Европа на Ајлан Курди

10.09.2015 11:02
Европа на Ајлан Курди

Човек лови риби додека група мигранти се собира во Сент Лудовик. Фото: Ерик Гајар

 

Колевката на цивилизацијата, Медитеранот, стана водена гробница. На австриски автопат 70 бегалци се задушиле во камион - нова гробница. Претставници на чешките власти со маркери, и без чувство за историја, на кожата на 200 мигранти впишаа идентификациски броеви. Други унгарската полиција со лажни ветувања ги спроведе во „прифатен“ логор (каде веројатно им е понуден туш).

Словачка сака само христијански бегалци, а не муслимани од Сирија и Авганистан. Виктор Орбан, надуениот мал Путин на функцијата унгарски премиер, вели дека „ја штити европската цивилизација“ (читајте христијанска Европа) додека на границата со Србија поставува бодликава жица. Дејвид Камерон зборува за роеви (скакулци?) кои навалуваат на Британија. Тригодишното сириско момче, со левата рака до телото како да спие на креветче, лежи мртво на турска плажа, со лицето во песок, во нем прекор. Се викаше Ајлан Курди. Неговото семејство го повело во Европа, над која, со ироничен обрт на историјата, надвисна сенката на минатото.

Унгарија на Орбан се одрекува од величествената Унгарија од 1989, првата земја која ја проби железната завеса и пушти десетина илјади луѓе од Источна Германија преку Австрија да дојдат во Западна Германија. Зборавена е советската инвазија на Унгарија од 1956 кога 200.000 Унгарци најдоа засолниште и слобода во Западна Европа. Унгарија заборави колку слободата на движење им значеше на граѓаните од советскиот блок. Тие ја добија таа слобода по падот на Ѕидот. А сега Унгарија крева ѕид.

Таа не е осамен пример за предрасуди. Речиси сите земји од централна и источна Европа кои припаѓаа на советската империја сакаат христијански мигранти (во ограничен број) и ги изедначуваат муслиманите со терористи. Тие го немаат искуството на прилив на постколонијални мигранти кое ги промени западноевропските општества. Нивните Евреи ги убија нацистите (со помош на локалните соучесници), а нивниот етнички состав е дополнително хомогенизиран со прекројување на границите или масовни прогноства (на пример, етничките Германци од повоена Полска). Нивната историја е обележана со масовна економска емиграција. Тоа се земји од кои се заминувало, а не се мигрирало во нив. Францускиот политиколог Жак Рупник пишува за Монд: „Истокот на Европа не го прифати 'мултикултурниот' модел на западот: миграциите од југ денес, за нив се 'исламски предградија' утре“.

Бегалци во полициско возило, Будимпешта. Фото: Арпад Куруч

Европо, вишокот од историја е твоето проклетство, а името ти е заборав. Твојата вистина е мешавина од племиња во вековните миграции, од кои плетеше илузии за своите измислени нации. Твојата надеж е новата крв, а расната чистота олтар на твоето вековно самоосакатување. Твоја прва должност е сеќавањето, а завет за твоите деца: отвореност на Европа и нејзино единство.

Да се сеќава, Европа би го препознала најголемиот бран на миграција од крајот на Втората светска војна, кога милиони бегаа на запад од Сталиновиот тоталитаризам. Тоа движење на масите беше крајна последица од војната која ја започна големата германска „цивилизација“ - во лудиот обид да се наметне ариевската раса на целиот континет, со унитшување на Евреите, Ромите и другите кои Хитлер ги прогласил за пониски раси.

Денес бегалците итаат кон Германија која оваа година ќе прими 800.000 луѓе. Канцеларката Ангела Меркел пораснала на истокот на Германија и поучена од личното искуство, се издигна над останатите европски лидери: „Европа не смее да потфрли со бегалците, зашто тоа би ги загрозило нејзините темелни вредности засновани на универзалните човекови права.“ Потоа додаде, речиси еретички: „Ја запознавме германската ефикасност, а сега ни е потребна нејзината флексибилност.“

Но, не е доволна само германската прилагодливост, во која со право можеме да се сомневаме. Ова е европска криза. Во моментот на крахови во Европската Унија - Грција и еврото, можното излегување на Британија, подемот на крајната десница, заканите на Владимир Путин - Европа би морала да ја собере сета сила на своето постоење и да се сети на своето потекло од бедата и урнатините на последната светска војна, изгубените маси луѓе на кои им даде засолниште, единството сковано во победата која чинеше толку многу животи.

На Европа ѝ се потребни поголемо единство, кохерентна имиграциона политика на сите 28 членки, обнова на оцрнетата европска идеја. Како што ми кажа Лаура Болдрини, претседателка на Долниот дом на италијанскиот парламент: „Кога медитеранот ќе стане гробница, време е за нова Европа, зашто оваа никој не може да ја сака. Време е за Соединети Држави на Европа.“

Извор: The New York Times, 07.09.2015.
Фотографии:

ОкоБоли главаВицФото