Јакимовски ќе го претвори Карпош 4 од еколошки рај во паркиралиште

22.01.2016 03:38
Јакимовски ќе го претвори Карпош 4 од еколошки рај во паркиралиште

Жителите од скопската општина Карпош 4 бараат од градоначалникот Стевчо Јакимовски и од советниците да го повлечат предлогот за новиот Детален урбанистички план (ДУП), со кој, како што објаснуваат, ќе се намалат зелените површини и ќе се загрози квалитетот на живеењето во населбата. Тие, своето писмено барање што го доставија до Општина Карпош, го поткрепија и со студија, финансирана од УСАИД, а во која е потенцирано дека овој нацрт-ДУП е спротивен на препораката од Генералниот урбанистички план за Град Скопје: да не се уништува парковото зеленило и дека според новите измени, постои непотребно зголемување на бројот на јавни паркинзи.

Според студијата за Карпош 4, оваа населба сега е „пример за еколошки чиста и архитектонско-урбанистички функционална населба“.

„Иако локациски е поставена во рамките на три магистрални улици со висок интензитет на движење, се карактеризира со висок степен на парковско зеленило, кое ги апсорбира негативните последици од сообраќајниците - загаден воздух, бучава, експонирање на населбата на преголема посетеност и џагор, немање простори за рекреација, силни ветрови и струења и сл. Од еколошки аспект населбата е чиста и зачувана, содржи високи дрвја со скапоцена старост и пејзажна убавина. При поставување паркинзи на просторите на зеленило (како во предложената урбанизација), се нарушува целиот концепт на домување во населбата и таа ќе има потреба од повеќе зелени простори. Со поставување на овие паркинзи (кои според наведените анализи за паркинзи не се потребни), населбата уште повеќе ќе биде изложена на рандом посетители, со цел да ги паркираат своите возила, истовремено просторно упатени кон трговскиот центар Сити мол“, пишува во студијата.

Во студијата е наведено и дека оваа градска четврт има многу повеќе зеленило отколку другите населби, но, како што се вели, тоа не смее да биде причина зеленилото да се уништи.

„Не треба да се гради во планскиот опфат за тој да кореспондира со соседните населби (кај кои фалат зелени површини и простори за спорт и рекреација), туку треба еколошки да се разгледаат соседните населби, со тоа што истите би кореспондирале со населбата Карпош 4“, наведуваат експертите што ја изготвиле студијата.

Според студијата, во оваа населба не смее да се зголемува ниту висината на објектите „поради опасноста некои објекти да бидат во критична состојба за сончева светлина со што губат од својата вредност и се со некомплетни услови за домување“.

„Населбата Карпош 4 е изградена населба со комплетна инфраструктура, која е планирана за постојниот процент и коефициент на изграденост. Со зголемување на истите, ќе се наруши и инфраструктурната мрежа односно таа нема да ги задоволува потребите во ново планираната состојба“, потенцираат експертите.

Во студијата е наведено и дека во последните неколку години, поради постојаното зголемување на процентот на изграденост во Град Скопје, нивото на јавно парковско зеленило е значително намалено и е доведено до критичен стадиум.

И жителите на Тафталиџе и на Карпош 3 бараат спас за зеленилото

Жителите од населбата Тафталиџе минатата недела уште еднаш упатија барање до градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, да не го спроведува новиот Детален урбанистички план, за кој, како што тврдат, имаа многу приговори уште во фазата на донесување.

- Со новиот ДУП треба да се пробие двосмерна улица од булеварот Партизански одреди, да помине покрај пазарчето во Тафталиџе и да излезе кај ресторанот „Форца“. На почетокот на оваа улица, во близина на Партизанска се предвидени две нови згради, и нам не би ни сметало за нив да има приод, но не сфаќаме зошто улицата и понатаму продолжува, низ зелените површини, речиси до самите наши прозорци - велат од Иницијативниот одбор за спас на зеленилото во Карпош.

За новиот детален урбанистички план реагираа и жителите од Карпош 3. Тие заедно со жителите од Тафталиџе најавуваат протести и затворање на улицата Партизанска ако надлежните не покажат слух за нивните барања.

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото