Реквием за балканското општество во депресија

22.04.2017 11:01
Реквием за балканското општество во депресија

Дали жената од транзициските земји на Балканот има право на депресија? Не, таквата состојба е дозволена само во некои други, побогати и социјално поосвестени држави. Некаде кадешто таа не мора да биде маченичкиот „столб на семејството“. Ниту балканските општества, ниту структурата на семејните односи дозволуваат таква болест. Ова е еден од потслоевите на одличниот нов филм на српскиот режисер и сценарист Бојан Вулетиќ, „Реквием за госпоѓа Ј“, со кој се отвори годинешното 20. издание на Скопје филм фестивал.

Госпоѓата Ј. (маестралната Мирјана Карановиќ) има две ќерки и свекрва, останува без работа и без сопруг и на годишнината од смртта на сопругот решава да се самоубие. Но внимавајте, таа никому не кажува дека е во лоша ментална состојба, дека се чувствува беспомошно, дека сака конечно да се одмори од сите неволји и проблеми. На прашањето „Како си?“, таа секогаш одговара со: „Добро сум. Зошто?“.

И во очајничкото расположние во кое се наоѓа, таа знае дека ќерките (Јована Гавриловиќ и Даница Недељковиќ) ѝ се лутат затоа што е депресивна, дека свекрвата (Мира Бањац) одбива да комуницира и се крие во својата соба зашто депресијата ја оневозможува да биде пример на патријахалната балканска жена која молкум, исправена ги преживува сите маки и се грижи за домот и децата.

И токму преку таа безизлезна ситуација на главниот женски лик, филмот може да се гледа и како портрет на транзициска Србија, но и на секоја друга балканска држава. Низ перспективата на четири жени од различни генерации се прикажува тоталниот распад на сè што евентуално било добро во социјализмот и нехуманоста на сето она што е прифатено од капитализмот.

Се разбира, отсуството на таткото ја подвлекува симболичната смрт на социјалистичкиот систем, уште повеќе што тој бил дел од воениот оркестар на Сината гарда на Тито.

„Ме инспирираше таа состојба во Белград, која ми се чини дека, сепак, е универзална. Тоа е депресијата, но раскажана на духовит начин“, вели режисерот и сценарист Вулетиќ.

Дури и драстичната одлука да си го одземе животот, Јелена пред себе си ја оправдува со желбата на своите деца да им остави пари од животното осигурување или од отпремнината од стечајот на фабриката во која работела. Но, мирните самоубиствени намери тешко се остваруваат во земји како нашите, особено ако претходно сакате да завршите неколку административни работи...

Вулетиќ и неговата кинематограферка Јелена Станковиќ во неколку наврати користат статични кадри кои се симетрични и геометриски прецизни, како да се насликани. Моќта на ваквиот визуелен пристап, дополнет со чистата и јасна монтажа (Владимир Павловски) ја потврдува и реченицата од „Холивуд рипортер“ дека „ако Вес Андерсон направеше филм за суицидални балкански вдовици, тој најверојатно ќе изгледаше вака“.

Овој филм е полн со контрасти: наспроти мачната и неизвесна судбина на едно семејство е хуморот со кој е раскажана приказната, наспроти едноставната структура е повеќеслојноста на темата за тотален колапс на идејата за хуманост и солидарност – а тие сè уште функционираат на едно чудно, студено ниво, а на начин на луѓе кои не можат да се снајдат во новите општествени околности, зашто живееле со други вредности. Наспроти депресијата и безизлезот на главниот лик е грижата за семејството и за другите. Наспроти руинираните екстериери и ентериери на институциите, фабриките, станот... е совршената канцеларија на приватното пензиско осигурување, налик на реклама, каде вработениот има брзо и ефикасно решение за сите ваши проблеми – болест, инвалидитет, смрт...

Лузните од преминот од социјализам кон капитализам се насекаде, а естетката е балканска - осиромашена и пред запустената зграда и во продавничката каде купувате на почек, во рунираните фабрики каде за очајните стечајци никој не се грижи, крај шалтерите на корумпирниот систем што не ви помагаат. Па сепак, „изгубените души на транзицијата го гледаат светлото на крајот на тунелот, но не знаат колку е долг тој тунел“, како што вели главниот продуцент Ненад Дукиќ.

И точно, мизеријата под површината крие зраци хумор што не е патетичен, туку зрачи со топла емпатија кон ликовите во приказната, што овој филм го разликува од другите со слична тема.

Филмот може да се чита и како порака дека надежта се крие во наједноставните човечки односи, таму каде што не помагаат ниту парите, ниту шалтерите, ниту законите, преживуваме со трошка емпатија и разбирање.

Неколку филмски критики веќе потенцираа дека Вулетиќ, во овој филм, успешно заиграл на победничката карта на новата романска филмска школа која се карактеризира со минимализам на изразот, но „Реквием за госпоѓа Ј“ е специфичен по тоа што и покрај целата мачнина на темата, звукот и сликата, тој не ви дава да ве прекрие горчината, но не ветува ниту холивудски среќен крај, зашто такви нема на оваа страна на светот. Овој филм е и доказ дека романската формула за успех функционира само ако имате што да кажете и умеете тоа да го направите.

Досега, филмот се прикажа на 67-то издание на Берлинале, на ФЕСТ Белград каде освои награда за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра женска улога, а на 21. Интернационален филмски фестивал во Софија ја освои наградата ФИПРЕСЦИ што ја доделува Интернационалната федерација на филмски критичари.