Груевски: Граѓаните на протестите се креирани, сечени, лепени и прелепувани

07.05.2015 13:27
Груевски: Граѓаните на протестите се креирани, сечени, лепени и прелепувани

Скопје, 7 мај 2015

Премиерот Никола Груевски во синоќешното интервју на Сител телевизија на прашање на Цаци зборуваше за протестите против полициската бруталност кои започнаа во Скопје, а продолжија во Битола и Прилеп, со најава за исти такви и во други градови.

– Види Цаци, јас знам дека ти си разбираш МВР, те гледам, си разбираш, си следиш, си работиш… па затоа ме зачудува што поставуваш прашање на кое одговорот е толку очигледен и јасен. Нема масовни протести ниту во Скопје, ниту во други градови. Се работи за група од педесетина до максимум, значи максимален максимум, до 100 луѓе, кои претходно се креирани во лабораторијата на СДСМ а со финансиска поддршка на СОРОС. Значи тоа не се ни вистински луѓе, туку креирани и монтирани преку посебна хемиска формула за креација на луѓе. Прво креираат најразлични делови од телото на луѓето, а потоа истите ги монтираат па на крај се добива граѓанин-демонстрант – откри премиерот Груевски.

Зачудената Цаци во моментот, иако си следеше, сепак не успеа да разбере па мораше да постави дополнително прашање, за тоа како е можно да се работи за само 50 до 100 луѓе кога на протестите има многу повеќе.

– Епа тука доаѓа главниот дел од нивната подмолна стратегија. СДСМ и СОРОС ги земаат тие креирани и монтирани граѓани, па почнуваат да ги сечат, па да ги лепат и прелепуваат. Значи земаат претходно креиран граѓанин кој на протестот стои од десната страна пред Владата или Собранието, го сечат, па го лепат и прилепуваат на некој граѓанин кој се наоѓа од левата страна, и така повеќе пати, се додека не се добие масовност – откри Груевски и ги повика граѓаните да не наседнуваат на ова сценарио и да не им веруваат на своите очи, кога гледаат фотографии и видео материјали од протестите.

Извор: kozanostra.net