Македонија само ги собира нивните тела по патиштата и пругите, а останатите ги апси како да се криминалци. Напротив. Македонија како членка на Обединетите Нации ги потпишала и ги ратификувала Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година и Протоколот од 1967 и со тоа им гарантира безбедност и згрижување на својата територија. Исто така не смее да ги врати во нивните земји и не смее да ги гони кривично за незаконско влегување на нејзина територија. Со тоа им ги крши правата кои се обврзала да ги почитува. Во бегалската криза од 1999 година, Македонија се покажа како држава која успешно се справи со цунами од над триста илјади бегалци од Косово. Згрижувањето на овие бегалци и сите останати кои за жал ќе дојдат на наша територија треба да биде секојдневна обврска на државата, а не оптоварување и проблем кој само треба да се отфрли, а не и да се реши.

Извор: Слободен печат
Фотографии: Ед Каши (Сириски бегалци)