СДСМ мора да покаже страст и емоции во своите настапи!

28.12.2015 02:33
СДСМ мора да покаже страст и емоции во своите настапи!

СДСМ има одлична содржина, ама има ужасна презентација на себеси пред јавноста, за жал кај ДПМНЕ е обратно!

 

Моите драги соборци во СДСМ и опозицијата се супер луѓе, со сите маани кои се нормални за луѓето, но генерално се едни вредни, добронамерни, воспитани патриоти, професионалци, одговорни, сериозни, алтрусти, чесни луѓе кои сепак, за жал, имаат една голема мана - имаат неверојатно ужасна презентација пред јавноста. Парадоксот е што СДСМ и опозицијата имаат одлична содржина ама ужасна презентација пред јавноста, а кај ДПМНЕ е сосема обратно. Слушнавме од снимките, впрочем. Ако на ова се додаде и медиумската екстремна нерамноправност, ситуацијата е сериозно ЈЕБАЛИ СМО ЈЕЖА!

Ги гледам настапите на првиот ешалон на СДСМ и забележувам една фрапантна отсутност на спонтаност и човечност во нивниот настап. Овие луѓе се претерале со професионалноста и сериозноста на она што го прават и што ги чека, па се здрвиле како фикуси. Луѓе, бре, дајте малку опуштете се, секако, без да изгубите на сериозност, ама дајте, бре, станете малку спонтани, емоционални, човечни, искрени, креативни, живи, интересни, возбудливи, непредвидливи. На вашите лица мора да има само две работи - или убава насмевка или лутина и бес, ништо помеѓу!

Дајте малку хумор, малку страст, малку емоции, малку харизма, малку шарм, малку лутина, малку бес, дајте малку шоу во вашите настапи, не многу, малку, како фин додаток, шмек, освојте ги срцата на луѓето, зачарајте ги, натерајте ги со нетрпение да ги гледаат вашите пресови, да ги читаат вашите интервјуа и партиски соопштенија. Како инаку ќе ве слушнат што имате да им кажете? А тоа што имате да го кажете е 100 пати попаметно и подобро од она што го нуди ДПМНЕ, ама нема кој да го чуе и прочита, или не во доволен број, засега.

Стерилни сте бре како научен институт, како историски архив, како службен весник. Дајте му на народот малку свеж дух, малку оптимизам, малку ведрина, малку креативност, радост, пргавост, ентузијазам, енергичност. Само тоа ќе го пробие дебелиот гранитен армиран режимски пропагантен бетон, верувајте ми!

Па недозволиво е интервјуто на Петре Шилегов на Плусинфо да е прочитано само 2.000 пати а стои на сајт 4 дена! За тоа е крив никој друг туку самиот Петре, за тоа нема вина ниту диктатурата, ниту режимот! Народот веќе изгради мислење дека првите опозиционери зборуваат едно те исто и се досадни, да не беше така, тоа интервју на Плусинфо ќе тераше до 20.000 читаност! Исто е со интервјуто на Заев на Телма кое има гледаност од околу 5.000. Заев мора на секое интервју да изнесе некоја новина, некоја анегдота, некоја поента, виц за Грујо и Мијалков, неговите медиумски настапи мора да се празник за опозицијата и генерално јавноста! Кога зборува Заев тоа мора да е фудбалски меч на Реал и Барса, значи да се очекува сè и сешто и за тоа да се зборува три дена!

Луѓе, да не се лажеме, она што го проби мразот во 1998 за ДПМНЕ беше харизмата на Љубчо Георгиевски и луѓето околу него. Заев, Радмила, Петре, Љупчо, Фросина, Оливер и останатите ќе мора да се потрудат повеќе околу ПР пристапот и експресијата, мора да покажат малку повеќе спонатност и човечност и да ја освојат јавноста, политиката е пола програма и интелект, а пола харизма и шарм. Ајде, дечки, можете вие тоа, а и да не можете ќе научите, за доброто на сите!

Си има ПР правила, има книги, седнете прочитајте. И распалете! Бил Клинтон и Обама беа одлични глумци, Трамп е оригинал, ама сите ја добија јавноста со своите настапи пред камери и пред луѓе на митинзи, пораките ги пратија спакувани со доза на спектакл и многу уверливо, со хумор и жестина и со емоции пред сè!

СДСМ мора да покаже СТРАСТ И ЕМОЦИИ!!! МОРА!!!

Извор: Мактел
Слика: Свирачиња