Промоција на книгата „Актерска игра пред камера“ на Синоличка Меллес-Трпкова

08.04.2016 09:14
Промоција на книгата „Актерска игра пред камера“ на Синоличка Меллес-Трпкова

На 10 април (недела), во Јавна соба со почеток од 19 ч. ќе се одржи промоцијата на книгата „Актерска игра пред камера“, на професорката Синоличка Меллес-Трпкова, во издание на издавачката куќа „Темплум“.

Книгата е „водич за сите оние бележани со пален знак“, како што метафорично го именува Трпкова својот труд, за сите талентирани и надарени млади луѓе, за сите актери и студенти и љубители на филмската уметност. Станува збор за збир на искуства и вештини кои се многу умешно пренесени на хартија на еден лесен и разбирлив јазик. Низ секоја страница авторката се обидува сето свое искуство, знаење, љубов и отвореност кон професијата со која се занимава несебично да им ги пренесе на своите студенти.

„Оваа книга јасно ни порачува дека за да се биде уметник, не само актер, туку уметник воопшто, потребно е да се има срце и разум. А, згора на тоа, потребно е да се биде и хуман човек“, вели Наум Пановски, рецензент на изданието.

„Нема поубаво чувство од тоа дека ученикот го надминал професорот! Исклучително интересeн труд, направен на крајно професионален и стручен начин и, што е најинтересно, читлив и достапен за сите, не само за студентите на ФДУ”, додава професорот Данчо Чеврески.

На промоцијата која е најавена во 19 часот ќе говорат д-р Наум Пановски, професор по естетика на театарската уметност, Ана Јакимска, режисер, и Христијан Поп-Симонов, актер.

Влезот во Јавна соба е слободен за сите посетители.