Пратеници, вие сте застапници на граѓаните!

19.05.2016 09:56
Пратеници, вие сте застапници на граѓаните!

Пратеници, вие сте претставници, застапници на граѓаните. Се наоѓате на функција која ние граѓаните ви ја даваме, а не партиите. И очекуваме да работите за нас – граѓаните, и да ги застапувате нашите, а не партиските интереси.

Тоа што не може да бидете отповикани, тоа што имате имунитет, правото да зборувате непречено и за тоа да не можете да бидете повикани на одговорност, ви дава моќ да ѝ се спротивставите на партијата тогаш кога е во прашање интересот на граѓаните.

Вие, нашите претставници, ја имате највисоката власт во свои раце и најголемата контрола над секој друг државен орган. Сите државни органи треба да ви дадат отчет вам, а вие давате отчет само пред нас – граѓаните.

Сега е моментот да ставите црта и да се дистанцирате од функционерите кои го прекршија законот, кои ја злоупотребија функцијата која ја имаат и кои ќе одговараат за тоа. Во ваши раце се наоѓа алатката со која може да се спречи одредена група луѓе да се стави над законот, да се прогласи за недопирлива за законот и неказнива. Во ваши раце е алатката со која можете да спречите криминалот да се исплати.

Пратеници, Уставниот суд го укина Законот за промена на Законот за помилување од 2009 година и со тоа ја врати топката на одлучување во ваши раце. Вие сте тие кои треба да одлучите дали важел или не членот 11 по кој Претседателот без никаква процедура, без образложение и потполно самоволно може да реши да ја ослободи од прогон цела група луѓе кои се дел од криминално здружение кое ја оштетило државата и кое ги прекршило правата на граѓаните во огромни размери.

Вие можете да го повикате на одговорност Претседателот на државата кога ги крши Уставот и законите. И посебно, кога се обидел да се постави над вас како претставници на граѓаните.

Пратеници, сега е моментот да решите дали сте претставници на граѓаните или послушници на партиите.

Невршејќи ја својата функција на наши претставници вие станувате соучесници во криминалот и само прашање на време е кога ќе биде најден модус да бидете казнети за ова и вакво соучесништво.

Доколку решите дека треба да ја слушате партијата, ние граѓаните ќе ве повикаме вас, кои седите во нашиот претставнички дом на одговорност. Не партијата, не партиските челници, туку вас како луѓе кои ја држат функцијата на наши претставници.

Извор: Шарена револуција
Фотографија: Ванчо Џамбаски