ДПМНЕ ветува: за четири години сите граѓани ќе пеат во нашиот хор

22.04.2014 09:50
ДПМНЕ ветува: за четири години сите граѓани ќе пеат во нашиот хор

Скопје, 22 април 2014

По неверојатно позитивните реакции на граѓаните за спотовите со хорска пропаганда на ДПМНЕ, расте интересот кај младите, но и постарите граѓани за членување во хорската група на партијата која остварува.

Само во текот на вчерашниот ден во штабовите на владејачката партија се пријавиле околу 100.000 граѓани кои со растреперен глас прашале кога е следната проба и дали има аудиција на која треба да се претстават со партиска преработка на македонска народна песна.

„Интересот е огромен. Ни се јавуваат потенцијални хористи од целата држава, од сите националности, вери, возрасти, пол, агрегатна состојба... дури се јавија и неколку илјади кои повеќе не се живи“, изјави лидерот на ДПМНЕ Никола Груевски.

Тој објасни дека членувањето на сите граѓани во еден иста вокална група е еден од проектите кој не е најавен, а чија реализација е започната, и им излегува во пресрет на 99% од македонските граѓани кои не знаат да функционираат поинаку освен во хор.

„Внимателно работевме на текстот и аранжманот, па затоа не сме зачудени од хороманијата што ги зафати луѓето во земјава. Знаеме дека соло-кариерата за многумина претставува вистинска мака и дека е подобро да се биде во тимот што победува. Впрочем, направивме хор и од многу соло пејачи кои сега настапуваат на нашите митинзи“, коментира Груевски.

Аналитичарот и музиколог Галамчо Тапанџиев смета дека уметнички највредна од сите хорски изведби е преработката на химната на Македонија, бидејќи најдобро го отсликува совршениот спој на партијата и државата.

Исто така, Тапанџиев смета дека е сосема извесно зголемувањето на разликата на ДПМНЕ пред опозицијата, по објавувањето на спотовите со хорско пеење.

„Ваквите спотови ќе привлечат маса глуви и слепи луѓе, какви што несомнено има најмногу во Македонија. Од друга страна, веќе стигнуваат информации за луѓе што умреле од смеење или гадење откако ги гледале спотовите. Вториве, несомнено, никогаш не би можеле да бидат гласачи на ДПМНЕ, па затоа зголемувањето на предноста на владејачката партија пред конкурентите е сосема извесна“, коментира Тапанџиев.

Неофицијално, дознаваме дека токму хорот на ДПМНЕ догодина ќе ја претставува Македонија на меѓународниот фестивал на десничарска народна музика „Гебелсови филиграни“ во Долно Дупени.

Од владејачката партија за сега не ги коментираат ваквите шпекулации.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото