Mомент кој ме промени: будење со лош мамурлак - и двајца мажи

15.01.2016 14:54
Mомент кој ме промени: будење со лош мамурлак - и двајца мажи

Oткако станав сингл, на почетокот, да бидам слободна и да имам секс со секој маж што ќе посакам, беше возбудливо и забавно. Но, по извесно време веќе не беше така.

Се разбудив во некој чуден кревет, гола, меѓу двајца голи мажи. Се чувствував како мозокот да ми е натопен во пиво и Јегермајстер, ми се чинеше дека мебелот танцува пред мене, и поради некоја причина носот го чувствував како најприсутен дел од моето лице. Земав кокаин! Се сетив на свитканата 20 доларка и развлечениот глас на едно момче кое вели: „Сега се чувствуваш поинаку?“ Вкусот во устата ми беше одвратен, небаре имав тутун залепен на јазикот.
Се извлеков од душекот и зјапнав во лицата на мажите со кои сум имала секс претходната ноќ.

Од мојата лева страна, еден познаник - нечист, предаторски тип на човек - кој никогаш не ми се допаѓал. Од мојата десна страна - момчето на мојата пријателка. Си ја собрав облеката, се одвлеков до тоалетот и повраќав одново и одново, додека единственото нешто што остана во мојот стомак беше вината. И не сакаше да си оди. Тоа беше моментот кога сфатив колку се силни физичките емоции - ми гореше во стомакот со недели.

Точно една година пред грозоморното утро, прекинав врска која чувствував дека ме гуши. За прв пат се најдов себеси слободна, и бев возбудена бидејќи можев слободно да флертувам, да се бакнувам, и да спијам со друг маж. Па, токму тоа и го направив, во неколку наврати, од октомври 2014 година, до мај 2015. Кога стигнував дома и поминував низ влезната врата во 10 часот наутро, косата ми изгледаше како мртва трева, нозете тромаво ми се клатеа во високите потпетици од синоќешното излегување. Моите цимери ми упатуваа љубопитни погледи и ми се смееја додека бавно ја протресував мамурната глава.


Сексот за една ноќ често беше случаен и возбудлив, и во магливоста на несвесноста, мислев дека сум внимателна. Тоа не се случуваше толку редовно, можеби еднаш на секои два месеци, но кога се случуваше, секогаш беше со странец, секогаш бев пијана, и секогаш беше без заштита. Сето тоа ми се чинеше смешно и забавно во тој период, но потоа дојде лето, и работите почнаа да се менуваат.

Проблемите почнаа кога почнав да работам во еден паб за да заработам малку пари и да се занимавам со нешто, да не бидам целосно препуштена на моето бескрајно слободно време. Бев опкружена со алкохол, повеќето пијалаци ми беа бесплатни, и имаше редици луѓе кои сакаа да флертуваат со шанкерки. Без да бидам свесна за тоа, самата се сместив во средиштето на моите слабости.

Но, да бидам искрена, ми се допаѓаше вниманието. Уживав кога момците ми пишуваа пораки во кои ми кажуваа дека сум изгледала убаво додека ме гледале како ставам пијалаци, или кога ќе почекаа до крајот на мојата смена за да ме испратат дома. Почнав со внимателен избор на овие мажи. Ми се чинеше лекомислено прифаќањето и препуштањето на нивните обиди, но во моментот кога ги напуштав нивните куќи во утринските часови, се чувствував како искористено, и фрлено парче хартија.

Се чини дека за нив забавата беше само во посакувањето, но не и во самиот чин. Откако ќе спиеја со мене, дури и оние што јас ги сметав за пријатели, едноставно ме игнорираа. Ќе ме погледнеа и ќе си заминеа, ќе нарачаа пијалак од некоја друга шанкерка, или дури и разговараа со некој друг преку моето рамо. Што претставував за нив откако ќе ме освоеја?


Овие одбивања ми создаваа потреба од постојана потврда. Веројатно мирисав на очај. Го трошев поголемиот дел од времето во пабот, дури и кога не работев. Бев зависна од тоа место, од начинот на кој тоа ме правеше да се чувствувам посакувана, иако во суштина бев поосамена од кога било. Тоа е моментот кога престанав да бидам пребирлива и дозволував секој маж да може да ме има.

Имаше мажи кои на кратко ќе ме бакнеа пред јавните тоалети, силно ќе ме поттурнеа надолу држејќи ме за рамениците, и јас го правев она што тие го сакаа. Некои мажи ме бркаа надвор тврдејќи дека имаат работа, а всушност имаа секс со некоја друга девојка. Други правеа облози од 100 фунти со своите пријатели дека ќе бидат првите кои ќе успеат да ме однесат во кревет. Толку многу сакав сето тоа да престане, но беше полесно да се каже отколку да се направи.

Утрото кога се разбудив меѓу тие  двајца мажи, беше истиот ден кога се вратив во универзитетот во мојата втора година. Додека возев далеку од дома, поминав многу време во размислување и пресметки.
Во период од една година, спиев со дванаесет мажи, од кои со шестмина тоа се случи во периодот на овие два летни месеци. Имав секс без заштита во осум наврати и земав контрацептивни пилули за итни случаи во три од нив. Тројца од мажите со кои спиев ги изневерија своите девојки со мене. Првпат пробав дрога, пушев и пиев толку многу во една вечер, како нкогаш претходно. Собирањето на сите овие информации во мојата глава беше токму тоа шокантно сознание кое ми беше потребно.

Што се случили по мојата „фаза на рехабилитација“? Како што претходно се опивав секој ден, не ставив капка алкохол две недели. Отидов во клиниката за сексуално здравје, каде што направив тестови за бременост, кламидија и ХИВ, од кои сите за чудо излегоа чисти. Си дадов ветување дека ќе имам секс само кога сум трезна, а сега апстинирам три месеци. Конечно, одлучив да си простам. И оттогаш не го сменив мислењето.

Извор:www.theguardian.com

 

ОкоБоли главаВицФото