Соочување со староста: „Младост“ од Паоло Сорентино

15.02.2016 12:55
Сорентино

Последниот филм на италијанскиот режисер Паоло Сорентино, „Младост“ (2015) е возбудлив филм кој  длабоко ги истражува релациите на луѓето - релацијата на младоста наспроти староста, копнежот и страста, човечката желба за оставање трага наспроти спонтаната, неизбежна леснотија на бледнеењето.

Сорентино во „Младост“ се одлучува се осврне кон уметноста. Овој пат уметноста е скриена во швајцарските шуми заедно со детерминизмот на уметниците кои не можат веќе да се носат со товарот кој таа им го доделила. „Младост“ е вториот филм на Сорентино кој е од англиско говорно подрачје. Тоа е филм што ја користи уметноста за да ја уништи уметноста. Низ центарот на критичкиот објектив на Сорентино овој пат се претставени холивудските интелектуалци. Исто така, интересен е фактот дека иако Сорентино има 45 години, речиси секогаш избира постари актери за негови главни протагонисти, но тоа е тесно поврзано со омилената тема која Сорентино ја обработува во своите филмови, одразот на минатото.

Главната улога Сорентино му ја доделува на Мајкл Кејн, кој совршено го доловува ликот на Фред Балинџер - музичар познат по само едно свое дело кое станало инстант хит - „Едноставни песни“. Но, креацијата на Фред се претвора во негово тивко измачување. Како стар и измачен музички доктор Франкенштајн, музиката која го следи целиот негов живот ги враќа назад неговите најубави и најлоши спомени. Малата илузија на мир која Фред ја добива со изминувањето на годините се крши кога кралицата на Англија сака да го прогласи за витез поради заслугите во музиката, односно поради неговите „Едноставни песни“.

Друштво на Фред му прави неговиот близок пријател режисер, Мик Бојл (Харви Кајтел) кој иако е врсник со Фред, не се откажува од правењето филмови. Напротив, тој сака да го направи својот последен филм, „Life's Last Day“, како своевиден тестамент, но оваа желба ќе му пропадне, кога неговата муза (Џејн Фонда) ќе ја одбие улогата. На овие двајца сениори им се придружува младиот актер Џими Три (Паул Дано), кој исто како Фред и Мик, на свој начин се носи со товарот на уметноста. Тој е познат по улога на робот во филм кој веднаш станал блокбастер и не може да се ослободи од ова негово наметнато алтер – его.

Џими, Фред и Мик се кријат од наметнатите продолженија на нивните карактери во еден швајцарски спа-центар, далеку од очите на светот, каде што товарот станува заеднички, дијалозите стануваат искрени, а понатамошните решенија се носат во моментот.

„Младост“ зборува за наталожените искуства, филмот претставува интимен омаж на сеќавања, а преку целиот филм кадрите остануваат сталожени, симетрични и јасни.

Но, точките во кои секојдневието се крши под притисокот на необичностите се неизоставен дел и од „Младост“. Присутни и во кадрите и во самото сценарио преку ликовите, тие заедно со поетичните и сатиричните дијалози прават од филмот вистински да ја прикажува болникавата душа на Европа. Некаде во шумите на Швајцарија, во елитниот спа-центар, меланхолијата го прави чистиот воздух уште понеподнослив и тежок за дишење, а детерминизмот полека ги убива своите деца. Искуството тежи, а староста е присутна насекаде низ швајцарскиот зимски центар. Староста е влезена во духот на нашите протагонисти.

За да го долови стерилното постоење на протагонистите во ресортот, Сорентно направил гледачите, додека го гледаат „Младост“, да се чувствуваат како да листаат Плејбој и каталози од домови за стари лица. Токму преку овој начин на естетизирање, Сорентино мајсторски ја прикажува можеби најтешката борба на светов, борбата против староста на духот.

Меланхолијата прави светот да се врти побавно, но старата добра европска декаденција е неуништлива. На крајот од најновата приказна на Сорентино, тој ни го открива ултимативниот лек против стареењето на духот - страста. Зашто страста е таа која нѐ одржува живи. Одеднаш изолираниот швајцарски ресорт од место каде што меланхолијата се негува, станува тврдина на одново родената европска страст за животот.

Смиреноста со која Сорентино ги објаснува перенијалните теми кои му создаваат нелагодност на човекот навистина е мајсторија. Можеби тоа е магијата во светот на Сорентино. Од филм во филм смиреноста станува сè поважен елемент на неговата поетика, а темите на обработка сè покомплицирани. Гледачите на филмовите успешно се пронаоѓаат во неговите протагонисти, кои на некој начин се антихерои со сета нивна минливост. Меѓутоа, минливоста во филмовите на Сорентино воопшто не ги плаши гледачите, туку прави истите да се помират со неа и да ја прифатат како нераздвоен дел од постоењето.