„Игла под прагот“ – џез сторија за балканското битисување

26.11.2016 16:15
„Игла под прагот“ – џез сторија за балканското битисување

Игла под прагот е дебитантски филм на црногорскиот режисер Иван Мариновиќ чија македонска премиера се одржа во рамките на филмскиот фестивал Cinedays. Истовремено филмот е црногорски кандидат за Оскар во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.

Игла под прагот става акцент на човечките односи и индивидуалните светови што се испреплетуваат создавајќи една сериозна, комична и апсурдна приказна која публиката ја освои со својата едноставност. Во отсуство на претенциозност, Игла под прагот одново ги отвора прашањата за религијата, емпатијата, љубовта и простувањето низ призма на секојдневието на еден обичен човек. Бидејќи токму обичниот човек е оној кој во својата борба со предизвиците на животот создава надреални приказни.

Одбирајќи улоги кои секогаш се обидуваат да ѕирнат малку подлабоко во необјаснивата човечка природа, Никола Ристановски, кого публиката оваа година го запамети по мајсторски одиграната улога на Воланд - симпатичниот Сатана кој го спасува светот, во Игла под прагот го гледаме во улога на Поп Петар - ноторен „хејтер“ на каков било фанатизам кога станува збор за верата, човек со карактер цврст како камен, свештеник кој е во постојан конфликт со мештаните во селото и истовремено сам се грижи за својата сенилната мајка (југословенската актерска легенда Јелисавета Сека Саблиќ) и бунтовниот син (Филип Клицов), бидејќи е оставен од неговата сопруга.

Конфликтот што најпрво се базира на ситни несогласувања, се претвора во луцидно филмско искуство кога поп Петар ќе одбие да го продаде својот имот во склоп со другите селски поседи за да се изгради луксузен комплекс. Мештаните тогаш ќе решат да му се одмаздат на попот во чиј песимизам и тврдоглавост и онака веќе подолго време не можат да најдат лесна утеха за нивните смртни души. Поп Петар овојпат нема да се одлучи да го „сврти другиот образ“ и токму во тој необичен судир се крши илузијата на сликата за секој карактер во филмот и погодете што? Позади секој циник постои идеалист, позади маската на мизантропија се наоѓа осаменоста, а од злобата произлегува чувството на немоќ.

Игла под прагот е филм што детално го сецира менталитетот не само на црногорското туку и на балканското поднебје, играјќи си со традицијата и религијата во овие краишта кои не се претставени само како попатни филозофии во животот на мештаните, туку како начин на живеење. Режисерот Мариновиќ кој истовремено е и сценарист, во јадрото на својот филм го вметнал хуморот што е најважната нитка кога се плете една балканска приказна. Бидејќи, ако традицијата и религијата се начин на живеење за Балканците, тогаш хуморот е начин на преживување. Филмот е апорична целина базирана на фанатизмот кај мештаните кои позади лажниот религиски догматизам ги кријат стереотипите и духовната апатија. Сосема на крајот, секој од ликовите излегува од својата комфор-зона и добива храброст да го покаже своето вистинско лице, кршејќи ја општествено наметнатата слика за него. Тогаш во филмот, како мали проблесоци почнуваат да светкаат надреалните приказни кои ги пишува обичниот човек импровизирајќи го својот пат низ доброто и лошото, тагата и среќата, животот и смртта. А доколку импровизирањето низ животот би имало саундтрак, тоа би било џез.

Саундтракот на Игла под прагот е на Тони Китановски, чија музика го дава потребното шаренило во танцот помеѓу „црното“ и „белото“ наречен живот, правејќи публиката да посака уште. Кога станува збор за филм чија тематика се бави со балканското поднебје, многу музичари поради некоја причина сè уште неуморливо го одбираат музичкото етно влијание. Меѓутоа, не и во овој случај. Изборот на џез саундтрак за филм кој зборува за балканското битисување е оригинално и воопшто не е неспоиво, бидејќи токму игривиот и динамичен ритам на џезот одлично се вклопува со динамиката на сценариото. Прецизен и сугестивен, Китановски одлично ги доловува духовните перипетии на ликовите во текот на целиот филм, за после проекцијата на Игла под прагот публиката да оттанцува од кино салата горко насмеана со нотите на Китановски сè уште во своите глави.