Најдобрите серии во 2021 (2)

06.01.2022 13:24
Најдобрите серии во 2021 (2)

Сцена од The White Lotus

(продолжува од првиот дел)

10. The Other Two

Не сум некој љубител на кринџ хумор бидејќи за мој вкус тоа најчесто излегува премногу мазохизам за премалку смеа. Иако првата сезона од оваа серија не е дека баш крвнички ги понижуваше своите главни ликови – двајца неуспешни миленијалци кои се обидуваат да зајаваат на бранот на славата на својот помлад брат, t(w)een сензација во стилот на Џастин Бибер – едновремено преретко ми беше, она, екшли смешна. Но, ситуацијата на тој план веќе е многу подобра во втората сезона (во која „другите двајца“ сега се обидуваат да зајаваат на бранот на славата на својата мајка, новопечена ТВ ѕвезда во стилот на Опра). Таа воедно значително помалку пати од онаа друга голема болка на кринџ хуморот – протагонистите да се доведат во неугодни ситуации со абнормално глупави постапки кои никој жив, колку и да биле смешни, никогаш не би ги направил на нивно место: неугодностите сега произлегуваат првенствено од нивните каратерни маани, баш како што и треба да биде.

9. How To with John Wilson

Првиот дел од Вилсоновите докуменарни видео-есеи за животот во Њујорк и животот воопшто се пораѓаше цели две години, па малку се плашев кога само година дена подоцна се врати со шест нови епизоди. Но, стравот не ми беше оправдан – оваа сезона е дури подобра од првата! Особено епизодата за паркингот и отпадот, кои се вистински мали ремек-дела.


8. Tuca & Bertie

Има нешто малку депримирачко во тоа што Нетфликс стана толкав телевизиски кингмејкер, нели? Бидејќи, ако на него излезе хот топик сатира со Лео ди Каприо, ќе ја погледнат ама баш сите, па и премиерите на државите од европската периферија. А ако новиот анимиран проект на коавторката на една од најфалените и најобожавани скорешни серии добие нога од Нетфликс и таа по некое чудо сепак успее да најде нов ТВ дом, што корист од тоа кога никој нема ни да забележи – она, се кладам дека Пленковиќ нема поим дека вооопшто и постои втора сезона од Tuce & Bertie. И додека првата сезона беше ептен симпа и не многу повеќе од тоа, во втората Лиза Ханаволт исчекорува од сенката на БоЏек Хорсмен, со низа прекрасни хумористични огледи за радостите и болките на адолтингот и женското пријателство.

7. It's a Sin

Луѓето обично најдобро пишуваат за она што најдобро го знаат, па и не ме чуди што од последните неколку дела на сценаристот Расел Т. Дејвис најмногу ме освои она во кое се зафати со теми што му се лично многу блиски: лондонската геј сцена во осумдесеттите во екот на пандемијата на СИДА. Дека тоа ќе предизвика солзи, беше очекувано, но од речиси година дена дистанца можам да речам дека и сцените на распуштено животно (читај: геј) веселење подеднакво ми се задржаа во паметењето.

6. The White Lotus

Попристапна верзија на Succession, на некој начин, во која одбивн богати белци прават што сакаат и не трпат никакви важни последици – само што овде гледаме и како трпат оние кои ја немаат таа среќа. Има постепено, но константно загревање на драмата кон крешендо, за разлика од Succession каде обично температурата се крева во последните неколку епизоди од сезоната. Давам блага предност на неконвенциналниот пристап на Succession, но ова е исто така одлично.

5. Dickinson

Хејли Штајнфилд како Емили Дикинсон, заедно со Били Ајхнер во улога на Волт Витман и Бет Дито во костим на сирена, лудува на подиумот на нешто налик на ноќен клуб, на звуците на Робин Шулц и Феликс Јин. Во 19 век. Знам дека на хартија делува како некој особено лош скеч од Saturday Night Live, но јас... Па, јас ја гледав таа сцена со насмевка од уво до уво. И тоа е само еден од многуте мигови во кои оваа серија за младата Емили Дикинсон – во која сценаристите многу слободно си поигруваат со нејзината биографија, вклучувајќи шпекулации за нејзината сексуалност – ме улови на емоции, секојпат штом помислам дека знам што се’ можам да очекувам.

4. The Underground Railroad

Тешката и мачна серија за бегство од ропството на американскиот југ воедно е и една од визуелно најубавите овогодишни серии. Бери Џенкинс ја впрегнал сета своја импресивна режисерско-раскажувачка дарба да ни пружи таман доволно трошки од светот за да можеме да се пробиеме низ нејзиниот длабок, длабок мрак.



3. PEN15

Кринџ комедија, вели ознаката на Википедија, и би можело да се рече дека е – и дека поинаква и не може да биде кога вака искрено проговорува за пубертетот, тој најкринџ период во човековиот живот. Но и период во кој себе и се’ околу себе проживуваме со еден неповторлив, речиси застрашувачки интензитет, што Маја Ерскин и Ана Конкл темелно го искористиле за црпење хумор и патос од нештата што во сериите за возрасни се само небитни детали – вклучително и во оние кои се издаваат дека се тинејџерски серии. Жал ми е што се’ заврши само по две сезони, но заврши исклучиво по нивна волја бидејќи кажале што имале да кажат и тоа треба да се почитува. Особено откако се одјавија со беспрекорна втора сезона и совршено финале, кое, останувајќи верно на екстремните осцилации на пубертетот, ја донесе една од најнеугодните и една од најромантичните сцени во живото ТВ сеќавање.

2. Succession

Како што некој добро забележа на Твитер, врзано за втората најпозната серија на Џеси Армстронг: „За да се сфати оваа сезона на Succession, клучно е да се има на ум дека Peep Show е исто така серија за грозни луѓе што не учат од своите грешки и само стануваат се’ полоши, се’ додека не почнете да се прашувате зошто кога било сте сочувствувале со нив“. Затоа и не сум баш сигурен во толкувањата дека после настаните во финалето од третата сезона во семејството Рој „ништо веќе нема да биде исто“ бидејќи ако Succession е на нешто посветена, тогаш тоа е на статус квото на безобразното богатство во кое никогаш нема вистинска казна, но ниту вистинска катарза: членовите на семејството Рој остануваат незрели социопати чии меѓусебни односи се сведуваат на ситничав микромакијавелизам бидејќи за ништо друго и не знаат, ниту пак животот кога било ги натерал да знаат. И јасно е зошто на некои гледачи тие вечни луди преебавања само со цел се’ да остане исто им се фрустирачки (и мене ми беа такви првите три епизоди од оваа сезона), но не е поентата на карактерната драма ликовите нужно да „растат“, поентата е да продреме во нивната с’рж и во тој поглед Succession останува камен во круната на актуелната ТВ продукција, како сценаристички, така и актерски.


1. Midnight Mass

Не велам дека е ова совршена серија: некои од маратонските монолози и мене знаеја да ме удават, некои беа речиси комични со својата несуптилност (на пример, таткото му објаснува на Рајли зошто има чувсто дека овој се срами од него – малку е преочигледно дека тука некој во сценаристичкиот тим ги обработува своите daddy issues), а самото финале знаеше да заврши и на погрешната страна на тенката граница што го дели сериозниот хорор од блесавиот creature feature... Но, сепак, некои дијалози – како оние на Рајли со свештеникот Пол – се како она кога ќе се заседнеш на пијачка со некој добар и интересен пријател и добро се замуабетите и не е дека се тоа некои големи мудрости што треба да се запишат, но на крајот се чувстуваш некако исполнето. А ако финалето и не функционира баш најдобро како хорор, низ претходните шест епизоди на Midnight Mass тој е врвен, особено атмосферичен бавно-развивачки хорор, исполнет со мистерија и приказна каква што инаку поттикнува на нестрпливо вртење на страниците на стрипот или книгата... А пак, музиката, о Боже, таа МУЗИКА! Минималистичкиот скор е максимално морничав, најмоќната монтажна секвенца во серијата одѕвонува „Holly Holly“ на Нил Дајмонд и тоа целата песна, сите четири и нешто минути. И уште и целата серија е пронижана со христијански пеења кои мене, како на еден безбожен соросоид, признавам, досега ми беа целосно непознати и кои на почетокот будат, онака, ништо посебно, но потоа се придружува уште еден глас, па уште еден и така со ред, се’ додека повеќегласјето не стане како некој кул ефект – збровите се христијански autotune. Е, и после сите оние морални накази кои би предизвикале нечија смрт во сообраќај, само за потоа да се обидуваат на секој можен начин да поминат како ништо да не се случило – една ваква серија, во која главниот лик е доволно нормален и човечки за поради тоа да не може да живее со себе, тоа баш ми требаше. И, како што реков, не е серија без маани, но ниедна друга оваа година толку не ме прикова и маѓепса и амин.

Извор: Kulturpunkt