Смеејќи му се на капитализмот в лице: Кон „Тони Ердман“ на Марен Аде

25.12.2017 02:43
Смеејќи му се на капитализмот в лице: Кон „Тони Ердман“ на Марен Аде

Германската режисерка Марен Аде уште со своите први два филма, „Шумата од дрвјата“ и „Сите останати“, се докажа како една од најзначајните претставнички на т.н. Берлинска школа на германски нов филм. „Тони Ердман“ само го потврдува тоа.

Своевидна критика на капитализмот и на социјалното отуѓување како негова логична нуспојава, филмот ја следи семејната динамика на односот меѓу ексцентричниот татко Винфрид Конрад и неговата јапи ќерка Инес која гради кариера како бизнис консултант во Букурешт. Во грчевитиот обид да ѝ се доближи на својата отуѓена и ладна ќерка за да го промени текот на нејзиниот механички живот, Винфрид оди дотаму што измислува свое алтер его, Тони Ердман, лик кој го оживува со помош на перика, вештачки заби и практичен хумор.

Дел Чаплин, дел Енди Кауфман и господин Ило, Тони Ердман е еден од поавтентичните ликови кои се појавиле на филмското платно. Длабоко хуман и неуморно инвентивен хомо луденс кој ужива да ги превртува вредностите на глава и да им се смее в лице. Како таков, тој е целосен антипод на неговата ќерка која превртува очи на татковите инфантилни егзибиции. „Дали си ти човек“, во еден момент ја прашува Винфрид својата ќерка, која на сметка на сопствената професионална себереализација ги потиснала сите чувства кои ја прават човек. Аде, преку антагонизмот на овие односи, загатнува цела една низа на прашања кои го отвораат проблемот на сексизам, корпорациски капитализам и местото на современиот човек како запченик во глобалистичката дехуманизирачка машинерија.

Комбинирајќи слапстик, црн хумор и драма на апсурд во близу тричасовна егзистенцијална траги-комедија, Аде консолидира цврста жанровска рамка која не му дозволува на филмот да се затетерави во замката на разводнет ситком. Дури и во моменти кога несмасните практични шеги на Ердман се чинат претерани (колку во очите на неговата ќерка, толку и во очите на гледачот), Аде со изразена драмска длабочина успева да ги изнијансира ваквите сцени на нетрпеливост и да ги тонализира со умешност на одличен познавач на човечката состојба.

Од еден друг аспект, ваквите претерани гестови се донекаде и оправдани. Ваквиот пристап му отвора простор на брехтовскиот начин на размислување и неговиот познат V-ефект, односно ефект на емоционално дистанцирање или попречување на процесот на поистоветување со актерот за да се постигне покритичен однос меѓу гледачот и актерот.

Од друга страна, пак, користејќи документаристичка техника на снимање, Аде како да сака да му даде поопиплива димензија на својот филм и да ја намали таа дистанца, зашто колку и да се чини ликот на Ердман нереален, сепак тој е донекаде и автобиографски, со оглед на фактот што е делумно граден по модел на нејзиниот татко.

Долгоочекуваната метаморфоза е сепак можна и доаѓа на крај како вид катарза: костимиран во триметарски кукер (карневалска фигура од бугарската фолклорна традиција), Ердман го извршува својот последен обид за егзорцизам на демоните на својата ќерка во момент кога таа веќе ги отфрлила маските и решила да организира нудистичка роденденска забава, исплазувајќи му јазик на лажниот буржоаски морал, а истовремено соочувајќи се со самата себе. Сцената поседува радикална очуденост блиска до естетиката на шведскиот надреалист Рој Андерсон.

И покрај оптимистичниот тон, Аде во ниеден момент не го редуцира својот наратив на вулгарно дидактички памфлет; напротив, нејзината визија е далеку поамбициозна од тоа: „Тони Ердман“ не произведува судови и заклучоци, туку преиспитува и поставува прашања, и како и секое смело уметничко дело, станува активен агенс за општествена промена.

„За мене хуморот се раѓа од болката и очајот“, вели Аде. Нека тоа биде појдовна точка за секој од нас кој сака да го разбере овој филм.