1009 hPa
45 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 12:59
Извештајот на Прибе ја растревожи власта со дијагнозата за криминалноста на владеењето на на груевизмот. Прибе не ја одмина ни лустрацијата и побара нејзина ревизија. Со панична брзина и недоквакана лукавост, налогодавците и извршителите се обидуваат да ја привршат оваа мрачна операција, скроена и изведена според наци-болшевички урнек, за да ги покријат трагите на злоделото и да ја избегнат заслужената казна.
Не ме изненадија потписите на пратениците Александар Милошоски и Илија Димовски под предлогот да престане важењето на законот на лустрација. Првиот, злоупотребувајќи ја својата партиска моќ и функцијата во власта, бил снимен како нарачува лустрирање на судијата од Кичево. Вториот, Димовски, лично и преку медиумите под негова команда, им пресудуваше на жртвите на ловот на вештерки уште пред да биде завршена судската постапка.
Дали ме изненадија потписите на Талал Џафери и Рафиз Алити? Не, зашто нивната партија секундираше во донесувањето на килавиот закон и аминуваше при кршењето на истиот закон од страна на божем независната комисија раководена од безмандатниот Аџиев. Но ме изненади изјавата на Алити кој деновиве, меѓу другото, изјави: „Ние како држава и земја треба да ги побараме досиејата од Белград за да се направи вистинска лустрација. Сè додека не се направи тоа, многу работи ќе останат отворени, им го должиме тоа на настраданите во комунизмот“.
Од овој дел на изјавата на Алити произлегуваат три прашања. Првото гласи: Дали тој и неговата партија ќе предложат нов закон за лустрација? Второто: Кај беше и што му се чинеше на пратеникот кога опонентите и критичарите на првиот и вториот закон за лустрација предупредуваа дека најважните досиеја на ОЗНА, УДБА и КОС се во Белград? И зошто гласаше за такви закони? И, најпосле, дали чувствува одговорност, лична и политичка, за тоа дека неговиот потпис стои покрај потписот на Димовски, кој ја прогласи лустрацијата за успешна, а тој, Алити, ја оцени за неуспешна?
Предлогот на четворицата пратеници од владејачката коалиција ќе остане запаметен како пример за леснотијата со која оваа власт ги газеше човековите права и произведуваше без вина виновни само поради тоа што тие беа препрека за непреченото автократско владеење на Груевски и неговата клика и клиентела. Во членот 5 од својот Предлог, четворицата пратеници предлагаат срамната криминална операција на клеветење и плукање да заврши набрзина, така што Комисијата за лустрација ќе достави само информација (!) за конечното завршување на постапките кои се во тек, а Собранието, без претрес (!), ќе констатира дека од 1 септември Комисијата нема мандат за покренување нови постапки. Ни лук јале, ни лук мирисале! Комисијата е амнестирана, сите гревови ѝ се простени, вклучително и пиши-бриши на нејзината веб-страница, односно манипулирањето со досиејата на лицата кои службите за државна безбедност ги сомничеле/прогласиле за идеолошки и политички сомнителни, па сè до лустрирањето мртовци!
Аџиев и лустраторите кои му аминувале се всушност гробари кои откопуваа мртовци за да ги закопаат одново, но овој пат накодошени дека биле кодоши. Накодошени, зашто мртвите не можат да се бранат. Мртвите не зборуваат. Не можат ни да побараат јавна расправа. Накодошени, зашто ни нивните потомци не можат да ги бранат. Накодошени, зашто „доказите“ за нивната наводна соработка се недостапни и тајни! Каков „успех“ на гробарската дружина! Спречи 98 мртви граѓани да се кандидираат за јавни функции! „Подвиг“ достоен за Светата инквизиција. Но, гробарството на Аџиев и аминџиите не завршува со откопувањето на мртвите. Не, тие закопуваа и живи. 101 граѓанин. Незакопани мртовци, што би рекол Сартр. Бележани, оцрнети, осудени однапред, нивните имиња шепнати на мршојадците во Грујовите медиумски труби. Но, планот беше само делумно остварен зашто не сите незакопани мртовци беа замолчани. Списокот на гревовите на членовите на Комисијата кои беа соучесници на Аџиев и послушници на Груевски е речиси бескраен. Долг е и списокот на судиите кои ги легализизираа нарачаните анатеми, најчесто лични пресметки со „неподобните“ за режимот и за фрустрираните членови на комисијата.
И сега, наеднаш, од 1 септември, за да се испревари ревизијата што ја бара Прибе, за да останат заштитени „крупните риби“ меѓу соработниците, односно вистинските кодоши, како и за да се избегнат непријатните прашања за одговорноста на гробарите, власта објави крај на приказната. Без расправа во Собранието, без извештај, само со информација! Постапката е веќе видена. Во 2001 година, кога на власт беа ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, Собранието не доби извештај за тоа колку досиеја за македонски граѓани воделе службите за безбедност од идеолошки и политички причини, колку досиеја се во Македонија, а колку се во Белград, ниту колку граѓани побарале и оствариле увид во своите досиеја.
Тоа ги овозможи манипулациите со досиејата што од 2011 година ги прави Аџиев, кој досиејата на жртвите, на начин на кој и УДБА би му позавидела, ги трансформираше во досиеја на соработници. Јавноста беше информирана за тоа дека побарал од службите и од архивот известување за тоа дали биле соработници речиси 5.000 граѓани, но јавноста никогаш не беше известена за колку граѓани Аџиев добил потврда од службите и од архивот дека имале соработнички досиеја. Односно, колкумина од нив требало да бидат лустрирани. Не беше известена ни за тоа колкумина од лустрираните не биле на списоците на соработници што УБК му ги доставила на Аџиев.
Има прашања кои не смеат да останат неодговорени. Затоа е неопходно Собранието да формира анкетна комисија која детално ќе го испита применувањето на Законот за определување на услов за ограничување на вршење јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност. На пример, како и зошто останал нелустриран еден од македонските олигарси, за кого УБК го известила Аџиев дека има соработничко досие, а истото било потврдено од членот на комисијата задолжен да извести за предметот? Една од појдовните точки за анкетната комисија можат да бидат аудио записите во кои докажуваат дека врвот на извршната власт ја наложувал и насочувал лустрацијата.
Не знам каква информација наумиле предлагачите да му достави комисијата на Собранието, но знам каква дезинформација ѝ нудат на јавноста гробарите на својата веб-страница. Според Регистарот објавен таму (состојба на 26 јули 2015 година), лустрирани се вкупно 199 граѓани, а починати се 35. Но, Комисијата лаже. Мртви се 98 од лустрираните граѓани. Речиси половината, секој втор! Еве еден пример: Меѓу лустрираните починати го нема ниту името на Славко Јаневски, ниту податоците за неговиот случај. За да се заборави срамната одмазда на инфериорните. Овој пример е доволен за да побара идната анкетна комисија точен податок колку починати граѓани биле лустрирани. Меѓу лустрираните 199 лица се и 66 граѓани кои раководеле или работеле во органите за внатрешни работи, односно службата за државна безбедност, вклучително и неколку републички секретари и министри за внатрешни работи. Сега се поставува прашањето: Како е можно некој да раководи или да работи во органите за внатрешни работи, односно службите за државна безбедност, а истовремено да биде таен соработник? Одговорот на ова прашање е загатка на која треба да побара одговор анкетната комисија, како што треба да побара и одговор на прашањето како е можно истовремено да се биде и жртва на службите и нивни соработник? Регистарот покажува дека се лустрирани 199 граѓани, но открива само 99 имиња, помалку од половината. Почнувајќи со реден број 138, кај 35 лустрирани (речиси сите од СВР, МВР и СДБ) во графата „Забелешка“ е напишано дека се починати и кај нив не се откриени имињата. А кај 12 граѓани во истата графа е напишано дека решението на Комисијата е поништено (од еден или од двата управните судови, претпоставувам) и 10 од нивните имиња не се објавени, но 2 имиња (реден број 19 и 36) се објавени. Зошто? Кај редните броеви 40, 55, 133, 148, 151 и 152 нема ни име ни податоци, само во графата „Забелешка“ пишува дека согласно член 36 од Законот, на барање од УБК податоците не се објавуваат. Зошто ваков специјален третман? Дали се работи за активни соработници чии идентитети треба да се заштитат? Но, во овие 6 случаи барем знаеме кој побарал криење на идентитетот. УБК, односно Мијалков. А кој и според кој закон побарал криење на идентитетот на лицата со редни броеви 15, 29, 31, 38, 51, 65 и 75, кај кои не само што нема име, туку и сите графи се празни, вклучително и забелешката? Сега веќе работата на гробарите станува мистерија која се комплетира со податокот дека кај 40 лица, првото под реден број 60 и последното под реден број 130 нема имиња, а забелешката е празна. Ако се починати, зошто во забелешката го нема тој податок? За да се намалат негативните ефекти од гробарската ревност и од злоупотребата на лустрацијата која се изроди во прогон на живи и на мртви?
Колку ја чини власта постоењето на комисијата за извртување и прикривање на фактите, односно гробарската дружина која „успеа“ да им го затвори патот кон јавните функции на мртовци, на физички доодени луѓе и на пензионери да вршат јавни функции? Но не успеа да ја оствари главната цел, не успеа да ги замолчи сите свои опоненти и критичари. Дури и еден од најмоќните луѓе од власта има речено дека од лустрацијата „имаат повеќе штета одошто корист“. Да, тоа е точно, без оглед на тоа што го мотивирало моќникот да го каже тоа. Метастазираната лустрација во режија на Груевски и во изведба на Аџиев придонесе за намалувањето на илузиите на меѓународната заедница за режимот на Груевски. Венецијанската комисија, Стејт департментот и Европската комисија укажаа на тоа дека лустрацијата е далеку од правото и правдата. Дури и гласниот поддржувач на лустрацијата, бугарскиот пратеник Ковачев, јавно го повика Груевски да си поднесе оставка.
Колку вкупно ги чини досега македонските граѓани „подвигот“ на гробарската дружина на безмандатниот Аџиев не знам, но знам дека и во буџетот и во ребалансот на буџетот за 2015 година (пред и по Предлогот за престанување!) буџетот на дружината е 314.000 евра. Комисијата ќе ги задржи сите 18 вработени, иако од 1 септември нејзиниот мандат да покренува нови постапки престанува и нејзиниот обем на работа значително се намалува! Зашто според предлогот, мандатот на комисијата престанува со конечното завршување на постапките за кои таа има донесено решенија до 1 септември. Но, ако се има предвид брзината со која управните судови од 2012 година одлучуваа за обжалените решенија, јасно е дека власта им обезбедува на гробарите плати за уште барем две години, вклучително и привилегиите на Аџиев.
Дури и да успее власта да го протурка предлогот на четворицата свои пратеници во Собранието, налогодавците и послушниците нема да можат да останат неказнети. Гласачката машина во Собранието нема да може да го замолчи Судот во Стразбур, нема да може да ги избрише аудио записите кои ќе стигнат кај специјалниот јавен обвинител, нема да може да ги покрие манипулациите и фалсификатите на гробарската дружина предводена од Аџиев.
Слики: Свирачиња
Извор: Фејсбук