Љубов, смрт и...луѓе

13.07.2021 12:08
Љубов, смрт и...луѓе

Може ли да се ужива во филм/драма кога темата е мачна, дури траорна и вознемирувачка? Секако, ако е во прашање беспрекорната продукција на ББС филмс. Тоа подразбира не само врвна техничка изведба туку и режисерска, дијалошка, актерска, музичка и снимателска перфекција. Таков е првиот впечаток по гледањето на филмот „Супернова“, дека се работи за исклучително избалансиран филм на сите нивоа.

„Супернова“ не е ниту грандиозен филм ниту тематски особено оригинален, ниту пак му се потребни такви перформанси. Нема агресивна драматургија, нема конфликт. Има меланхолија, сочувства, разбирање и сето тоа спакувано во богатството на дијалогот, никогаш претенциозен, секогаш прецизен.

Сем и Таскер се пријатели и љубовници 20 години, нераскинливо поврзани со меѓусебната доверба, почитување и разбирање. Со дијагнозата за алцхајмерова болест на Таскер и со нејзиното прогресирање, нивната врска добива димензија на целосна меѓусебна зависност. И страв! Таскер од смртта, Сем од смртта на Таскер. Патувањата низ англиските пејзажи со нивниот трајлер треба да им го потисне тој страв. Драмата едноставно лебди, но зборовите на Таскер (во неговите светли мигови) болат: „Ќе дојде време кога ќе забораваме дури и како се заборава“. Боли и изведбата на клавирската етида на Сем на крајот од филмот. Енигматичниот крај кој треба сами да го протолкувате е уште една болка повеќе. Самоубиството како разумен чин на ослободување е преџвакана теза и тема во стотици филмови. Разликата е во тоа што во „Супернова“ е избегнат вулгарниот пристап кон оваа тема. Не за биолошко, туку за духовно заминување.

Сето погоре кажано би било веројатно на работ од патетично мелодрамско цимолење доколку не беа Колин Фирт и Стенли Тучи. Нивните актерски квалитети се одамна потврдени, но, во „Супернова“ сепак се работи за поинаков актерски пристап. За неверојатно контролиран опсег во нивната игра. И Фирт и Тучи зрачат со својата едноставност, и во избришаната солза и во воздржаната насмевка.

Хари Мекин со овој свој втор филм направи вистинско изненадување во круговите на филмските професионалци и филмољупци. Се покажа како одличен сценарист и режисер со сензибилитет на искусен филммејкер.
Би можеле детално да ја елаборираме и снимателската работа на Дик Поуп, толку мека а блескава, толку едноставна а магична.

Англискиот композитор Китон Хенсон суптилно и допадливо ја следи мелахонличната линија на филмот иако сметам дека бил под силно влијание на Ник Кејв и Ворен Елис („The Road“).

„Супернова“. Толку едноставно, (а со моќна алузија за гаснењето на една ѕвезда), одбран е насловот на филмот. Гаснењето на еден човечки живот како и гаснењето на ѕвездата, има подеднакво вселенска димензија.
Во врска со насловот на филмот еве една интересна аналогија со одличната анимирана серија на Нетфликс “Љубов, смрт и...роботи“. Резервниот наслов на „Супернова“ би бил „Љубов, смрт и...луѓе“.

Оценка: 4+