Достоинството на мигрантите

17.06.2015 09:53
Достоинството на мигрантите

Вчера застанавме со другарка ми на бензиска да си купиме Харибо, онака, со куроболие. Харибо сакавме.
Пред нас чекаа на ред за наплаќање тројца странци.
Води шишиња имаа најмногу.
Наши генерации. Другари. Браќа. Роднини по мака - сигурно... другото Господ знае што беа. Само со по еден ранец на нив сите тројца.
Дури чекавме ред зад нив ѝ реков: Овие немаат ништо веќе во животот, а? Маја? - прашав на глас некако несвесно за она очигледното.
Некако како да сакав да го чујам ужасот од некој друг. Да ми потврди. Онака како кога прашуваш за некој: „Умре ?“
А гледаш и сам дека не дише.
Ништо! - ми рече само тивко.
Немаат ништо.
И си плативме и си отидовме.
Жал ни е на сите. У реду е. Ретко кој може многу да помогне. Да им врати сè. Сендвич? Вода?
Во еден момент, само за момент, ми помина низ глава да му кажам „наплати ги и нивните води“ на продавачот на каса.
Само во една секунда и момент ми помина тоа низ главата. Ама не го направив тоа. Може згрешив, не знам. Боже ме прости ако ми се пише за грев. Ме фати страв од помислата во секунда, онаа себичната, дека и јас можам да бидам во таква ситуација утре, не дај боже.
„И шише вода?! Мене?! Некој странец. В газ да си ја начукаш“, мислам дека ќе му кажев...
Немаа ништо! А си стоеја гордо и си чекаа ред. Толку колку што имаа. Нозе и ранче и шише вода.
Два дена ми доаѓа некоја чудна помисла во интервали, се мислам што беше таа чудна енергија и некое чудно смирено чувство кое го ширеа тие тројца Сиријци, моја генерација, кои веќе немаа ништо во животот, а кое не ми дозволи да им чепнам во она единственото кое веројатно го носеа во ранците. Не смеев. Знам дека - не смеев! Не смеев...

Ноќва дури пушев цигара ми текна што носеа и со што зрачеа со тоа ништото спокојно околу себе.
Знаев дека го знам од негде.

„Во очиве си носам водичка, во срцево огинче. Ако си жеден напиј се! Ако ти студи - стопли се!“ Шариф Рази, сириски поет од 11 век. Сириски, да... ете случајно.

Мислам дека достоинство носеа. Достоинство само носеа во ранчињата. Она што ние при вода, при леб одамна сме го изгубиле...

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографија: Небојша Гелевски