Го сакам Аеродром!

22.03.2016 02:24
Го сакам Аеродром!

После Дебар маало, Маџир маало и Карпош 4, на ред дојде и Аеродром. Општината во која по цели зими, луѓето не можат да отворат прозорец за да проветрат, бидејќи воздухот надвор мириса на сулфур и предизвикува печење на очите. Општината во која граѓаните не можат да најдат слободен паркинг простор пред сопствените згради. Општината во која секое утро по неколку луѓе остануваат од надворешната страна на вратите на автобусите бидејќи физички не ги собира внатре. Општината во која во изминатите години масовно се градат нови згради со по 10 ката, на места на кои порано имало двокатни бараки. Општината во која градоначалникот скандалозно ги брише графитите на душата на Аеродром - маалскиот клуб „МЗT“.

Не смееме да дозволиме урбаната мафија целосно да го уништи и она малку зеленило што остана во општината. Ветерот кој доаѓа од коритото на Вардар и ја освежува општината е скапоцен! Доколку се дозволи да се изградат новите згради долж реката, Аеродром дефинитивно ќе се претвори во гасна комора.

На јавната презентација на новиот Детален урбанистички план, аеродромци гласно и јасно кажаа дека се против изградба на нови згради во нивната општина, а притоа беа нападнати дека се провокатори и беа нечовечки истретирани и понижени. Уште еднаш се покажа дека градоначалникот и службите на Општина Аеродром немаат слух за проблемите на своите граѓани. Затоа, сите аеродромци до 29 март, треба да појдат во Месната заедница „Острово“, која се наоѓа на вториот кат на трговскиот центар „Скопјанка“ и да пополнат и поднесат анкетен лист со забелешки, предлози и коментари за новиот Детален урбанистички план во Аеродром. Уште еднаш на тест е граѓанската иницијативност, свеста на сите поединечно дека својата населба можат да ја спасат само со заеднички ангажман.

Извор: Слободен печат

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото