„Трска“ – филм за скриениот лик на војната

09.02.2022 14:53
„Трска“ – филм за скриениот лик на војната

Трска (Дылда) Кантемир Балагов, 2019, Русија


Воените филмови најчесто се одвиваат на бојните полиња, онаму каде на драматичен начин паѓаат најкрупните влогови. Во нив долгоочекуваното огласување на склучениот мир е спасоносниот знак дека светот кој излегол вон себе, и покрај сѐ, ќе преживее. Нештата што излегле надвор од колосекот треба пак да се вратат „во нормала“.

Историската драма „Трска“ (Дылда, 2019), излегува од вообичаениот воен наратив – почнува кога војната е завршена, но насилството истрајува. Филмот, меѓу другите, го поставува прашањето: Како да се продолжи со нормалниот живот? Како се живее со радиоактивното насилство впиено и скаменето во телата?

Дејството во филмот се отвора непосредно по Втората светска војна во Ленинград, Русија, во видливо повоена но воздржана атмосфера. Но, надворешните ломови филмот ги избегнува и се концентрира на урнисаноста на протагонистите. Воведот на филмот одмерено и без непотребен спектакл им приоѓа на различните нивоа на кои војната ги оштетила луѓето: разорените тела, психолошките трауми кои се реални исто колку и ампутираните екстремитети и лузносаната кожа, и слабото и немоќно колективно ткиво, кое шлајфува во место.



Во една таква разнишана атмосфера ја следиме носечката релација помеѓу две жени, војнички вратени од бојното поле, Ија (Викторија Мирошниченко) и Маша (Василиса Перелигина), кои брзо осознаваат дека сѐ кон што итале да се вратат, веќе не постои. Дознавајќи дека по сопругот и нејзиниот мал син е мртов, Маша веќе во следниот миг излегува да најде татко за своето ново дете и така да ја врати судбината назад во претходното корито. Таа жестоко ги впрегнува сите, а првенствено пасивната и субмисивна Ија, во своите безмилосни напори за создавање нов живот од ништавилото околу и во неа.

Сосем изненадува фактот дека Ија и Маша ги играат две актерски дебитантки. Мирошниченко и Перелигина длабински ги разбираат своите ликови и самоуверено го изнесуваат козависното пријателство во кое се врзани. Прозрачната но силна Ија и жестоката но ранлива Маша се две страни на истата паричка која ротира околу себе. Двете жени се спротивставени во повеќе од сензибилитетот. Нивната меѓусебна борба за превласт е архетипски танц за изнаоѓање на балансот – помеѓу умирањето и раѓањето, траумата и надежта, вкочанетоста и акцијата – во новото уредување на светот зафатен во вртлог што по инерција продолжува да дивее.

Притоа, во актерската поставка е незаобиколлив ситниот и трогателен Тимофеј Глазков во улогата на Панша, кој го отелотворува централниот копнеж во филмот.



На ниво на слика, дуалната динамика е истакната со менувањето на црвената и зелената боја распрснати низ кадрите. Иако симболизмот на боите можеби на моменти е пренападен, силниот контраст несомнено резултира во раскошни и моќни кадри. Во внимателно уредените визуелни композиции особено се памети компулзивната посветеност на детали: капкичките боја врз облеката на Маша, миговното засветување на заборавените шкртки на малиот Панша, лузната зад увото на Ија...

Уште повеќе, преку историската доследност на сценографијата и костимите, преку суптилното треперење на сенките врз лицата на актер(к)ите, Балагов создава комплетно убедлив филмски свет.



Незаобиколна е темата на телото во филмов – телото со попреченост, телото отсечено од продуктивна интеракција, телото како легло на траумата и самата телесност како траума. Во тој контекст за пофалба е што режисерот без задршка ги допира и ретко филмуваните прашања на сурогат-мајчинството и на еутаназијата – силно табуизирани теми кои во овој попречен свет добиваат димензии на неминовност.

Токму во емпатичноста и суптилноста со кои им приоѓа на психолошките аспекти на специфичниот историски миг најмногу се гледа внимателноста на креативниот процес на Балагов. Имено, за „Трска“ важен извор се сведоштвата од книгата „Војната нема женско лице“ од нобеловката Светлана Алексиевич. Согледбите од таа збирка која ги изнесува затаените женски воени искуства, се втемелени во сценариото.



Како претставник на најмладата генерација режисери Балагов се обидува да истапи од површните, псевдо-патриотски и машкоцентрични руски и други филмови кои ги величаат победата и жртвата. Приказната на Балагов е опфатена со немост: војната експлицитно и не се споменува, поимите дом, татковина и нација одамна изгубиле смисла – нема простор за нив меѓу оловно тешките обиди да се артикулира желбата за поместување и продолжување на животот.

Но, најпосле, „Трска“ не е само заводлив и потресен филм, не е ни само историско-социолошка студија, туку е и јасно артикулиран современ и актуелен политички став.



Текстот е оригинално објавен на Гледај.мк