Лудакот, тотално соголен

15.04.2016 00:57
Лудакот, тотално соголен

Не сум сигурен дали воопшто има смисла нешто да се пишува за последниве настани – веројатно и премногу пишувавме, а малку конкретно сработивме. Дали воопшто има смисла нешто и да се мисли апропо лудакот и онаа банда околу него – веројатно и премногу мислевме и смислувавме додека тие хохштаплерисуваа. Ама не може(в)ме белки сите да се престориме (специјални) јавни обвинители и (специјални) судии? Па и џелати, ако затреба? А можеби треба, кога веќе до овде дојде работата?

Премногу простор им дозволивме, премногу време ни одзедоа, премногу нерви потрошивме – и драгоцени години од животот! Не заслужуваат повеќе ни збор, ни минута. Освен, можеби, како што добро предлага Тихомир Јанчовски, човек да се приклучи кон неговиот повик „сите нормални луѓе на оваа земја што го разбираат јазикот на кој пишувам, кога ќе го видат Иванов да му плукнат в лице или да исекнат мрсул на него, за да му стане јасно што човек е и што прави“! Зашто ништо подобро не заслужил(е), зашто нешто вакво не видела, ни чула, ниту една цивилизирана европска земја. Тоа е најмногу, и најмалку, што секој од нас треба да го направи. И толку. Зашто за повеќе – не е вреден. Ни тој, ни пајташите му!

Човек не може да не се согласи и со Героски дека „Сега треба да се гледа големата слика и да се помириме со ноторните факти. Парламентот е распуштен. Точка. Вељаноски има право да распише избори и ќе го стори тоа. Точка. Постојниот распуштен парламентарен состав не може да заседава за ниту едно друго прашање (па ни за евентуално одлагање на изборите), освен за прашања поврзани со воена или вонредна состојба. Точка“. Многу точки, ама на место се. И – големата слика ни е претерано ужасна, збајатена, застоена! Комплетно сјебана и замирисува на нешто многу лошо.

Веќе не е ни смешно, уште помалку тажно. Нашава современа трагедија се претвори во трагедија на лудилото. Актерите целосно го разоткриваат нивното вистинско лице. И ниските, луди пориви. А лудакот на Водно покажува уште една негова страна. Онаа мизернана, квазистручнана, квазиполитичкана ја покажа одамна, сега ни се прикажува и во онаа најличната, (квази)човечката: дека е тотално неспособен, дека е целосно неурамнотежен и – дека е сам! Дека нема ни семјество ни пријатели, ниту еден близок со кој (би) може(л) да сподели тешки моменти, да побара совет: да се направи или не, да се соголи целосно или да сочува трошка достоинство. Покажува дека е напуштен од сите, ако воопшто и ги имал, зашто, инаку, зарем некој близок не би му укажал на последиците од тоа што го (на)прави? Покажува и докажува дека цело време бил вртимушка, диригирана кукла на кратко јаженце, сенка без свое јас. И без никој свој. Опкружен само со исти или поголеми лудаци!

А можеше, барем така мислам, можеше со еден достоинствен потег, па нека е и единствениот што го направил во животот, можеше, значи, да одмавне со раката и да каже – не, благодарам. Дури и по цена да се обелоденат сите валканици што ги правел, сите ујдурми преку кои дошол на тоа место. И можеби некој ќе му простеше. Можеби дури и многумина ќе му простеа, дури и неговите најблиски што повторно и дефинитивно ги изрезилил, за вјек и вјеков. Можеше, во неговото конечно „да се биде или не“, да се престори барем во човек. После ова тој никако не е, го нема, исчезнува во црнилата на македонската историја. Заедно со неговите газди. Останува на сцена само лудакот соголен до гола кожа!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Фотографии: Ванчо Џамбаски