За поширокиот контекст на груевистичката неолиберална клептократија и тоталитарна параноја (4)

14.05.2015 11:09
За поширокиот контекст на груевистичката неолиберална клептократија и тоталитарна параноја (4)

Што сега?

На Македонија ѝ се потребни суштински, би рекол дури и радикални промени. На оваа земја итно ѝ треба нов договор за нови фер правила на игра во политичката, економската и културната сфера и остри санкции за оние кои ги прекршуваат овие правила. Овие промени нема да дојдат однадвор, туку само можат да дојдат одвнатре, бидејќи само ние внатре, граѓаните на Република Македонија, имаме длабок и суштински интерес од нив. Заев и СДСМ направија еден решителен и храбар прв чекор во откривањето на шокантниот обем на злоупотреба на власта од страна на Груевски и граѓаните, освен оние кои живеат во информацискиот меур креиран од груевистичкиот апарат за надзор, веќе увидуваат какво влијание имаат овие злоупотреби врз нивното тешко и осиромашено секојдневие. Вториот чекор кој е потребен за овие промени е канализирањето на општото незадоволство од оваа влада во едно широко прогресивно општествено движење за радикални промени кои ги обединува сите незадоволници - работници, студенти, синдикати, наставници, професори, младинци, уметници, интелектуалци, невработени, хонорарци, социјални случаи и сите други кои се маргинализирани и репресирани од оваа власт - без разлика на нивната етничка, класна и верска припадност, пол или сексуална ориентација. Само една ваква широка коалиција има шанса да ја размонтира политичката, економската и културната архитектура на неолибералната диктатура на Груевски и неговата посторвелова држава на надзорот. Сите овие групи на луѓе имаат интерес за воспоставување на овие нови фер правила на игра и тоа треба да биде основата за нивното коалицирање. Бидејќи живееме во глобализиран неолиберален капиталистички поредок, ваквата коалиција на национално ниво ќе треба да биде вклучена во широко меѓународно движење на отпор кон истиот овој поредок. Градењето на вакво движење и на домашно и на меѓународно ниво ќе бара многу макотрпна работа, но работењето на него е веќе почнато во Македонија.

Ова движење би можело да формира и динамична самостојна политичка партија со широка граѓанска база на членови и гласачи која би се појавила на следните, први по Груевски, слободни, фер и демократски избори, организирана од една техничка влада и која би се борела за одбрана на општото добро и за содавање на радикална демократија како лек за дефектите на класичната повеќепартиска парламентарна демократија, која во услови на едно клиентелистичко општество води кон постојано создавање и менување на корумпирани и непотистички влади. Како што веќе покажа пленумската демократија на студентите на Македонија, која му го даде првиот црвен картон на Груевски и неговите универзитетски реформи, оваа партија не би била класична политичка партија со типична хиерархиска структура, туку би била сојуз на различни групи кои на демократски начин си ги одредуваат своите стратегии и тактики. Сириза во Грција веќе покажа дека ваква партија може и да победи на избори во еден неолиберален режим.

За мене вистинското решение на кризата лежи во постојаната и долгорочна политика на отпор и протест на самите граѓани на Македонија со која на краток рок драстично би се зголемиле трошоците на владеењето на врхушката на Груевски. Како што вели Хенри Жиру, кога живееш во тиранија, осмислениот и организиран отпор не е избор, туку е непоходност. Треба да се оди на контролирана дестибилизација на режимот на Груевски, што е нешто многу различно од дестабилизација на земјата, со која режимот сака да се поистовети во очите на своите поддржувачи. Со постојани и масовни мирни протести, штрајкови и масовно покажување на граѓанска непослушност, владеењето на Груевски ќе стане сè потешко, бидејќи сите овие постојани акти на отпор ќе бараат премногу енергија за да може да ги менаџира на начин како што го правеше во минатото.

Треба да продолжиме да градиме алтернативни медиуми, образовни и културни институции, нови алтернативни општествени инфраструктури на солидарност и нови места каде што ќе можеме да се образуваме, информираме, да размислуваме критички, каде што ќе учиме со почит и отвореност да го сослушаме ставот и искуството на оној кој е различен од нас, да дебатираме, да наоѓаме вистински решенија за оваа агонија во која се наоѓаме и да се помагаме и грижиме еден за друг, сè додека ние, граѓаните, не си ја вратиме државата и нејзините инситуции во наши раце. Размножувањето на активни неформални различни граѓански иницијативи покажува дека сме тргнале по тој пат. Само по овој трнлив пат ќе можеме да изградиме силно граѓанско општество кое никогаш повеќе нема да дозволи да се узурпира државата од грст луѓе кои се наметнаа како апсолутни господари на целото општество.

Постојат пукнатини во самата клиентелистичка мрежа која врхушката успеа да ја изгради во последните девет години. Од она што имаме прилика да го чуеме во објавените прислушкувани разговори меѓу самите моќници-спонзори, нивните брокери од средните и пониските ешалони на власта и владејачката партија, како и нивните клиенти, вработените гласачи и членови на владејачката партија во државната администрација и фирми, гледаме дека односот на Груевски и неговиот најблизок круг сега далеку излегува од рамките на типичен политички клиентелизам.

Постои значителна разлика за тоа како се разбира клиентелизмот во политиколошката и антрополошката литература. Политиколошката литература го обработува феноменот на клиентелизам исклучиво во рамки на функционирање на партиски машинерии и купување на гласови, и по дефиниција е означен како нешто крајно непожелно. Антропологијата има пошироко и многу понијансирано разбирање за овој феномен. Политичкиот клиентелизам обично во антрополошката литература е дефиниран како една асиметрична врска помеѓу покровителот и клиентот која е доброволна, реципроцитетна, лична и емоционална, која опстојува подолго време и во која постои размена на добра и услуги за политичка поддршка, и во која двете страни во врската имаат корист. Во антрополошката литература сите други асиметрични односи кои се базираат на присила, авторитет, и манипулирање не се клиентелистички. Од тоа како врхушката на Груевски се обидува да мобилизира поддршка од своите клиенти-гласачи во борбата против ефектите на „бомбите“ на СДСМ, гледаме дека има има голема присила (закани за отпуштања од работа) и прашање е на време колку една таква присилна неклиентелистичка мрежа е одржлива на подолг рок.

Во исто време додека организирано трае деградирањето на изнасилената мрежа на домобранска подршка на врхушката во услови на засилен масовен граѓански отпор, сета колективна прогресивна интелигенција на Македонија би требало да осмисли една вистинска политичка и економска алтернатива за неолиберализмот. Токму со оваа алтернативна визија сме исправени пред најголемиот предизвик. СДСМ како најголема опозициска партија со левичарско педигре сè уште нема излезено со ваква вистинска економска алтернатива за неолиберализмот. Доколку таа не успее да го направи тоа, тешко ќе се наметне како кредибилна алтернатива за дивиот неолиберализам на ДПМНЕ и покрај многу зголемениот рејтинг и кредибилитет кој сега го стекнува со „бомбите“.

Економисти околу левичарското движење „Солидарност“ веќе имаат конкретни, реални и одржливи итни мерки за поправедна распределба на доходот кој го произведува националната економија. Но, сепак, ни треба една кохерентна, долгорочно издржлива и праведна економска развојна стратегија која нема ништо заедничко со неолиберализмот. Обичните граѓани знаат дека вистинските промени почнуваат со неповратното заминувањето на Груевски од македонската политичка сцена и со враќањето на правната и социјалната држава во Македонија онака како што се дефинирани во постечкиот македонски устав. Но, ним им треба убедлива економска визија која ќе им даде вистинска надеж за патот што треба да го изодат во блиска иднина.

На меѓународен план, она што СДСМ би требало да го бараат од ЕУ и САД, со сите нивни дефекти, е гаранција дека ако Груевски се одлучи со крвави репресалии да се одржи на власт по секоја цена, тие решително ќе интервенираат и дека по таквата интервенција сепак на крајот ќе ги остават граѓаните на Македонија да си ги уредат работите внатре на начин кој е во нивен долгоречен интерес.

Државата на надзорот мора да се заузда еднаш засекогаш во Македонија, а тој процес мора да почне со кривична одговорност на оние што неовластено прислушкуваа со години и кои противуставно го узурпираа целиот државен апарат за лично богатење. Какви било решенија од типот на амнестирање на главните виновници за оваа криза во Македонија се погубни за долгорочната демократска иднина на земјата. Со евентуалното амнестирање се испраќа јасен сигнал дека значајни негативни санкции за злоупотреба на власта нема и на тој начин постојано ќе бидеме изложени на обиди некој друг политичар во блиска иднина да го направи истото како Груевски. Не можеме да си дозволиме крпеници од некакви привидни решенија. За граѓаните на Македонија сегашниот политички систем е крахиран и нема никаква легитимност. Легитимност на политичкиот и економскиот систем во Македонија не може да се гради преку амнестирање на главните предизвикувачи на длабока криза која доведува до губење на таа легитимност.


За да не ни се повтори ова исто зло кое го трпиме веќе девет години, мора да изградиме механизми на граѓанска контрола на законодавната, извршната и судската власт која не завршува со гласање на избори кои не се наместени. Граѓанското општество мора на широка врата да влезе институционално во собранието на Македонија и да претставува вистинска контрола и рамнотежа на големите клиентелистички и етнизирани политички партии. Јас дури би одел дотаму да се создаде дводомно собрание, во кој вториот дом е дом на граѓаните, каде видни непартиски определени граѓани и лидери од невладини организации би биле избрани на непосредни, фер и слободни избори од гласачкото тело на Македонија да ги застапуваат интересите на сите граѓанските сегменти и кои во исто време ќе ги претресуваат законските решенија предложени во другиот дом составен од пратеници на типични политички партии.

Дали постои историска визија и политичка храброст за радикални промени во Македонија, само времето ќе покаже. Има ркулци на надеж дека таква политичка храброст постои. Тие ркулци треба макотрпно сите да ги култивираме.

(крај)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел

Слики: Tom Crestodina