Репортажа: Лицата на транзитниот центар „Винојуг“

11.04.2016 11:16
Репортажа: Лицата на транзитниот центар „Винојуг“

Транзитниот центар „Винојуг“ во Гевгелија е привремен дом на околу 130 бегалци и мигранти. Секој од нив се надева дека еден ден ќе најде постојано живеалиште и среќа, далеку од воените жаришта и сиромаштијата во нивните татковини. За нивните денови да минуваат безбедно и достоинствено, се грижат волонтери од повеќе организации. Радио МОФ го посети „Винојуг“ и во разговор со дел од нив, се обиде одблизу да ги запознае. Ова се нивните приказни.

Шариф (Саша), 17 години, Авганистан 

„Овде пристигнав пред 25-26 дена. Доаѓам од Авганистан, преку Турција, па со брод до Грција, каде бев околу 28 дена. Откако дознавме дека границата е затворена, дојдовме илегално од Грција во Македонија. За жал, таа ноќ многу врнеше. Реката низ која минувавме јас, моите сестри и мајка ми беше опасна. Сите паднавме во водата и останавме во реката до утрото. Полицијата дојде и нè донесе сите во овој камп. Таа ноќ ги изгубив моите две сестри и зет ми, а моето семејство во Германија не знае за тоа. Не знае ни мајка ми и помалата сестра. Македонија ми се допаѓа, но не можам да останам овде, бидејќи најстарата сестра ме чека во Германија. Таму е сама и се обидува сите да нè доведе таму. Имам и вујко кој рече дека ќе најде адвокат кој ќе ни помогне. Најголем проблем ми е што мајка ми и двете сестри не знаат за несреќниот случај“, вели седумнаесетгодишниот Шариф, кого во кампот го викаат Саша. Се надева дека наскоро ќе продолжи со образованието, бидејќи сака еден ден да биде бизнисмен или доктор. Таму сака да го однесе и татко му, кој останал сам во Авганистан. Младиот Саша раскажува дека пред да побегнат од татковината имале аптека, но Талибанците ја уништиле.

„Овде имам многу пријатели, кои ми помагаат за сè. Имам учител, Александар, кој ме учи македонски. Јас го учам нешто на фарси. Тој е многу добар човек, мој најдобар пријател. Во овој камп во Македонија не сретнав лош човек. Сите се многу љубезни кон нас и сите ги сакам“, вели Саша.

Шариф и Ленче Здравкин, волонтерка

„Се чита тагата во нивните очи, но ја знаат состојбата, свесни се за сè и сепак се јаки. Овие луѓе за мене се навистина бегалци, кои избегале од своите огништа кои веќе ги немаат. Немаат каде да одат. Нивните барања не се големи, едноставно бараат мир и спокој. Многу од нив ми кажуваат дека тргнале од своите земји не знаејќи каде заминуваат“, вели Ленче Здравкин, која беше меѓу првите кои им помагаа на бегалците, уште во 2013 година.

Таа вели дека луѓето таму наоѓаат мир и се чувствуваат барем малку побезбедни. Раскажа и дека не е реткост ни да слават родендени, многу се дружат и сите се трудат на жителите да не им биде толку досадно.

Еден од најмладите жители во центарот е и ова десетмесечно бебе, родено во Македонија

„Жените се активни, ги покажуваат своите способности. Во кампот доаѓаат нови луѓе, се раѓаат бебиња. Секој ден е повесел, се трудиме колку што можеме денот да им биде исполнет. Едноставно, животот продолжува“, додава Здравкин.

„Стефан“, Иран

„Кога пристигнавме од Грција во Македонија, ни кажаа дека границите за нас се затворени. Кога стигнавме на границата со Македонија, видовме дека има река. Бевме 35 луѓе кога паднавме во длабоките делови на реката. Моето семејство, исто така, падна во водата“, раскажува млад Иранец, кој сакаше да остане анонимен. Тој не смее да се врати назад во Иран, бидејќи ја сменил верата и поради тоа му се заканува тешка казна. Тој не се сеќава на таа ноќ бидејќи удрил со главата во камен и се онесвестил. Кога се разбудил, тој веќе бил во болницата на кампот.

„Владата нè бара мене и моето семејство, можеби ќе нè убијат, бидејќи ја сменивме религијата. Во Иран не можеш да ја смениш религијата од ислам во христијанство“. Тој планира да остане во Македонија, за да помогне во кампот, каде е познат како Стефан. На луѓето таму им нуди бесплатно шишање.

Сара, 16 години, Сирија

„Доаѓаме од Алепо, Сирија. Со мојата мајка и трите сестри сме во Македонија веќе еден месец. Претходно на српската граница престојувавме 70 дена. Дојдовме преку Грција, а до таму стигнавме со брод. Овде е добро, само не ни се допаѓа храната. Секогаш јадеме исто. Инаку, луѓето од УНИЦЕФ, полицајците, волонтерите, сите нè третираат добро“, вели Сара, која има 16 години.

„Некои семејства живеат по повеќе лица во една барака. Понекогаш знаат да се појават стаорци. Во кампот има и трудници – една од нив треба да се породи во наредните денови. Најмладиот жител на кампот има само две недели. Мислам дека не е најбезбедно за нив“, вели Бату, постарата сестра на Сара, 18.

Сара, Авин и Абрах

„Јас сум од Дамаск. Се дружам со Сара и нејзините сестри. Се запознавме овде. Англиски знам малку, а повеќето луѓе овде зборуваат фарси. Со Сара, Бату и Абрах разговараме на арапски. Запознавме и многу пријатели од Македонија, кои работат овде“, додава 19-годишната Авин.

Таила Дауд, волонтерка од Јордан

Таила Дауд е најновата волонтерка во кампот. Доаѓа од Јордан, но мајка ѝ е Македонка и совршено зборува македонски јазик.

„Јас докторирав внатрешен дизајн, но бидејќи знам течно да зборувам и арапски и македонски јазик дојдов да им помогнам на луѓето. Знам колку е тешко кога човек не знае јазик, како е да се мачи во туѓа држава. Кога студирав во Киев, не знаев ниту еден збор. Знам како е да си во држава каде да живееш, а да не знаеш ништо“, вели Дауд.

Таа зборуваше за своето искуство во Јордан, каде исто така волонтирала во бегалски камп. За таму вели дека условите се многу подобри, и ги прифатиле како да се Јорданци. Бегалците таму, вели, имаат и работни дозволи. Некои си отвориле свој бизнис, а други пак, си заминале од државата.

Влез на една од бараките каде престојуваат бегалците

„Во Јордан има и посебни училишта за децата бегалци со предавања во втора смена. Во Јордан им даваат поубави услови, тука треба малку подобра исхрана. Најчесто се жалат дека во бараките каде што спијат се појавуваат бубачки, глувци“, забележа Дауд.

Според неа, има многу начини како секој еден да помогне и да направи мали и ситни работи што ќе ги израдуваат тие што се таму.

Ристо Василев, волонтер на Црвен крст

„Волонтирам овде веќе шест месеци, во кујната. Кампот сега функционира добро, поорганизирано е. Претходно, кога беше само транзит, луѓето се задржуваа по два-три часа, јадеа еден оброк и веднаш се качуваа на воз. Работата не е тешка бидејќи сега нема многу гужва. Веројатно на Табановце има многу повеќе народ. Овде има околу 150 луѓе“, вели Ристо Василев, волонтер на Црвен крст од Гевгелија. Како жител на градот, посведочил доста од хуманитарната криза, но вели дека не се чувствува загрозен од големиот број бегалци, и сака да им помогне.

„Убаво е да се помогне, не дај Боже тоа да му се случи на некој друг. На овие луѓе не им е лесно. А, колку ќе потрае ова, никој не знае“, додава.

„Најтешко ни беше кога бевме на станиците, тогаш немаше ред и сè беше хаос. Бевме тројца волонтери, со шест полицајци. Тоа беше тешкиот дел на кризата, летото минатата година, околу јули и август. Сега имаме процедура, имаме тимови кои си ја вршат работата. Најважно е да се искоординираме меѓусебно уште на почетокот од денот, и тогаш секоја препрека може да се надмине“, вели волонтерот Кристијан Илов, кој на бегалците им помага веќе 11 месеци.

Димитар Ристов, Здружение на млади правници

Димитар Ристов од Здружението на млади правници, им помага на мигрантите со правните проблеми.

„Јас волонтирам во Здружението на млади правници. Даваме правна помош, особено при постапката за барање азил. Овде сме да им помогнеме на мигрантите за сè што им треба поврзано со нивните права. Овде сме откога е отворен кампот, од 21 август“, вели Ристов.

„Кога тргнавме, решивме да стигнеме во Германија, но сега не знаеме каде Господ ќе ни напише да живееме. Од Сирија излеговме со пасош, а од Турција на црно, со брод. Без разлика дали сме исплашени, ние избегавме поради децата“, раскажуваат Данија и Зејнеп, Сиријки чии сопрузи ги чекаат во Германија.

Атмосферата од транзитниот центар во Гевгелија може да ја погледнете и во видеото подолу направено викендов.

Извор: Радио МОФ