Зарем не ве боли, ни малку?

22.08.2015 12:31
Зарем не ве боли, ни малку?

Утре ако има неред/војна/бомбардирање во нашава/нашиве (балкански) земји, би останале ли да ви ги убијат децата, силуваат жените и пратат мажите „да си играат руски рулет“? Или би пробале да се спасите/да ги спасите? Ако тргнете да се спасувате, дали треба другите земји да ве маваат со шок бомби, да ви поставуваат жици, зашто сте од друга вера, друга земја, имате различна боја на кожата, различна боја на косата, можеби? Дали мислите дека сте/сме луѓе?

Зарем не гледате дека Тие се богатат со тоа што создаваат хаос и омраза? Зарем не гледате дека сите сме граѓани на оваа една земја, планета Земја? Зарем кога ги гледате несреќните, не го гледате одразот свој? Зарем не ве боли, ни малку?

Ања или Ева, 21.08.2015.

 

Математиката вели: 40х50 = 2.000, или со букви: четириесет автобуси по педесет мигранти е еднакво на две илјади мигранти. Да се превезат до границата со Србија. И тоа нека биде секој ден. Говориме за 40 мочани автобуси, или една третина автобуси од тие што тргнаа од Прилеп за Скопје за митингот на власта! И тоа, пази ваму, тие автобуси луѓево сами си ги плаќаат, не мора да се на товар на напатенава ни државичка, која има 18 милиони евра за рингишпил во Вардар. Зборувај ми ти после за неможноста да се справиме со толкав наплив на мигранти, и дека државата нè штитела, а ние сме какале, е мој Богданe, па потоа како државата била немоќна, иако сакала да помогне и слични малодушности од типот - ако толку ви е жал примете ги дома. 40 мочани автобуси, 2000 сендвичи и сокчиња, а зошто да не и 2.000 насмевки и љубезни желби за добар пат ја прават таа огромна разлика од тоа да сме земја цивилизирана и организирана, до оние снимки по белосветските медиуми каде ги малтретираме луѓево што само сакаат да поминат ебани 157 километри по нашава „света“ земја.

Јане Ѓорѓиоски, 21.08.2015.

 

Гевгелија треба да биде ново Куманово за режимот. Срамно и тажно, врз грбот на невините и немоќни мигранти да глумат моќ и да играат невешто дека мува не ги лази... Кондатрци гевгелиски да ги лазат!

Роберт Алаѓозовски, 21.08.2015.

По сè што се случуваше денеска со мигрантите, најмногу сум запрепастена од злобата што се шири на социјалните мрежи. Сериозно сум фрапирана од размислувањата на некои луѓе кои сум ги сметала за хумани и со пошироки погледи од оние примитивните „земи си ги бегалците дома“.

Мери Јордановска, 21.08.15.

 

Американците се криви за све, Европа е курва, Грците цигани, Шиптарите племе, Бугарите исто племе, само татарско, Србите нè мрзат, овие од Сирија, Авганистан, Ирак - терористи, овие мигрантиве од Африка - црнчишта, само Русија е е ОК, аааа а Букурешки договор како нè заебаа? Море и нив мамето... Кинези - жути пушти ги. Е па Индијци? Индијци?! И тие се цигани.

МАКЕДОНИЈА ВЕЧНА!

Срѓан Јаниќиевиќ, 21.08.2015.

 

Кој преживува, тие или ние?! Хорор приказна за големиот Македонец, кој се осоколи економски за време на ДПМНЕ-то... Кој да мисли на уметност, на образование, на хуманост, солидарност и на други убави работи, кога е време за преживување. Побогати за 3 долари, денес - оцрнети во иднината засекогаш. Голем дел од бегалците ќе го најдат своето место под сонцето, зашто тие имале муда да го остават ѓубрето зад себе. Ние сме само попатна депонија во нивната голгота... и нив тоа не ги допира, зашто знаат кои се, што сакаат и каде одат. А вие сте Пепелегазе, тажниот лик од моето детство, кој милувал да седи во пепелта, неговиот единствен знаен дом.

Синоличка Трпкова, Фејсбук, 22.08.2015.

 

Да требаше партиски митинг, дури и спонтано да го организираат, за еден ден ќе превезеа и три пати повеќе партиски активисти отколку што има мигранти на границата. Ни вонредни возови ќе беа проблем, ни автобуси ќе беа проблем. И не само што ќе ги превезеа, туку и прецизно ќе ги евидентираа кој се качил во автобусите. Сосе роднини и пријатели и со вкрстена споредба кого од нив вработила партијата, а кому ветила дека ќе го вработи. И плус и сендвичи и вода ќе им дадеа.

Ама бегалците не се гласачи.

Горан Михајловски, Вест, 22.08.2015.

 

Верувам и се согласувам со математиката на Владимир Петрески. Толку околу недостатокот на „капацитети“ да се справиме со достоинствено помагање на луѓево:

„За 2 месеци во Македонија влегле 44.000 мигранти. Тоа се по 730 дневно. За нив треба 15 автобуси дневно за транспорт. 15 автобуси имаме. 15 автобуси чинат 3.000 евра дневно или 90.000 евра месечно. 90.000 евра имаме. На терористи им треба оружје. Мигрантите немаат оружје и кај ниеден од нив оружје не е пронајдено. Терорист без оружје не е терорист. 100, 200 или 400 терористи да останат во земјава, тоа значи дека од 44.000 бегалци секој стоти или двестоти е терорист. Тоа е премногу. 100, 200 или 400 луѓе не можат да се кријат повеќе од 3 дена. Или ќе нема што да јадат, или ќе бидат брзо откриени кога ќе тргнат по храна. Потоа, МВР има многу добра слика за тоа дали некој останува или не. Ако можеа да ги откријат во кумановските села мигрантите и трговците со луѓе, можат да откријат секого.“

Гордана Попсимонова, 21.08.2015.

 

Ајдеее, отвоρија устишта оние што уρлаат деκа Евρопа се однесувала κон бегалците κо бесна κучκа, а нас евρопсκите медиуми нè ставаат на тапет. И сега, демеκ, јас не тρеба да баρам од нашата полиција да не се однесува κон нив κо бесна κучκа и не тρеба да сум згρозен од сопствената дρжава? Мρш.

Огнен Чемерски, Фејсбук, 21.08.2015.

 

Ако живееме во недемократска (некој ќе рече фашистичка) држава, тогаш е јасно дека имаме и режимска (некој ќе рече фашистичка) полиција. И да, знам дека обичните полицајци се чесни, тие се наши комшии, пријатели, роднини, го знам тоа. Но, треба и да знаете дека таа „наша“ полиција е соучесник во пљачкањето и малтретирањето на имигрантите, дали преку активно учество во злоделата или преку тоа што ја врти главата додека бандите ги напаѓаат бегалците, а потоа полицијата се прави дека ништо не видела и ништо не чула. Сведоштвата на имигрантите, на оние кои се напаѓани, пљачкани, тепани, малтретирани, држени ко робови - го потврдуваат тоа. Затоа тие наши комшии, пријатели, роднини ми се драги кога ги гледам без таа униформа; во неа не ми се истите луѓе. „Нашата“ полиција не е наша, таа не нè брани нас, туку режимот. „Нашата“ полиција спроведува режимски политики. Да беше полицијата вистински наша, таа ќе имаше друг однос кон имигрантите. Сите народи кои живееат во Македонија живееле во војни и биле во ситуација во која денес се имигрантите кои се во нашата држава и пред нашата граница. Зарем сме заборавиле која е и каква е таа мака кога мора да избегаш од својот дом? Срамота за Македонија. Срамота за државата чиј главен град после една поинаква катастрофа беше обновен со помош од цел свет и неговото второ име беше Град на солидарноста. И уште нешто: на властодршците не им е гајле, тие немаат образ и совест; срамот паѓа врз нас кои имаме уште по некоја трунка совест и кои се плашиме да ни биде сеедно кога сведочиме неправда. Разбирам дека Македонија е сиромашна држава, но имигрантите секако не сакаат да останат тука. Што ќе ја чини државата и полицијата да организираат брз и безбеден превоз на имигрантите од една на друга граница? Не, наместо тоа ќе ги обвиниме напатените луѓе за тероризам и ќе правиме драми врз грбот на немоќни деца и луѓе.

Затоа денес ми се гади од оваа држава.

Затоа денес ми се гади од оваа полиција. Затоа денес кога ќе видам униформиран полицаец гледам чувар на мафијашите од ДПМНЕ и ДУИ.

Затоа денес кога ќе видам униформиран војник гледам војник на Груевски и Ахмети.

Затоа денес ми се гади од сите оние кои немаат чувства за солзите на немоќните деца и родители.

Затоа денес ми се гади и од себе и оние како мене, затоа што нè има доволно, ама никако да застанеме во еден ред против злото.

Затоа денес ми се гади кога гледам колку убаво мало парче земја претворија во територија во која има толку големо количество на неправда, бездушност и злоба.

Срамот паѓа на нас, што гледаме и дозволуваме.

Џељо Хоџиќ, 21.08.2015.

Ма која мизерија сме. Само на најнезаштитени, најранливи, најмаргинализирани луѓе знаеме да се силиме.

Немаме три чисти да им се спротивставиме на оние кои нè крадат, мамат и омаловажуваат, сè нешто страв ни било, а над оваа мизерија сме спремни и со сила да реагираме.

Ма дајте бре обезбедете возови, автобуси, камиони. Па тоа е поевтино отколку да ангажираш војска.

Ајде СДСМ, реагирај нешто.

Ајде други политички партии.

Каде сте Албанци кои баравте права за бегалците од Косово?

Сега никаде ве нема.

Срам од земја.

* * *

Се срамам од мојата држава. Се срамам од себеси што не наоѓам начин да го симнам диктаторот. Се срамам од моите сограѓани кои ја поддржуваат оваа власт.
Овие години и овие настани ќе ја обележат Македонија за навека како примитивна, нецивилизирана држава во која власта се изживува над ранливите групи и најнемоќните луѓе.

Бегалци не примаме, ама на мајка Тереза 30-метарски споменик ќе правиме. И цркви ќе градиме. И Христоса ќе го величаме.

Мирјана Најчевска, 21/22.08.2015.

 

Знаете како, кога со години нема да го „вежбате“ општеството на човекови права, кога со години ни се провлекуваат како нормални изјавите „абе дома шо сака нека прај, пред мене да не го гледам со друг“ или „и ја познавам едни комшии Албанци, ок луѓе се“, „ абе и ја сум за рамноправност со жените, нека цепат дрва секоја година ко мене, не ми смета“ и сл., тогаш сосема нормално ќе следува мигрантите да се нарекуваат терористи и непожелни во нашата земја. Ете така, да не мислите оти работите не се поврзани и оти човековите права се селективна работа. Станавме култура на „дома прај си едно, надвор друго“!

Филип Јовановски, Фејсбук, 22.08.2015.

Фотографии: Томислав Георгиев