Рендген за корупцијата во романското здравство

30.07.2021 14:23
Рендген за корупцијата во романското здравство

Овогодишниот романски кандидат за „Оскар“ за филм од неанглиско говорно подрачје, „Колектив“ на романскиот докурежисер, Александар Нанау, е 109-минутна сага која ја открива корупцијата во здравствениот систем. Нанау, кој се потпишува и како сценарист и директор на фотографија, во оваа траорна документаристичка истрага што носи наслов во множина, на виделина ги покажува гнојните рани на романското здравство: корумпираните менаџери на болниците, во кои, животите се гасат како пламен од свеќа. Приказната почнува со навидум подзаборавениот настан во ноќниот клуб „Колектив“ кога во пожар изгореле дваесетина луѓе, а стотици биле повредени. Но, всушност ова е нултата точка од која Нанау ја гради приказната за едно политичко и бизнис подземје кое работи само за сопствената корист, односно за полнење на сопствените џебови. Почнува од тука, од желбата да се дознае што навистина се случувало.

„Колектив“ е рендген кој детектира длабоко зафатен систем од корупција, демотивиран и разочаран медицински персонал. Во таков систем болните барајќи спас за сопствените животи и не можат да видат дека во операционите сали се користи десетпати разреден дезинфициенс, а државата не само што не прави ништо, туку и тврди дека сè е под контрола. Токму во ваков систем, мал истражувачки новинарски тим предводен од новинарот и уредник Каталин Толонтан открива скандали кои изнудуваат оставка на министерот за здравство, а нивните сознанија имаат домино-ефект врз општеството и врз довербата на граѓаните во здравствениот систем. За шокот да биде поголем новинарите ревносно ја истражуваат и фирмата што ги набавува дезинфициенсите за над 300 болници во Романија и наидуваат на интересни сознанија.

Симбол на декадентниот амбиент е девојка која и покрај видните изгореници и оштетувања им дозволува на фотографите и снимателите од неа да направат своевидни портрети на протест против трагедијата со пожарот, за која одговорност се бара од здравствените власти.
Документарниот филм на Нанау е раскажан линеарно и тивко, но со многу гнев и непомирување. Тоа е филм на немоќта и гневот, кои трагаат по одговорност. Пред екранот како под микроскоп се гледаат беспомошните животи на Романците кои одвојуваат од својот џеб за здравствен систем кој ги лаже дека работи онака како што треба. Системот наместо да лекува, „убива“.

Филмот несомнено го аспектира и значењето на истражувачкото новинарство и моќта на јавно искажаниот збор, поради кој, често паѓаат влади, се случуваат оставки. Сомнежот на новинарскиот тим да ги истражи врските и конекциите на клучните актери и храброста да се оди спроти затворениот и интовертен систем наидува на поддршка и кај граѓаните.

„Колектив“ ги истражува емоциите и болката. Тоа е реалистичен и во исто време болен автопортрет на романското здравство, идентичен со многу други низ светот. Административно-бирократските бариери и политичката свила што ја прекрива секоја желба за критичко преиспитување на јавното здравство, доаѓа во време на кризата со коронавирусот што тлее веќе втора година. Токму овој филм преку романското здравство фрли светло и фокус врз свесноста од транспарентно и отчетно работење додека големиот биолошки непријател уште ровари. Нанау не сакал да биде естетски претенциозен и токму затоа филмот не е оптоварен со естетизација на грдата и брутална стварност, но токму затоа, со едноставен јазик гласно говори дека и во најважниот општествен сегмент, некој поради профит може да го прокоцка здравјето на граѓаните.

Оценка: (3)

 Извор: ТВ и филмски печат