Успешно нижење на апсурдни прикаски

03.08.2021 12:53
 Успешно нижење на апсурдни прикаски

„Полубогови“
режија и сценарио: Чино Моја
кинематографер: Дејвид Редекер
музика: Војчек Голчевски
улоги: Јохан Маерс, Мајкл Гулд, Тања Рејнолдс

Запишете го името Чино Моја. Верувам дека во иднина ќе биде од корист повнимателно да го набљудуваме неговиот опус, затоа што може пријатно да изненади со некое интригантно филмско остварување. Вештината, која ја поседува Леос Каракс во „Свети мотори“, односно умешноста за создавање на низ, со непречен премин помеѓу изградените апсурдни реалности, ја има совладано и самиот Чино Моја. Тој во брутализмот на Белград согледа руина, која може да биде основа за засадување на неговите невообичаени ликови во дистопијата на првиот долгометражен игран филм „Полубогови“. Во филмот сведочиме на едно невообичаено патешествие низ Европа пред колапс, сосредоточено низ неколку вињети.

Мистериозен сосед посетува семејство, предизвикувајќи раздор во него. Бајка за подлиот трговец од Венеција, со киднапирана ќерка, поради алчната природа на таткото. Повратништво на исчезнат сопруг, во видоизменет облик. Сите се сместени во бездушна реалност, осмислена како алтернативна историја, со неизвесна дифузија на времето и просторот, оневозможувајќи го лоцирањето на ликовите. Во скапувачката дистопија, сведена на отпад, среќаваме двајца харизматични ликови, именувани „К“ и „З“, возачи на камион, кој го полнат со мртви тела. Уште во тој сегмент ја забележуваме вештината на режисерот да стимулира повеќе сетила кај гледачот, одеднаш. Покрај згрозеноста од светот на руини, ликовите се весели, затоа што не живеат во конзумеристичкиот свет, туку се кралеви на депонијата. Тие ја немаат удобноста на модерното општество и затоа немаат што да загубат, небаре избегале од филмовите на италијанските предградија на Де Сика. Светот и да гори, тие ќе го задржат ведриот дух.

Филмот е едно научно-фантастично предупредување на ерозија на моралот. Несреќните ликови се поклоници на: егоизмот, гордоста, лицемерието, користољубието и непочитта, со потреба од „заверка“ од околината. Тие раѓаат нивни поданици, несигурни во себе, кои ќе бидат изедени и буквално и метафорички во капитализмот, заглавени во кафкијански измачувачки безизлез на Вавилонската кула.

Моја умее да биде несуптилен во своите референци, како што е случајот со книгата на Е. Т. А. Хофман, магот на фантастичниот расказ, во чиешто дело своја инспирација за световите на невозможното наоѓа и режисерот. Тој симултано амалгамира хумор со агонија, но остава простор и за визуелната поезија, да засади убавина насреде детеријација. Тоа значи дека кратко е времето во кое можеме да се дружиме со ликовите, а некои од споредните се толку енигматични и интригантни што потребно е да им се отстапи повеќе простор, за да ги запознаеме подобро, луксуз којшто не ни го нуди филмот. „Полубогови“ се движи по еден опасен наративен пат, градејќи универзум во кој нема детални и јасни објаснувања на правилата на светот, но го поздравувам тој чин на пркос на авторот, за да не му ја даде удобноста на рационализирањето на „плиткиот“ гледач.

Кинематограферот Дејвид Радекер е задолжен да го долови мувлосаното синило на светот на распаднатата дистопија. Наспроти таа руина, создава надреален контрапункт во вињетите со пастелен колорит на компанијата, за да се долови површниот, спакуван во убава амбалажа, консумеристички свет. Многу е близок визуелниот печат до чистилиштата на Рој Андерсон, сместени во впечатливиот продукциски дизајн на Маркета Коринкова и Џо Сатерленд. Во монтажата се изнаоѓа еден механизам за димензионирањето на нарушувањето на просторот и времето, со елипси кои имаат за цел да ги симболизираат пукнатините во животот, кои никогаш нема да може да ги пополнат ликовите.

Од постапокалиптичните сталкеровски предели до пазолиниевото доаѓање на странецот во домот, може да ја констатираме „нагледаноста“ на режисерот, кој изнаоѓа начин гледачкото искуство да го помеша со сопствениот филмски потпис. Може да го вброиме делото во низата на модерни апсурдни творби како: „Мрсниот задавувач“, „Погрешно“ и „Позелена трева“.

Филмот ја имаше својата премиера во епицентарот на жанровскиот филм - фестивалот „Фантејжа“, а потоа играше и на „Блек најтс“ во Талин. Ова е мал филм, којшто нема којзнае каков механизам за промовирање, но љубителите на апстрактниот филм ќе го пронајдат. Филм со маргинални ликови, кои се несреќни талкачи во лавиринт од сопствени амбиси.

Оценка: 4

Извор: ТВ и филмски печат