Оградување од владата

13.09.15 08:39

„И ние се оградуваме од вас“, гласи графитот кој вчера беше поставен од група активисти пред новата ограда кај Влада која се подига деновиве. Тие велат дека на овој начин тие дополнително оградуваат од криминалите и злоупотребите за кои се обвинети владините функционери.

Активистите со сечење на црвена лента, на ироничен начин ги исмеаја зачестените кампањски активности на премиерот Никола Груевски.

„Се собравме денеска за да ја потсетиме оваа власт дека ги памтиме нивните злодела кои ги чинат изминативе девет години. Да ги потсетиме дека го држат својот народ како заложник во сопствената држава и да ги потсетиме дека нема да се откажеме од тоа да одговараат пред овој народ за тоа што го направиле“, порача активистката Симона Спировска.

Преку разни симболи, активистите укажаа на криминалите и злоупотребите за кои се обвинува составот на Владата. Меѓу поставените симболи, имаше силуета на човек која упатуваше на смртта на Мартин Нешковски, маица со исцртани парцели на неа, кои алудираа на плацевите на Водно, кои според опозициските „бомби“ премиерот ги обезбедил за себе, а беше претставен и знакот на јавниот сервис со кој активистите посочија на медиумската цензура.

Активистите најавија дека во вторник, кога треба да биде избран специјалниот јавен обвинител ќе се соберат пред Собрание и ги повикаа граѓаните да им се придружат.

Фотографии: Ванчо Џамбаски

Слични содржини

Активизам / Фотографија

ОкоБоли главаВицФото