Арсен Дедиќ (1938-2015): Полека ја приведувам мојата приказна кон крајот

19.08.2015 12:12
Арсен Дедиќ (1938-2015): Полека ја приведувам мојата приказна кон крајот

Арсен Дедиќ, шибенски и загрепски поет и шансониер, е еден од нашите најголеми (естрадни) уметници, човек кој зад себе има 37 објавени дискографски изданија и триесетина книги. Овој неповторлив кантавтор ни подари некои од најубавите стихови од домашната книжевност, а бројни негови песни ќе го надживеат не само авторот, туку и неговите современици, како и генерациите на кои допрва им следи запознавање со монументалното дело на Арсен. Накратко, Арсен Дедиќ одамна се запиша во вечноста и затоа со гордост и посебно задоволство го објавуваме разговорот во кој големиот уметник ќе ви раскаже по нешто за своето детство, младоста и поодминатите години, кога, како што вели, полека ја приведува својата приказна кон крајот.

 

Како беше да се расте во воениот и повоениот Шибеник?

Роден сум 1938 година. Куќата во која сум роден ја купил мојот прадедо Крсте. Имам дури и „писмо“ од таа куќа, купопродажен лист. Сите сме родени во неа: брат ми, покојната сестра, татко ми и дедо Тоде. Татко ми беше висококвалификуван ѕидар, раководител во претпријатие кое градеше светилници. Татко ми беше и исклучително музички надарен, свиреше во шибенскиот народен оркестар. Во годините на моето растење се живееше многу едноставно. Мајка ми стапи во брак со татко ми неписмена. Подоцна јас ја описменив па читаше подлистоци и романи во Слободна Далмација. Како и татко ми, и јас свирев во шибенскиот народен оркестар. Уште на 11 години. Во Шибеник завршив средно музичко училиште, а по своја волја во Загреб уште еднаш дипломирав во средното музичко. Сакав подобро да се подготвам за академија. Како петнаесетгодиншник свирев во театарскиот оркестар. Шибеник тогаш имаше сјајна оперета. Мате Релја тогаш глумеше таму, а со него работев и на филмот „Возот в снег“, за кој ја направив музиката. Веќе го нема ни Мате... Во Загреб имав вујко, Матија Ковилиќ, па доаѓав тука и пред да се преселам поради школувањето. Се сеќавам, прв пат дојдов во Загреб 1948 година. Тогаш прв пат во животот се возев во такси. Ме водеше на ручек во Шумски двор во Жигровиќева улица.

Вашиот друг вујко во Втората светска војна бил партизан, борец на славната Прва пролетерска бригада.

Да, имам една книга, баш ја гледав пред некој ден. Скрадин и околината. Имам и негова фотографија. Тој бил првиот кој од тоа село, Рупe, во близина на Рошки слап и фрањевачкиот манастир Висовац, отишол во партизани. Јосип Мишковиќ. Умре лани во Белград. Носител е на партизанска споменица. Во почетокот имаше симпатии за работничките движења и учествуваше во организацијата на работничката борба, прво во Шибеник, а потоа и во Загреб, па и во Марибор. На крајот заврши во Првата пролетерска. Таму запозна една белграѓанка која беше докторка и борец. По војната се венчаа и се преселија во Белград. Подоцна му помогна на брат ми Милутин да добие некакви можности за образование.


 

Ве растажува ли фактот дека голем број луѓе во Хрватска на усташтвото денес гледаат во поинакво светло отколку некогаш?

Секогаш имаше некакви фашизоидни потреби кај луѓето. Не можам никако да се согласам со тоа. Кога прв пат бев во Америка, таму научив четири работи. Првата е дека човек никогаш не се прашува за кого гласа, второ - не се прашува колку заработува, трето - не се прашува од која вероисповед е и четврто - твојата слобода се простира до мојата слобода.

Како успеавте како дете од работничка класа да студирате два факултета? Освен музичка академија, студиравте и право. Беа ли тоа сиромашни студентски денови?

Што знам. Секогаш велам дека сè е до личноста, сè е до човекот. Што ми праќаше мајка ми од Шибеник? Додека студирав и живеев во домот на Јурјевска, ќе ми испратеше парче пршута или сирење и по некое шише вино. Тоа веднаш го ставаш на маса и меѓусебно го делиш. Тие наши пакети ги носеа старите шибенчани кои патуваа со воз. Јас ќе се нацртав на станицата да ме видат и да ми го дадат тој пакет. Еднаш од мајка ми ми стигна телеграма во која пишуваше: „Чекај пакет, го носи непознат човек“. Тогаш го чекав непознатиот човек, се покажував на сите прозорци за да ме препознае тој човек. Така се живееше и студираше.

Како тоа се запишавте на право?

Родителите ме тераа да студирам нешто сериозно, а не музичка академија. Потоа се запишав и на едното и на другото. На право дојдов до самиот крај, но потоа сепак се откажав. Кога сте кај студирањето, имам една занимливост: на ист ден во февруари дипломирав на музичката академија и ми пресадија црн дроб пред единаесет години.

Својот прв албум го објавивте 1969 година, а книжевникот Душан Ковачевиќ напиша дека со него сте ја еманципирале југословенската шлагеристика од колективното.

Да, Душан е одличен писател и го памтам тој негов текст. Мојот прв албум се викаше „Човјек као ја“ и беше прв пат некој преку шлагер да се обраќа во прво лице еднина.

Социјализмот го славеше колективот, а кога се префрливме во новото општествено уредување, се подразбираше дека во него ќе биде послесно да се биде индивидуалец. Меѓутоа, се испостави дека повторно сме пикнати во колектив, овој пат национален. Ние Хрватите и такви приказни.

Ајде води го разговорот сам со себе, зашто подобро зборуваш од мене. Да, пак се инсистира на некој нов колективитет. Повторно - ние сме ова, ние сме она, а не јас сум тоа и тоа. Голема е одговорноста да се биде „јас“, но јас ќе останам „човјек као ја“. И понатаму го потпишувам тоа, после толку години. Знаете, прилично се држам до зборот, што не е така вообичаено. Кога си заминав од Сплит, кога Џино Паоли и мене нè избркаа од фестивалот кој се одржуваше на Прокуратива откако ја испеавме песната „Се враќам“, а таа песна сега е веќе во школските учебници - реков дека никогаш повеќе нема да дојдам таму. Велеа, пушти го, ќе дојде пак догодина, но не се вратив. Не сум отишол таму 46 години. Така, го живеам својот живот на сопствена одговорност.

Во време на Југославија наидувавте и на осуди, наводно поради религиска тематика на на неколку ваши песни. Како го поднесувавте сето тоа?

Искрено, тогаш не си го земав тоа толку страшно при срце. Бев многу млад. Штотуку почнав да работам на телевизија како музички соработник, студирав на музичка академија и поради еден циклус песни кој се викаше „Чуда“ морав да ја напуштам телевизијата. Оттогаш, засекогаш заминав во слободњаци; никогаш повеќе не се согласив да зависам од некого. Имав понуда и за некои многу високи позиции, но не ги прифатив. Останав сам. Нападите за кои зборувате почнаа од „Вјесник“, со текст насловен „Какви чуда?“, зашто напишав стих „Свети Никола направи чудо, кога луѓето повеќе не се за чуда“. Во весниците тоа беше проследено со осуда која се состоеше во прашањето „зарем нашиот социјалистички човек не прави чуда?“. Што е најлошо, тие кои мораа да ме тргнаат од телевизија ми рекоа: „Тоа не беше наша желба“. Ми беа наклонети и ме ценеа, но директивата дошла „одозгора“. Поради сето тоа, денес имам извонредна пензија. Можам да платам ѓубретарина и улично осветлување да можам да си го најдам станот кога навечер ќе се вратам поднапиен.

Во својата поезија секогаш сте ја барале слободата. Дали останавте разочаран кога сфативте дека промената на општественото уредување на земјата не подразбира и слобода каква што се очекува од таканаречените слободни општества?

Слободата треба да ја најдете во себе. Слобода е да се однесувате слободно, без оглед колку слобода, а колку ропство ти нудат однадвор. Работата е во тоа колку слобода чувствувам внатре во себе и колку ја реализирам; колку се согласувам на ропство, а колку на слобода. Значи, тоа е лична одлука и само за тоа станува збор. Лично, без оглед на сите маки кои ги поминав и низ кои сè уште минувам, се чувствувам како слободен човек.

За кого ја напишавте „Не дај се Инес“?

Таа, Инес, се занимаваше со пластични уметности, живее во Милано и е вдовица без деца. Никогаш не ме напушти, ни за миг. Ми направи една бронзена биста, пет поштари ја носеа, толку беше тешка. Доаѓа речиси секоја година, зема соба во хотел Еспланада и поминува во Загреб три-четири дена, да ми биде блиску и да се видиме. Вели дека мојата песна ја обележала за цел живот. Еве, баш денес ми се јави Раде Шербеџија, да ме праша дали можам да настапам со него во април, бидејќи наводно ќе ја изведува и Инес. Значи, таа сè уште не ме напушта во емоционална смисла, а со неа прекинав пред 51 година. Дали е тоа во ред?

Во ред е, ако не ја повлекува со себе љубомората на некоја нова љубов.

Мојата Габи во голема мера беше сведок на сето тоа. После сите тие минати љубови, останаа пријателствата. Можеби само една од тие љубови остана во некое лошо сеќавање. Сите тие за мене утре би дале рака, а и јас за нив. Дали е тоа во ред? Мојата најголема љубов пред Габи беше Божидарка Фрајт. И денес сме пријатели. Таа е дете од Козара, била во усташки детски логор во Јастребарска. Не знаеше ни кога е родена, па подоцна го славеше својот роденден кога и мене ми е роденден. Така живеевме.

Колку што е познато, парите никогаш не ви биле претерано важни.

Неее. Никогаш. Секогаш имав толку колку што ми требаше. Имав толку што дури можев да им помагам на другите. Никогаш не кревав паника околу тоа, а не го правев тоа ни околу кариерата. Знам колку што знам. Најдобрите за мене го пишуваа најдоброто, од Веселко Тенжера до Игор Мандиќ. Знам што значи тоа. Не сум ни сиромашен, ни славољубив, ни алчен.

Вашата генерација преживеа една, но вас не ве одмина ни другата војна. Како ги поминавте деведесеттите?

Знаете како го користат оној поим „бранител“; секој е бранител на свој начин. Јас како прво бев ракописен бранител. Ги напишав песните „Мајката храброст“, „Војната застана меѓу нас“ и слично. Мајка ми цело време беше во Шибеник по кој паѓаа бомби. Нејзиниот двор беше полн со оние ѕвончиња или како тоа веќе се вика. Ја прашав - мамо, што направи со тоа, а таа ми рече дека ги собрала во престилката и ги фрлила во каналот. По смрта на татко ми таа живееше сама дванаесет години, се заклучуваше навечер во незагреаната куќа. Кога без проблем можеше да се дојде во Шибеник, Габи одеше кај неа и спиеја заедно во брачниот кревет на моите родители. Ете, Габи ја чуваше. Јас одев на сите страни, пишував, пеев... Во Италија Кемал Монтено и јас, а еве сега и тој е болен, направивме заедно еден концерт за Сараево со Серџо Ендриго. За Владо Готовац одев во Рим, што го подготви неговата вдовица, и таму правев концерти. Не носев пушка и не одев во првите редови, на крајот на краиштата, јас бев човек кој одеше кон шеесеттите години. Секој на свој начин придонесуваше.

Дали во тие години имавте проблеми поради своето семејно потекло?

Гледајте, мене ме роди, што би се рекло, чиста Хрватка-католичка, Вероника Мишковиќ, а татко ми беше православен. Мора да знаете дека во Шибеник и околу него живееше многу, ние тоа го нарекуваме „морлачки народ“. Во тоа време луѓето ги прифаќале религиите онака како што некој овозможувал можност за одржување, животен спас, стекнување некој мал имот. Во тоа време, да речеме, православната рква давала најмногу такви имоти. Така предците на татко ми го земале православието.

И дали имавте проблеми поради таквата „крвна слика“?

Имав... Имаше такви кои ме прозиваа. Секогаш се наоѓаат. Всушност, имав проблеми уште од почетокот на моето пишување.

Колку здравјето ви дозволува да настапувате?

Многу малку, но во тој поглед сум поминал сè. Оперирани ми се очите, оперирани ми се рацете, цревата, трансплантиран ми е црниот дроб и така натаму. Меѓутоа, како што гледате, издржувам. Наскоро ќе одам во Мостар и Сараево. Таму ќе настапам со мојот Матија. Тоа ќе ми биде малку тешко. Да ви кажам отворено, уште сега по малку размислувам... мислам дека полека ја приведувам мојата приказна кон крајот.

На што милите кога го велите тоа?

Не ми се работи повеќе. Би сакал да бидам со моите внуки. Има една песна која се вика „Светлост на мојата душа“. Внуките се светлост на мојата душа и би се занимавал со нив. Не сме гладни и повеќе нема да бидеме гладни. Според тоа, така ги примам работите.

Во песната „Никој веќе не сонува“, резигнирано велите дека на крајот во игра се барабите. „Никој повеќе не сонува/соништата се за слабите/ сите се ужасно будни/ во игра се барабите...“ Така го гледате ова време?

Го гледам секако. Знаете, напишав триесетина книги. Еве, сега во Босна ми објавија едно одлично издание кое се вика „Брзим преко Босне“ (Со брзиот воз преку Босна). Имам една песна „Со воз кон југ“ и во неа стихот „Брзим преко Босне“, па издавачите така ја нарекоа и книгата. Веќе се објавени две изданија. Тие го прават тоа отмено и убаво. Токму сега пишувам една песна, секогаш вака скицирам и правам белешки. Песната ќе се вика „Пустината расте“, зашто најдобрите луѓе околу мене си заминуваат. Ги нема повеќе Матo Дошен, Никица Калоѓера, Ендриго, Булат Окуџава. Кога бев во Словенија, во Љубљана на еден концерт по повод 50 години од фестивалот „Словенска попевка“, гледам дека ги нема Прившек, Мајда Сепе, ја нема Марјана Держај, ја нема ни Кора Поточник, мојата љубов за која напишав поема. Тоа е таа која се љубеше како да мора - Поточик Кора. Како да дојдов во пустина и баш сега пишувам песна за таа пустина. Денес-утре ќе ја завршам.

Извор: Lupiga, 19 јануари 2015

Слични содржини

Култура / Музика
Балкан / Култура / Музика

ОкоБоли главаВицФото