Критична маса #42: Просветли се!

27.10.2015 14:00
Критична маса #42: Просветли се!

Критична маса #42
Среда, 28 октомври, 17:30 часот
Зборно место: Плоштад Македонија

Рутата можете да ја погледнете овде.

 

 

Нема ништо поубаво од вечерно возење велосипед. Сѐ е смирено, улиците се празни, а гужвите завршени: само вие и градот! Уживате во тишината и чистиот ноќен воздух. Воопшто не ви недостига дневната врева, мешаницата во сообраќајот и издувните гасови. Се враќате кон дома на велосипед по долгиот ден на работа, одите на кафе со пријателите или, едноставно, заради задоволство само сте излегле да свртите неколку крукчиња околу населбата.

Но, токму овие вечерни возења се најризични за велосипедистите. Ноќе, кога видливоста е намалена се зголемува опасноста од судири. Дел од сообраќајниците во градов (улици, булевари, велосипедски патеки, тротоари) не се добро осветлени, а понекогаш, дури и во случаите кога има светлосна инфраструктура, таа не работи, се случува да е затскриена зад нешто итн. Тоа е причина за мала видливост што го зголемува ризикот од сообраќаен судир или непријатна ситуација во која најчести жртви се оние кои возат велосипед.

Со ова не сакаме да ја префрлиме вината на жртвите, на ранливите. Свесни сме дека најчеста причина за намалено видно поле и непрегледност на возачите е брзото возење и против тоа се бориме, но паралелно на тоа треба да научиме да преземаме сѐ што е во наша моќ да го намалиме ризикот.

Ние, велосипедистите, сме дел од градскиот сообраќај. Ние сме само алка од еден поголем систем во кој рамноправно учествуваме. Тоа подразбира и одговорност која ја имаме кон останатите учесници во сообраќајот, но и кон самите себе. Учеството во тој систем значи дека треба да ги почитуваме неговите правила. Кога возите точак ноќе ризикот е поголем. Затоа треба повеќе да се обрне внимание на безбедноста заради отежнатите услови за движење. Велосипедот кој го возите треба да биде соодветно осветлен за да биде приметлив за останатите учесници во сообраќајот. Неопходно е секој од вас на својот велосипед да има предно бело светло, заден црвен катадиоптер, црвено светло или трепкачка лента и катадиоптри (мачкини окца) на тркалата. Сите овие светлечки елементи се и задолжителна опрема за возење велосипед според Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Добар дел од велосипедистите во овој град веќе користат вакви светла при ноќното возење, но сепак, некои од нас сѐ уште немаат навика. Светлата, пред сѐ, се наменети за наша безбедност. Нивното инсталирање е брзо и едноставно, а нема ниту да ве чини многу. Неодговорноста во сообраќајот не е одлика само на другите (возачите на автомобили и пешаците). Бидете одговорен. Им се лутите на возачите кога не ги почитуваат правилата, а и самите не го правите тоа. Им замерувате на пешаците за неодговорност, а и самите понекогаш сте неодговорени. Користењето на коловозт од велосипедистите е разбирливо со оглед на непостоењето велосипедска инфраструктура. Но некористењето на светла не е!
Малку е потребно за да се случи судир, а уште помалку тој да се избегне. Вклучувањето на задниот трепкач треба да ви стане навика пред излегувањето од дома на точак ноќе, исто онака како што ви е навика да проверувате дали ви се меки гумите.

Учесниците во сообраќајот треба да се третираат како еднакви: треба да им се обезбедат услови според нивните способности и според безбедноста на сите, особено ранливите: пешаци и велосипедисти. Точно е дека одговорноста станува поголема како што расте големината на возилото, но тоа не значи дека ако сме на точак правилата не важат за нас. Во поглед на употребата на задолжителна опрема, како светла, не треба да сме привилегирани. Со тоа ќе ја зголемиме сопствената видливост и пред возачите и пред пешаците и пред другите велосипедисти кога се разминуваме. Свесни сме дека инфраструктурата не е добра, но поради непредвиденото движење со таква инфраструктура има уште поголема потреба да бидеме видливи. Не можеме да зборуваме за сообраќајна демократија без и самите да дадеме сопствен пример. Бидете одговорен велосипедист. Сите заедно да го направиме градов побезбеден за возење велосипед.

Ставете светла на вашите точаци. Нашето семејство на велосипедисти секојдневно се зголемува. Со возењето на велосипед ние веќе му донесовме светлина на Скопје! Ајде сега сите заедно да ги осветлиме ноќите на градот!

Просвлетлете се!