Албанците не се никаков политички субјект сè додека ги претставува ДУИ

30.10.2015 11:28
Албанците не се никаков политички субјект сè додека ги претставува ДУИ

После интервјуто на Оливера Трајковска со Бујар Османи, можам:

1. Да воскликнам од тоа какво пердашење доби тивкиот дисциплиниран бирократ, албанскиот Ајхман.

2. Да заклучам дека Албанците не се никаков политички субјект во оваа држава сè додека дозволуваат ДУИ да ги претставува. Зошто? Затоа што тие, според логиката на Османи, се ништо повеќе освен тела затворени во својот етницитет, доведен до апсолутна апстракција, кои не ги интересира ништо друго, или барем според Османи, не се ништо друго освен етнички Албанци: тие не се граѓани кои ги интересира владеењето на правото и слободата, не се работници кои секојдневно се експлоатирани, немаат луѓе со хендикеп, не ги интересира животната средина и секојдневното умирање во неподнослива еколошка катастрофа, немаат жени, немаат антиетнички и антинационални инклинации, немаат сексуалност, немаат род, не ги засега функционирањето на судството, ниту пак слободата на изразување и пристапот до информации, како и медиумите, корупцијата итн...

3. Дека второво дополнително се рефлектира во позиционирањето на ДУИ единствено како гласноговорник на етничката малцинскост, односно етничкиот интерес на Албанците и ништо друго (бидејќи се амнестираат од секаква одговрност во владеењето со ВМРО-ДПМНЕ).

4. Дека за Османи мноштвото од позиции и интереси помеѓу Албанците е само параноична проекција на божемна инвазија и манипулација од надворешни и внатрешни непријатели, а не суштински одраз на радикално демократскиот потенцијал на политичкото.

5. И конечно, дека ДУИ скаменува паралелен свет во кој Албанците не ги интересираат интересите на Македонците и обратно, ниту пак за кого гласаат едните и другите. Да завршам: Додека Албанците не излезат на улица единствено со цел да станат политички субјект, што подразбира да се трансформираат и отфрлат парализирачкиот идентитет, статус и позиција што ДУИ со наводниот легитимитет на гласовите од избори им го фиксира, ќе бидат соучесници во тоталитаризмот кон кој навидум се аутистични. И конечно, ништо друго освен Албанци затворени во метафизиката на своето фиктивно битие.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Свирачиња