Гасификацијата е лек, ама не е „пет пари“

04.12.2015 03:41
Гасификацијата е лек, ама не е „пет пари“

Иако се смета дека гасификацијата многу би придонела за намалување на загаденоста на воздухот во земјава, овој процес стагнира со години. Крајот на оваа година беше најавен како рок кога требаше да се гасифицираат првите станбени и комерцијални објекти во скопскиот регион. Процените беа дека до 2020 година сите домаќинства во земјава освен струја, ќе го имаат и природниот гас како алтернатива за затоплување.

На изградбата на мрежата во источниот и во западниот регион ќе се чека втора шанса за гасификација, откако пропадна првиот обид за изградба на дистрибутивната мрежа, бидејќи компанијата што се јавила на тендерот, не ги исполнила условите.

Во меѓувреме, Собранието по итна постапка го донесе Законот за задолжување тежок 90 милиони евра од Ерсте банк и Дојче банк, пари што треба да се користат за финансирање на делниците Штип - Неготино - Битола и Скопје - Тетово – Гостивар.

Екологистите, и покрај стагнацијата на изградбата на гасификацијата во земјава, тврдат дека употребата на природниот гас само за загревање на домовите би го намалила загадувањето за најмалку 30 до 40 отсто.

- Иако за ситуацијата со изградбата на гасификацијата важи изреката „Далеку е сонцето“, сепак сметам дека загаденоста на воздухот во земјава, посебно градовите што се најзагадени, драстично би се намалила. Ефектите би се виделе веднаш во индустријата и во домаќинствата што би се преориентирале на загревање на гас, што е многу поевтина варијанта од другите енергии. Би се намалила сечата на шумите - процес што ќе влијае врз чистење на воздухот, а би имало и низа други погодности. Со еден збор, може да се каже дека природниот гас е лек за состојбата со загадувањето. Дополнително ако и транспортот се преориентира на биогас, секако би можеле да говориме за активно намалување на загаденоста. Но како што реков, сè е тоа добра замисла и идеја, бидејќи практиката покажува нешто друго. Гасификацијата стагнира, нема некоја поголема преориентација на биодизел, а сè уште се возат стари возила што не ги исполнуваат еколошките услови. Да не зборуваме за големите загадувачи - вели претседателот на еколошкото друштво „Вила Зора“, Ненад Коциќ.

Еколошките друштва, вели Коциќ, одамна инсистираат државата да спроведе мерки за стимулирање на населението да употребува природен гас за загревање на домовите.

- Официјално побаравме намалување на акцизата за природен гас, со што би се намалила крајната цена, а гасот би бил повеќе користен за загревање во домаќинствата, но институциите не реагираа на нашето барање. Инаку, пресметките се дека употребата на гасот само за загревање на домаќинствата, би ја намалило загаденоста на воздухот за 30 до 40 отсто - појаснува Коциќ.

И во Министерството за животна средина сметаат дека употребата на природниот гас во земјава битно би влијаело на намалување на загаденоста на воздухот.

- Немаме изготвено студија за тоа како би влијаела употребата на природниот глас на животната средина, но сигурно дека би имало позитивни ефекти врз средината. Ваква студија може да се очекува кога би се гасифицирала земјата и би се почувствувале првите ефекти на мерните места - велат од Министерството за животна средина.

Најавата дека Скопје и поголемите градови до крајот на 2015 година или нешто подоцна ќе бидат гасифицирани, ги ангажира општините и граѓаните да размислуваат за тоа колку би чинело приклучувањето на гасот. Досега делумно се гасифицирани Струмица и Куманово, но домаќинствата и таму не се приклучени на гас. Се приклучуваат само индустриски и административни објекти.

Колку ќе чини префрлањето на гас?

Пресметките се различни и зависат од тоа дали станува збор за куќа, станбена зграда или, пак, за индустриски објект, колку корисници ќе има и колкаво количество ќе се троши, велат експертите.

Првичните процени беа дека пристапот до овој енергент би чинел меѓу 500 и 1.000 евра, а интересот на граѓаните за преориентирање кон овој енергент би се зголемувал со текот на времето кога ќе се видат првите ефекти од заштедата.

Експертите велат дека исплатливоста на инвестицијата во приклучок на гасоводната мрежа ќе зависи од тоа како и за што се користи гасот. Доколку гасот се користи само во кујните за готвење, трошоците нема да се променат многу, но ако се користи и на местото каде што сега се користи струјата за загревање вода или за ладење, ефектите би биле далеку поголеми. За ваквата искористеност на гасот, сепак треба подолго време и поголема инвестиција, која би значела и промена на соодветните апарати за домаќинства.
Моментно никој не сака да зборува во кои рамки би се движела цената за користење на гасот. Се проценува дека со зголемување на количеството што се користи, ќе се намалува цената. Упатените истакнуваат дека доколку за пет-десет години успееме да го искористиме максимумот од обезбеденото количество гас, сигурно и неговата цена ќе биде многу пониска од сегашната.

Извор: Слободен печат