Од зад Мафиотскиот суд!

26.02.2016 04:21
Од зад Мафиотскиот суд!

Се враќам од пред Уставниот суд кој во меѓувреме успеа да се претвори во Мафиотски. Всушност, од пред судот кој е длабоко зад, забутан на невидливата страна на Археолошкиот музеј, како седиште на некоја тајна секта. Местото е убаво за седиште на тајната полиција на шахот Реза Никола или за полициска станица за тепање.

Протестиравме против одлуката на Мафиотскиот суд за помилување на изборните криминали. Со што не само што се легализира уривањето на демократскиот поредок и криминализацијата на државата во блиското минато и денеска, туку и се повикува власта да изврши изборен масакр на 5 јуни!

Имаше многу позитивна енергија. Ситуацијата беше перфектно чиста од аспект на демонстрантите: тие го бранат Уставот од уставните судии, но уште повеќе, ја бранат слободата или барем можноста за слобода.

Убав свет, со тавички и лонци, свирчиња и пароли, со мегафони и разни други инструменти за искажување на револтот. Имам впечаток дека луѓето се чувствуваа исполнето од фактот што се нашле во ситуација да ја искажат својата припадност на страната на правдата и слободата.

Сретнав некои луѓе од СДСМ. Но Фабриката за штанцање на глупави соопштенија од Бихаќка ја немаше никаде, тие се дистанцирани од овие случувања. Длабоко се потонати во својата салонска димензија: амандман на закон, закон на амандман, изјава на соопштение, соопштение на изјава, Груевски се исплашил, му течело низ ногавици, признал дека крадел, Џоди Фостер признала дека е лезбејка, а Љубисав Иванов Ѕинго дека е жив и така, тралала до тралала. Си имаат тие своја програма за импозантни мастурбаторски митинзи, ова е ситна боранија за крупните претензии на бихаќката кујна!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографија: Ванчо Џамбаски