Ако порталите бараат ред и права, ќе добијат цензура!

23.01.2016 15:05
Ако порталите бараат ред и права, ќе добијат цензура!

Дали интернет-медиумите треба да се регулираат, да се сметаат за „вистински медиуми“, да се почитуваат авторски права, да се ограничи „копи-пејст“ новинарството, или таа сфера да се остави без никаква регулација, слободно да се развива? Ова беше централната дилема на вчерашната трибина организирана од Центарот за развој на медиуми на која беше промовирана и публикацијата „Информативните медиуми на интернет и медиумското законодавство во Република Македонија“.

- Овој мал документ е обид на Центарот за развој на медиуми да поттикне дебата и да се обиде да даде одговори на прашањата што си ги поставуваме – рече Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиумите.

Бојко Боев, меѓународен експерт по медиумско право од Бугарија, рече дека три четвртини од европската популација смета дека интернет-медиумите треба да бидат регулирани.

- Сопствениците на интернет-медиумите се бизнисмени и читателите имаат право да знаат кој е бизнисменот што стои за информациите што ги чита – рече Боев.

Еден од поборниците на правната регулација во Македонија е новинарот и уредник Александар Дамовски, кој смета дека не е фер некои од порталите да бидат регистрирани како фирми, со сопствени канцеларии и вработени, а некои други да пишуваат од својата детска соба и да бидат на исто рамниште на пазарот.

- Мкд.мк четири години постои на пазарот и четири години се бориме со нефер конкуренција – рече Дамовски, сопственик и уредник на тој интернет-портал.

Зоран Ричлиев, од БИРН, е против регулација на интернет-медиумите.

- Ако бараме регулација на медиумите, ќе си ја добиеме и тоа во облик на цензура – рече Зоран Ричлиев од БИРН.

Активистот Фили Стојановски, кој е еден од луѓето во земјава што се најзапознаени со проблематиката на интернет-општеството, потсети дека Европската Унија во последните неколку години го вклучува аспектот на човековите права во расправата за регулација на интернет-медиумите.

- Во Македонија има тенденција за сè поголема регулација на интернет-општеството. Постојат и случаи на целосна цензура, каков што беше случајот кога на студентите од студентскиот дом „Гоце Делчев“ им беше оневозможен пристапот до интернет-страницата што го актуелизираше проблемот за лошата состојба на студентскиот дом – рече Стојановски од Фондацијата „Метаморфозис“.

Проблематична е и појавата на веб-сквотирање, односно купување домејни што логично е да им припаѓаат на други организации или компании. Таков сличен пример беше актуелен и деновиве, кога домејнот збогумникола.мк беше откупен од некој анонимен граѓанин, кога логично би било тој домејн да припаѓа на некоја од опозициските партии или организации.

Повик за етичко известување на претстојните избори

Советот за етика во медиумите во Македонија ги повика медиумите да потпишат Повелба за етичко известување за претстојните избори во Република Македонија.

- Ние, новинарите, уредниците и раководството на медиумите, почитувајќи го правото на јавноста да биде објективно, вистинито и навремено информирана и имајќи целосна одговорност и свесност за улогата на медиумите околу претстојните парламентарни избори во државата, ја прифаќаме оваа Повелба и сме согласни дека во работата на нашите медиуми ќе се почитуваат следниве принципи – се вели во предлог-текстот на Повелбата.

Во Повелбата потписниците се повикуваат на принципите на вистинитост, објективност, избалансираност, дистинкција меѓу информации и коментари, чесност и неутралност, професионална солидарност, уредувачка независност и професионален интегритет, почит и толерантност, слобода и одговорност.

Под принцип на избалансираност се подразбира претставување различни ставови и гледишта во вистинскиот контекст и без заземање страна кон кој било кандидат, партија или коалиција.

Под принципот на професионална солидарност се наведува дека во својата работа медиумот ќе ги поттикнува заемната солидарност и различноста на ставовите и нема да дејствува на начин што ќе значи пресметка со другите медиуми и колеги.

Извор: Слободен печат
Слики: iHeart