Улогата... Тоа сум јас!

11.03.2016 11:42
Улогата... Тоа сум јас!

Откако по долго избегнување на печатот се согласил на интервју, глумецот Ал Пачино поставил услов соговорник да му биде Лоренс Гробел. Знаел дека овој новинар (соработник на списанијата „Плејбој“, „Мувилајнс Холивуд“, „Лајф“, Њујорк Тајмс“ и други) се истакнал во разговорот со неговиот омилен глумец Марлон Брандо. Кога завршиле, му се причинило како да посетил добар психоаналитичар, па се согласил истото да го повторуваат во одредени временски растојанија. Така, со текот на децениите се родило едно вистинско пријателство, но и книгата „Ал Пачино – неговата приказна“, која го осветлува животот и личноста на таинствениот глумец.

Ал Пачино е роден на 25 април 1940 година во Њујорк, Источен Харлем. По таткото Салваторе и мајката Роза ги наследил семејните корени од Сицилија. По две години, по разводот на родителите, со мајка му се преселил кај дедо му и баба му во Јужен Бронкс. Растењето во новиот дел од градот, кој важел за поопасен, му помогнално да зајакне. Откако како шестгодишник почнал да се дружи со децата од улицата, некој ја нарекол мајка му „копиле“, по што се впуштил во тепачка. И, подоцна на секој напад враќал со удар, дури и по цена да добие ќотек. Се трудел да ја победи срамежливата и повлечена природа, а со текот на времето со помош на вештините на борењето успеал да се заштити и да стекне уважување од врсниците. Никој не знаел дека неговата бестрашност исчезнува во текот на ноќта: кога бил помлад се плашел дека бундата од леопард на баба му ќе оживее, а како постар во летниот камп скришно плачел за своите.

По неколку падови од висина и незгодата во која висел закачен со устата на ограда од жица, мајка му вовела „полициски час“. Бидејќи порано се враќал дома, со саканиот дедо одел на покривот каде седеле и долго разговарале. Малиот Сони, како што го викале, со задоволство ги слушал спомените поврзани со Америка од 1900 година и приказните за деветгодишниот дојденец кој морал да работи во рудник. Со мајка му често одел в кино, а веќе по првиот филм мечтаел да работи во циркуз. Кога го посетувал татка си, кој аматерски настапувал во еден театар во предградието, добил можност пред собраното друштво да одглуми пијаница кој пее и го бара шишето. Бидејќи ги воодушевил сите присутни и предизвикал громогласно смеење, добил нов прекар – Глумецот.

Сицилискиот жар

Со истиот спој чувствителност и немир, Ал Пачино завршил основно училиште. Кога по учеството во училишната претстава слушнал: „Малиов глуми како Марлон Брандо“, прашал: „Кој е тој?“ Бидејќи тогаш знаел само за Џејмс Дин, кого маѓепсан го гледал во филмот „Бунтовник без причина“. Недоумицата дали да стане безбол играч или глумец ја решил по гостувањето на еден патувачки театар кој во кино салата ја изведувал претставата „Галеб“ на Чехов. Меѓутоа, кога се запишал во Средно училиште за убави уметности, наместо забава, слобода и игра го дочекале предавања на кои се досадувал. Уживал само во часовите по драма, а од професорката добивал пофалба: „Ти го имаш жарот на сицилиските глумци!“

По првата завршена година, заради недостаток од пари, го прекинал школувањето. Бидејќи со семејството не сакал да се пресели надвор од градот, се одважил да живее сам. Сместување наоѓал во евтини изнајмени соби со заеднички тоалет, а на спиење често заминувал гладен. Додека неговите другари оделе по погрешен пат, работел како поштар, продавач на чевли, пиљар, носач, домар... Некое време со велосипед разнесувал весници, па секоја улица и секој агол од родниот град го запознал како сопствениот џеб. Навечер читал или излегувал да се забавува, а на забавите едвај чекал да го отвори ладилникот, мечтаејќи за ќофтиња во сос. Во тоа време пушел и пиел, но се држел настрана од дрогата која ја сметал за „крајот на патот“. Набрзо доживеал двајца пријатели да му починат од тој порок.

Во осумнаесеттата година се пријавил на аудиција во студио за глума: првиот пат го одбиле, а вториот пат го примил режисерот Чарли Лотон, неговиот заштитник и учител. Тогаш ги слушнал пророчките зборови: „Ти ќе бидеш ѕвезда!“, но и сериозната опомена да се откаже од пиењето, освен ако не сака да уништи сè. Наскоро, сосема трезен и со голема самодоверба почнал да глуми во претстави по подруми и магацини. После аплаузот со испружена шапка се симнувал до публиката и собирал пари. Почнал да пишува и изведува скечови во кабареа, но по трагичната вест за смртта на мајка му и дедо му ја губел желбата како „кловн“ да го засмејува светот.

Мрачните кумови

Кога во 1966 година настапувал на Бродвеј, добивал забелешки дека „претерува во глумењето“. Иако верувал дека „големите ѕверки се раѓаат“, постојано се усовршувал. По појавувањето во филмот „Јас, Наталија“, ја прифатил понудата за „Паника во паркот на дрогата“: зависникот од дрога го одглумил толку уверливо што гледачите мислеле дека се работи за документарец. Новата среќа му се насмевнала кога Френсис Форд Копола го повикал во филмот „Кум“ (1972) да глуми една од главните улоги. Сите се чуделе зошто режисерот не ги одбрал Роберт Редфорд, Џек Николсон, Ворен Бити или Роберт де Ниро, кои влегле во потесниот избор, туку еден непознат „мрачен тип“.

Во тоа време, Ал Пачино веќе напамет ги знаел сите остварувања на Марлон Брандо и не можел да верува дека ќе глуми со својот идол. Се сеќавал дека филмот „На доковите во Њујорк“ го гледал двапати едно по друго и дека одредено време чекорел и зборувал како Брандо. Меѓутоа, заради големата срамежливост не се дружел со него по снимањето, иако сакал. На ликот на пресметливиот мафијаш Мајкл Корлеоне (најмладиот син на „кумот“, Дон Вито Корлеоне) му дал психолошка длабочина: го прикажал како личност убедена во правилноста на она што го прави. Филмот постигнал извонреден успех и одлични критики. „’Кум’ му припаѓа на Ал Пачино. Сите останати се многу добри, но Пачино е оној што е одличен“. И покрај пофалните зборови, номиниран е за најдобра споредна улога, а тоа го навредило.

По улогата на скитник во „Страшило“ и полицаец во „Серпико“ долго одбивал да сними продолжение од „Кум“. Бидејќи мислеле дека е „тврд пазар“, понудата од сто илјади се искачила на милион долари! Најпосле, Ал Пачино земал шестотини илјади и десет проценти од заработката на филмот, со услов сценариото да го напише Марио Пузо. За време на снимањето запознал вистински мафијаши, само за да ги набљудува и да утврди „како срцето се претвора во камен“. Исцрпен од работа, на половина филм завршил во болница. На крајот се покажало дека трудот се исплател – создале ремек дело!

Првите два „Кума“ добиле девет Оскари, а по шеснаесет години следел „Кум 3“ (1990). Потоа, прифаќал експлозивни и жестоки улоги, бидејќи чувствувал дека тогаш надареноста најмногу му се ослободува. „Ликовите зборуваа нешта кои јас никогаш не би можел да ги изговорам, нешта кои отсекогаш сум сакал да ги кажам.“

Веќе славен и богат, престојувал во мал стан на Менхетен. Кога еден ден посакал да се почести автомобил, купил скапоцено бело Бе-Ем-Ве. Меѓутоа, кога седнал да се повози, го обземало чувството дека толку претерано и нападно нешто не се совпаѓа со него. Дома продолжил да се нервира, а кога по испиеното кафе отишол на улица, видел дека крадците веќе го „ослободиле“ од таа непријатност. И понатаму живеел повлечено, избегнувајќи ги забавните емисии и печатот, бидејќи сакал публиката да посветува внимание на неговата глума, а не на него. Го цитирал Шекспир во „Хамлет“: „Би можел да се затворам во лушпа од орев, па сепак да се сметам за крал на бескрајниот простор.“

По „Кучешкото попладне“ и уште неколку филмови, го снимил „Лице со лузна“ (1983). Овјпат верувал во успехот, бидејќи Брајан Де Палма бил режисер, а сценариото било на Оливер Стоун. Многу впечатливо го доловил ликот на Тони Монтана, „кралот на кокаинот“ по потекло од Куба. Во текот на работата ја забележал младата глумица Мишел Фајфер, која во филмот ја играла неговата кобна љубов. Но, се покажало дека врската на јаве не може да успее: заради обостраната срамежливост на состанокот, околу еден час само молчеле. Кога по премиерата слушнале обвинувања дека филмот поттикнува криминал, Ал Пачино изјавил: „Деловите од Шекспир се најсилни во ‘Скарфејс’“.

Одењето по жица

Со текот на годините нижел успешни филмови: „Море од љубов“, „Френки и Џони“, „Патот на Карлито“, „Жештина“, „Во потрага по Ричард“, „Дони Браско“, „Трговецот од Венеција“, „Адвокат на ѓаволот“... Во 1992 година добил Оскар за улогата на слепиот полковник во филмот „Мирисот на жената“! Меѓутоа, одбил и многу добри филмови, затоа што мислел дека не му лежат: „Крамер против Крамер“ (Дастин Хофман), „Убава жена“ (Ричард Гир), „Умри машки“ (Брус Вилис), „Убавиот Џони“ (Мики Рурк)... Од друга страна, сонувал да сними филм за познатиот сликар Модиљани, но го претекнал Енди Гарсија.

Кога почувствувал дека рефлекторите на славата го заслепиле и дека постои опасност да се промени и „изгуби“, се одлучил за враќање во театарот. Играл претстави секоја вечер, а на осмислувањето на улогите му пристапувал сериозно и посветено. Го споредил театарскиот глумец со изведувач на трапез кој е жив само додека чекори на висина. Работата на филмот ја опишал слично, но со напомена дека жицата се наоѓа на безбедно тло. Меѓутоа, по претставата „Ричард Трети“ критичарите го нападнале: тврделе дека „го проголтува ликот“ и дека не би требало да го глуми Шекспир. Не знаеле дека глумецот најмногу му верува на своето чувство кое му зборува дека го прави вистинското нешто.

Особено уживал во претставите „Саломе“ на Оскар Вајлд и „Кинеско кафе“ на Ајра Луис. Често, во театарот ја носел и својата баба, со жалење што мајка му не е жива да им се придружи. Се радувал што може да добие моментален одговор од публиката и да слушне аплауз, смеење, свиркање. Кога еднаш во мракот забележал очи кои сјаеле во првиот ред, почувствувал дека тоа суштество посебно го разбира. Но, кога погледнал подобро, сфатил дека се работи за придружник за слепи лица – пес.

По тешките улоги, Ал Пачино тешко се враќал во „нормала“. Да речеме, кога глумел адвокат проучувал договори, додека по улогата на секој насилник ги задржувал дрскоста и погрубите движења. Ни од ликот на храбриот полицаец Серпико не можел да се ослободи лесно: еднаш дури запрел камионџија кој правел неред и со значка во раката му се заканил дека ќе го уапси. И режисерот Харолд Бекер ја забележал длабочината на неговото соживување, со зборовите: „Ал не глуми јунак. Тој станува јунак. Кога седи во ресторан и јаде за потребите на некоја сцена, тој не глуми – тој јаде!“

Холидудскиот Дон Кихот

Денес, Ал Пачино продолжува да твори и „глумата да ја претвора во поезија“. Подготвен е за промени („за да не мувлоса“), а се инспирира од делата на Шекспир, Достоевски, Брехт, Балзак, Хенри Милер. Ги избегнува новинарите и папараците, кои му ја нарушуваат приватноста, но се согласил да гостува во емисијата кај Лари Кинг. Се знае дека никогаш не застанал пред матичар, дека има три деца, патува на Сицилија, поседува станови низ светот, сака жени кои знаат да готват...

На обожавателите им откри дека се изборил со мрачните расположенија и алкохолот, дека го одбива притисокот на околината да „биде среќен“ и не трпи саморекламирање. Не можел да поверува кога му предложиле, заради зголемување на славата, со Дастин Хофман да влезе во ринг и со боксерски ракавици да си ја одмери силата!

Со текот на времето ја прифатил изреката на писателот Чарлс Буковски „Парите се магија“, но не заради акумулирање, туку за умно користење. Освен глумата, која го збогатила и духовно, се обидел да режира неколку филмови. Во потрагата по патишта до вистината стигнал и до музиката, па со пријателите понекогаш свири за своја душа. Дома има конго тапани, гитари, клавир... Кога бил помлад одел во ноќни клубови и им се придружувал на музичарите на бината, каде често останувал до утринските часови. Од друга страна, сите повици да се поврзе со политичарите ги одбивал со објаснувањето: „Премногу сум уметник“.

До денешен ден, Ал Пачино со чувствителната душа и моќниот глас успеал да реализира филмови и претстави со трајни вредности. Покрај бројните признанија, од Американската кинотека добил награда за животно дело. Заради борбата против површноста, лажниот сјај, алчноста и невистината, овој исклучителен глумец стекнал и трет прекар – Дон Кихот кој чекори во Холивуд.

Извор: http://politikin-zabavnik.co.rs