1020 hPa
93 %
7 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 06:59
Пливаше, пливаше портокалот. Воздивнуваше,
воздивнуваше кукавицата. Големиот град
се јазеше по планината. Еден маскар
викаше, викаше: „Затворете ги коњите!
Нашата комета се заколнала дека ќе се обеси
утре рано наутро на гранките од грмушката.“
Побелуваа, побелуваа тетовираните знаци.
Починатиот океан мирисаше на ориз.
Ловечките кучиња не ја гризеа повеќе месечината.
Се проѕеваше, се проѕеваше езерото а инсектите
го учеа занаетот на лудите камења.
Превод: Влада Урошевиќ
Ален Боске (Alain Bosquet, 1919-1998), е псевдоним на Анатол Биск - фрaнцуско-белгиски поет и писател со руско потекло. Роден е во Одеса, но малку подоцна семејството му емигрира во Варна, во Софија, па набрзо во Белгија. Студира во Брисел и Париз. Во 1940 го мобилизира белгиската војска. Во 1942 заминува за Њујорк, каде што го уредува антифашистичкиот весник „La Voix de France“. Во Франција се враќа заедно со американската војска во 1944 година.
Пишувал поезија, есеи, романи - опусот му е импозантен. Мошне ценет и наградуван.