1009 hPa
45 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 12:59
Колку сум бил среќен што ми ја забраниле претставата
„Лично мислам при тоа имајќи го во вид однесувањето на ПОО 'Драматург' за време на разговорот, тој чувствува одредено задоволство што сè се има случено околу забраната на премиерата на 'Големата вода' и дека тоа ќе го искористи во градење на личен престиж во средината каде работи и живее“, вака ја завршил инспекторот (името покриено со црно, м.з.) својата службена белешка од информативниот разговор кој со мене го водел на 3.03.1977 година. Разговорот бил „обавен по нивна иницијатива“, со цел да се расветлат некои моменти од мојот престој во Братислава, а посебно поради забраната за изведување на делото 'Големата вода' од Живко Чинго во моја режија во театарот 'Нова сцена' во Братислава“.
Доколку треба да судам за т.н. службени белешки, од оваа и од другите што се наоѓаат во моето досие, заклучувам дека се полуписмени, непрецизни, понекогаш и тенденциозни, а честопати од нив повеќе зборува амбицијата на инспекторот, а многу помалку жртвата. Но, заклучокот на инспекторот кој, небаре е Фројд или барем Иследникот од „Злосторство и казна“, сугерира дека сум чувствувал одредено задоволство (!) и дека забраната ќе сум ја искористел за градење личен престиж во средината каде работам и живеам (!) претставува опасна инсинуација. Во воздухот просто лебди сугестијата дека јас можеби сум ја предизвикал забраната заради градење личен престиж. Значи, заради кариеризам. Слична инсинуација направи неодамна и претседателот без мандат Аџиев кога, откако призна дека не сум потпишал согласност за соработка и дека не сум примал пари, ме наклевети дека сум соработувал заради напредување во кариерата.
Најчудната работа во моето досие е тоа што е отворено на 9.10.1976 година, кога наведените причини (анархолиберализмот, студентските демонстрации од јуни 1968, списанието „Фокус“ и „Театарот кај Свети Никита Голтарот“) веќе не биле актуелни и жешки политички прашања. Првата службена белешка во досието е од 14.10.1976 година, само пет дена подоцна: „На ден 13.10.1976 година во просториите на МНТ се сретнав со Стојмир Поповски – директор на МНТ, Живко Чинго – директор на драмата при МНТ и Бранко Ставрев – режисер на МНТ. Во разговор со нив – поединечно бев запознаен дека драмата при МНТ од 18-26 октомври ќе гостува во ЧССР-Братислава со пиесите 'Отепвачка' од Р.Крле и 'Сеништата во долината Шентфлоријанска' (инспекторот не дочул, не се работи за сеништа туку за соблазна, м.з.) од И.Цанкар, во режија на Бранко Ставрев и на Владимир Милчин. Овоа гостување е во склоп на културната соработка /традиционална/ со Словачка, посебно со театарот 'Мала брана' од Братислава (инспекторот пак не дочул, 'Мала Бронна' е театар во Москва, м.з.). На пат за ЧССР еден ден ќе се задржат и во Виена – Австрија, каде и ќе ноќеваат. Комплетниот аранжман за пат оди преку ЈАТ. Својот престој и гостување покрај другото ќе го искористат да дадат и една претстава за нашите работници /од градежните претпријатија/ во ЧССР. На пат ќе заминат 63 лица од кои 37 артисти. Оперативна забелешка: Меѓу патниците ќе биде и (две имиња или псевдоними покриени со црно, м.з.) и уште неколку лица према кои СДБ има одреден интерес. Како прилог кон белешката ги доставувам списокот на лицата кои ќе патуваат во ЧССР“. Толку напишал инспекторот задолжен за МНТ, ако не и за сите театри во Скопје, кого сите го познавававме зашто секој ден го гледавме во бифето.
Значи, јас на тоа важно гостување сум патувал веќе „накитен“ како ПОО „Драматург“. Втората службена белешка е од 12.1.1977 година: „На ден 11.1.1977 год. се сретнав со оперативната врска (името покриено со црно, м.з.) и во разговорот што го водевме ме запозна со следното: ПОО 'Драматург' врз основа на размена – соработка на МНТ и 'Нова Сцена' од Братислава на 5.1. о.г. заминал за Братислава каде ќе работи на поставување на драмата 'Ѕидот, водата' ('Големата вода', м.з.) од нашиот писател Живко Чинго, на сцената на братиславскиот театар. Таму тој ќе се задржи околу 40 дена. Покасно на недела дена ќе замине и Бранко Костовски – сценограф во МНТ. Покрај ова 'Секретар' (пропуштиле да го поцрнат псевдонимот, м.з.) ми рече дека во Македонски народен театар престојува Владимир Стрниско кој на сцената на МНТ ќе ја постави драмата 'Крчмата под зеленото дрво' од Петер Ковачик. Покрај него на неколку дена покасно ќе престојуваат и Ото Шујан – сценограф и Станислава Ваштилова – костимограф. Пред заминувањето Владимир Стрниско и ПОО 'Драматург' често се среќавале и воделе разговори, преку кои ПОО 'Драматург' сакал да ги проучи состојбите во 'Нова сцена' а воедно барал и сугестии околу избор на глумци за својата претстава. ПОО 'Драматург' инаку добро се служи со чешкиот јазик“.
Драмата „Крчмата под зеленото дрво“ од словачкиот писател Петер Ковачик јас ја преведов на македонски јазик. Точно е дека јас барав од Стрниско сугестии за поделата на улогите во Братислава, а тој од мене бараше сугестии за поделата на улогите во Скопје. И во претставата на Стрниско токму Ристо Шишков ја доби главната улога, Репањ. И ја одигра маестрално! Јас одлично ги познавав актерските можности на Шишков кој претходно во моја режија ги одигра Леоне Глембај и насловната улога во „Хелдерлин“ од Петер Вајс.
Третата службена белешка е од 31.01.1977 година (две недели откако против мене се преземени мерките контрола на телефонските разговори и контрола на поштенските пратки, м.з.): „На ден 31.01.1977 година се сретнав со оперативната врска (псевдонимот покриен со црно, м.з.) и во подолг разговор во ресторантот 'Панорама' меѓу другото тој ме запозна со следното: ПОО 'Драматург' подолго време престојувал во Братислава-ЧССР каде на сцената на театарот 'Нова Сцена' го припрема за поставување делото 'Ѕидот, водата' врз основа ва соработка помеѓу МНТ и 'Нова сцена'. Минатата недела ПОО 'Драматург' престојувал два дена во Скопје. Својот престој тој го искористил за консултации со авторот на делото Ж.Чинго и директорот на МНТ Стојмир Поповски околу новонастанати потешкотии во неговата работа во Братислава. Колегите од Братислава му рекле на него дека треба да се изврши измена во текстот, наводно дури сега виделе дека тој не одговара. Набрзина се 'разболеле' некои глумци и дошло до промени во работата. ПОО 'Драматург' мисли дека посебно ги погодила една реплика кога Кејтен (главна улога) кога доаѓа до ѕидот да ја види водата, вели: 'Колку ми студи!' и се тресе. На примедба како тоа може во среде лето, во месец август, Кејтен потврдува 'Да, да, ми студи, многу ми студи'. Авторот му рекол дека во текстот не смее да има измени, а до колку настанат проблеми, тој да се обрати до нашиот конзул во Братислава, Михов, на консултации. ПОО 'Драматург' воедно го запознал 'Бисер' (псевдонимот пропуштиле да го покријат со црно, м.з.) дека во неговата соба во хотелот бил направен таен претрес по почнување на кампањата во врска со 'Повелбата 77' и дека во затворените културни кругови во Братислава тоа е тема на денот, Воедно ПОО 'Драматург' ја донесе со себе музиката за делото што на сцената на МНТ го поставува режисерот Владимир Стрниско од Братислава. Изворот воедно ме запозна дека Владимир Стрниско за новогодишните празници бил во Братислава. Но пред извесно време дошол со барање неколку дена пак да оди поради музиката за делото 'Крчма под зеленото дрво'. Во меѓувреме ПОО 'Драматург' ја донел музиката, но Стрниско останал упорен во своето барање и заминал пред една недела за ЧССР. Изворот смета дека неговото одење е пред сè поради настанатите потешкотии околу поставување на 'Ѕидот, водата' на сцената на нивниот театар, а не е исклучена ни можноста да е повикан и за сондирање на мислења околу 'Повелбата 77'.“
Барањето смисла во овој запис претставува тешкотија и за мене. Белешкава е урнек за чул - не дочул, разбрал – не разбрал. Не знам кој повеќе ги измешал работите, изворот кога раскажувал или инспекторот кога запишувал.
А што беше причината за проблемите со кои се соочив во Братислава? Мојот престој таму и работата на претставата се совпаднаа со хелсиншката Конференција за европска безбедност и соработка (КЕБС) и т.н. Трета корпа (човекови права и слободи), но и со објавувањето на 'Повелбата 77' на групата дисиденти од ЧССР, предводени од Вацлав Хавел. По објавувањето на 'Повелбата 77', советските надзорници побарале засилено „чешлање“ на културната продукција во ЧССР и ја намирисале „Големата вода“ како опасност. Нивната тревога била голема и зашто во претставата играа неколку одлични актери кои биле префрлени во „Нова сцена“ откако нивниот „Театар на Корзо“ бил затворен по окупацијата на Чехословачка од страна на силите на Варшавскиот пакт. Еден од моите пријатели, актер кој не играше во претставата зашто снимаше филм, а чиј татко беше член на ЦК на словачката партија, ме предупреди дека тонски ми ги снимаат пробите, особено моите упатства до актерите. На властите во Чехословачка им беше непријатно да забранат претстава за време на одржувањето на КЕБС и тие на сите можни начини се обидуваа да ме натераат да ја напуштам работата на претставата без таа да биде забранета. Затоа јас дојдов во Скопје, да се консултирам што да правам и да ги предупредам Поповски и Чинго дури и во случај на забрана на „Големата вода“ да не ја откажат премиерата на „Крчма под зеленото дрво“ за да не им дадат на чехословачките власти шанса да тврдат дека забраната била реципрочна.
Сомнителен и за нашите и за нивните
Кога во 2000 година го прочитав моето досие, ме полазија морници кога се потврдија моите сомнежи дека едновремено ме прислушувале и нашата СДБ и Државната безбедност на ЧССР. Тогаш ми се врати и сеќавањето дека „нашите“ побарале од костимографката од МНТ на хартија да ја опише пробата на „Големата вода“ што таа ја гледаше кога дојде во Братислава заради костимска проба. Таа ми даде копија од тој опис/рецензија, која јас делумно ја парафразирав во текстот „По 1000 години сè ќе биде јасно“ што го објавив во списанието „Екран“ една недела по враќањето од Братислава. Тој опис од Беба Патрногиќ, текстот во „Екран“ и неколку работни фотографии се единствените сведоштва од забранетата „Голема вода“ што ги поседувам. Папката со написите од Танјуг и од светските агенции кои јавиле за забраната ја видов само оддалеку, во рацете на управникот на МНТ, кој во четири очи добронамерно ме посоветува да не „кревам прашина“.
Паметам уште нешто. Се случи така што мојот пријател, словенечкиот поет Томаж Шаламун, ме пречека на скопската железничката станица. Ја ислуша мојата приказна за „Големата вода“ и ми рече: „Мораш да ја поставиш на сцена. Инаку таа ќе те отруе“. И навистина, претставата ми тежеше како неродено бебе. Од тоа бреме се ослободив дури зимата 1978 година, кога во Албанската драма при Театарот на народностите ја поставив „Големата вода“. Така почна мојата соработка со тој ансамбл со кој три пати по ред учествувавме на сараевскиот МЕСС.
На службената белешка (четврта по ред) од информативниот разговор одржан на 9.03.1977 година, по кој инспекторот заклучил дека чувствувам „одредено задоволство“ ќе се вратам во следното продолжение.
Сега сакам да го цитирам извештајот (претпоставувам дека е од некој соработник на СДБ) од 12.04.1977 година: „При неодамнешниот престој во НР Полска (Варшава од 15 до 25.03.1877 година), покрај други лица контактирав и со БОХДАН ДРОЗДОВСКИ, главен уредник на списанието 'Поезија' од Варшава. Дроздовски меѓу другото разговараше со мене и во врска со македонската театарска претстава 'Ѕидот - водата' што требаше да се изведува во Братислава во режија на Владимир Милчин, драматург во МНТ Скопје. Поради пренагласување на одредени антисталинистички секвенци и тоа повеќе во самата режија, оваа претстава не само што е симната од натамошната изведба во овој театар, туку веднаш биле сменети три раководни лица, како и министерот за култура на Словачка, Валек, инаку прилично наклонет спрема Југославија. Поради овој настан ќе уследат и одредени реперкусии на планот на меѓусебната соработка во областа на културата меѓу СФРЈ и ЧССР а и во соработката со некои други ИЕ земји. Во врска со тоа Дроздовски изнесе дека повеќе пати од Министерството за култура на НР Полска и др. институции вршен е притисок врз него заради некои начела од договорот за соработка меѓу 'Поезија' (Варшава) и 'Современост' (Скопје). Поради тоа дошло и до одредени видоимени на начелните договарања. Но во суштина лично тој се заложил и останале скоро исти. Овие интервенции на полските надлежни според Дроздовски, уследиле од интервенциите на Бугарски институции во НР Полска и вероватно и Москва. Се чини дека В.Милчин свесно настојувал да ѝ даде ваков тон на претставата како да имал одредена цел. Фактот што станал кандидат за 'Фулбрајтова' стипендија од повеќе луѓе е оценет како негова концесија во однос на неговото однесување во Братислава преку оваа претстава. На вакво мислење меѓу другите се и (трите имиња на македонски писатели не се покриени со црно, м.з. Не ги објавувам нивните имиња. Прво, не можам да знам дали тие тројца навистина кажале такво нешто за претстава што не ја гледале. Второ, само еден од тие тројца е жив.) Своевремено В. Милчин се обидуваше да пласира одредени свои работи за театарската уметност и во списанието 'Современост'. Истите уште тогаш од страна на редакцијата беа оценувани како политичко импликативни, либералистички и не му ги одобруваа“ (авторот на извештајот лаже дека не ми биле објавувани, м.з.). Потоа следува коментарот на инспекторот: „Во врска со сознанијата што се презентирани во овој извештај, ќе биде обавен разговор и со некои од лицата што ги спомнува 'Мишо' (веројатно псевдонимот на соработникот, м.з.) а и со други наши извори ангажирани околу 'Драматургот.' Во секој случај ќе треба да уследи договарање и за евентуалното негово заминување за САД. Во смисла на тоа активноста на 'Драматург' се следи“.
Буричкање по приватноста
Како ме следеле, се гледа и од службената белешка од 9.5.1977 година. Еве што забележал инспекторот (името покриено со црно, м.з.) од разговорот со изворот (името покриено со црно, м.з.): „На 7.5.1977 година остварен е контакт со изворот при што информира за активноста на ПОО 'Драматург' по неговото враќање од Братислава (ЧССР). При неколкуте средби што ги имал изворот со 'Драматург' негова ориентација била да ги обнови блиските односи со него а воедно да извлече одредени сознанија од интерес за СДБ што се однесуваат на неговото држење во Братислава, во врска со претставата („ѕидот-водата“) а и активноста по враќањето во Скопје. Во смисла на горното изворот информира дека 'Драматург' посебно по враќањето од Братислава е прилично депримиран (за разлика од изворот, инспекторот претходно заклучил дека сум среќен, м.з.) и во очекување да издејствува 'Фулбрајтова стипендија' (на маргината е во заграда со рака напишано: одбиен, м.з.). Односите со неговата сопруга не му се како што треба бидејќи таа додека боравел тој во Братислава наводно имала авантури со други лица. Од пред извесно време вработена е во 'Алумина' како референт за пропаганда. Инаку е дипломиран архитект. И со татко му односите му се прилично лоши. Станот во кој живее (8 ударна бригада) е сопственост на неговата мајка. Инаку во него често пати се состанува со колегите и пријатели. Над него живее Мартин Панчевски со кого е во блиски односи. Што се однесува до претставата во Братислава тој смета дека постапил сосема исправно. Напомена дека од страна на тамошната полиција уште од првиот ден бил контролиран. На моите прашања за неговата активност на уметнички (театарски) план овде Владо одговори дека и овде во Југославија 'не може да се руши ѕид со глава'. Ги спомна повеќето негови обиди на тој план кои завршиле со неуспех бидејќи немал поддршка од одредени компетентни за тоа (формирањето на 'Голтарите' и сл.). Во колку успее за САД тој вели дека ќе има извонредни услови за работа. Напомна дека засега тоа му претставува единствена шанса и цел. Што се однесува до неговите врски со Ѓузел тие се блиски од поодамна по линија на театарот. Инаку, Владо него го респектира доста. Горан Стефановски е интимен со мојот интимен пријател (наведено е името, м.з.). Преку него знам дека Горан е во добри односи со Б. Ѓузел преку театарот и преку сопругите (Горан е оженет со Англичанка). Мислам дека сега Горан е на отслужување во ЈНА“. Потоа следи дополнување од инспекторот: „Со изворот е воспоставен контакт од поодамна. Истиот своевремено беше во интимна врска со 'Драматург'. Досегашните мои контакти со неа воглавном имаа за цел повторно да воспостави контакти со него бидејќи по стапувањето во брак 'Драматург' ја одбегнуваше. Овие контакти на (псевдонимот покриен со црно, м.з.) се резултат на нејзината спремност за соработка со СДБ. Инаку, истата често пати е посетител на Францускиот културен центар во Скопје. На тој план од моја страна досега не ѝ се давани никакви инструкции. Во договор со заинтересираниот оперативен работник по оваа линија има услови да се користи и за тоа. За 'Драматург' поставена ѝ е задача околу неговото одење во САД. За (псевдоним или име покриено со црно, м.з.) околу врската на Горан Стефановски со него (реченицата не е завршена, м.з.). Ќе се преземат и мерки за посреден контакт и со сопругата на 'Драматург' во 'Алумина'“. Во досието нема ништо што би укажувало дека таков контакт бил воспоставен.
И овде ќе запрам за денес зашто ми се превртува желудникот. Колкумина си правеле кариери на мене вчера? И колкумина си прават кариери на мене денес?
Дали знам која била изворот? Да, знам. Одвреме-навреме ја среќавам на улица. Не знам дали знае дека знам. Јас се правам дека не знам. Зошто? Зашто не знам што кажала таа, а што „досолил“ инспекторот.
Слики: Rachel Goodyear
Претходните делови се достапни на следниве линкови:
Сметам дека целокупниот
Испратено на 09 август 2011 од igiСметам дека целокупниот процес на лустрација е лошо поставен и фукционира како продолжена рака на власта. Комисијата за верификација на фактите (КВФ) на својот официјален вебсајт (http://www.kvf.org.mk/mk/zakoni.html) тврди дека:
„Обврската за донесување на Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција произлегува од Резолуцијата 1096 од 27 јуни 1996 година на парламентарното собрание на Советот на Европа и Резолуцијата 1481 од 2006 година. Во Резолуцијата 1096 стои: „целта на лустрацијата не е казнување на луѓето за кои постои сомневање дека се виновни - тоа е работа на казнениот апарат - туку заштита на демократијата во пораѓање.“
Е сега, ако отидете на официјалниот вебсајт на Советот на Европа (http://assembly.coe.int//Main.asp?link=http://assembly.coe.int/Documents...) ќе ги најдете следниве упатства за лустрација:
1) Лустрацијата треба да ја врши конкретно назначена НЕЗАВИСНА комисија од УГЛЕДНИ граѓани номинирати од претседателот на државата и одобрени од парламентот. (во нашиов случај комисијата и членовите се партиски лица предложени и одобрени од парламентот).
2) Лустрацијата се ограничува на работни места за кои постои реално очекување дека лицето на тоа работно мето претставува значителна опасност за човековите права или демократијата, т.е. назначени државни службеници кои имаат значителни одговорности за имплементирање на владините политики за внатрешна безбедност, или државни службеници кои може да извршат или наредат прекршување на човековите права како на пример полиција, безбедност, контраразузнавање, судство и обвинителство. (кај нас се гонат претседатели на невладини организации, се најавува прогон на новинари, т.е. работни места кои не можат реално да ја загрозат демократијата или човековите права).
3) Лустрацијата не важи за службени позиции кои се бираат на избори, освен ако тоа не го побара кандидатот. Гласачите имаат право да изберат кого сакаат (правото на гласање може да биде одземено само на осуденици согласно одлука од суд - ова не е административна лустрација, туку мерка од криминално право). (кај нас им се одземаат мандати на избрани членови на парламент, кои победиле на директни избори со повеќе од 10,000 гласови, а им се одзема мандатот со одлука на 11 лустратори).
На следниов линк може да ја прочитате Резолуцијата 1096 од парламентарното собрание на Советот на Европа, на која се повикува нашата КВФ. Ќе забележите дека нашиот процес на лустрација тотално ја промашил темата и наместо да служи за справување со практиките од комунистичката ера и зајакнување на демократијата, нашиот процес на лустрација ја поткопува демократијата и ги враќа на голема врата комунистичките методи на владеење.
Council of Europe Parliamentary Assembly: RESOLUTION 1096 on measures to dismantle the heritage of former communist totalitarian systems: http://assembly.coe.int/Main.asp?link=/Documents/AdoptedText/ta96/ERES10...
Доста информативен коментар,
Испратено на 10 август 2011 од Ана ФораДоста информативен коментар, igi. (затоа и го сакам Окно - меѓу посетителите, покрај партиските тролови кои плукаат ex officio, има и интелигентни читатели, од чии коментари може и нешто да се поднаучи)
И Европски суд за човекови права во праксата утврдил дека процедуралните гаранции од член 6 од Конвенцијата (право на правично судење) во делот кој се однесува на кривичната постапка се применуваат и на постапките за лустрација. (на пр. случај MATYJEK v. POLAND).
Она што најмногу мене лично ме изненадува како се успеа да се протне лустрацијата на ПОРАНЕШНИ носители на јавни функции? Нема никаква логика! Ако единствената последица од лустрирањето е неисполнувањето на дополнителен услов за вршење јавна функција (во моментот или во иднина), зошто еден, да речеме, пензионер (кој не претендира на јавна функција) би бил лустриран? (Велам пензионер, заради тоа што поранешни носители на јавна функција кои би претендирале повторно да станат тоа секако би биле лустрирани како кандидати за носители на јавна функција). И како ова поѓаволите јавноста го „купи“?
Во овие околности, сепак, со една доза малициозност, признавам дека би сакала да го видам Михајло Маневски изл(фр)устриран! :)