1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
Градот луташе како лудак.
Мртовците трчаа по планината.
Од тој ден - ни покажаа тогаш
една книга студена како јагула
а потоа го исфрлија хоризонтот
од болницата во која спиеше -
сè беше само селење!
„Треба да се замине“,
викаа сите. Галопираа
стеблата на бадемите! Скокаа
меките куќи право во вечерта!
Секој ги беше отпуштил своите рамена,
своите верни раце, своите колена,
за да остане достоен на изгнанството.
Ете зошто таа кобила
ќе остане засекогаш статуа,
тоа езеро голем разболен килим,
таа земја еден скршен предмет.
Превод: Влада Урошевиќ
Ален Боске (Alain Bosquet, 1919-1998), е псевдоним на Анатол Биск - фрaнцуско-белгиски поет и писател со руско потекло. Роден е во Одеса, но малку подоцна семејството му емигрира во Варна, во Софија, па набрзо во Белгија. Студира во Брисел и Париз. Во 1940 го мобилизира белгиската војска. Во 1942 заминува за Њујорк, каде што го уредува антифашистичкиот весник „La Voix de France“. Во Франција се враќа заедно со американската војска во 1944 година.
Пишувал поезија, есеи, романи - опусот му е импозантен. Мошне ценет и наградуван.