Вовед во последната фаза на лудилото

16.03.2017 11:28
Вовед во последната фаза на лудилото

Вреди ли уште да се трошат зборови за жителот во Претседателската вила на Водно кој ни се претставува како претседател на Македонија! Татковината ни е мирна само во моментите кога тој молчи, а штом зине, експресно ја унередува и знаеме дека следува некоја нова итроштина испечена во кујната на ДПМНЕ. Некои извори документирано посочуваат блискост со фирми во Панама на лица од неговата непосредна близина, некои, пак, злоупотреба на државни пари наменети за лица со хендикеп од негови блиски роднини. Има човечето што да брани, но тоа сигурно не е Македонија!

Гордо изјави дека не го давал мандатот на кандидатот за премиер од СДСМ бидејќи тоа ќе им наштетело на државните интереси, унитарноста, целовитоста... Се стави во позиција на надуставен бранител на Македонија од измислен непријател чија намера само тој ја знае. Само неколку денови претходно кога ВМРО-ДПМНЕ договараше влада со ДУИ, истата платформа која сега ја нарекуваат „тиранска“ за него воопшто немаше таков предзнак. Веројатно тогаш беше патриотска и значеше нова обединувачка сила за Македонија. Поминаа два месеци, а Иванов и ДПМНЕ ниту еднаш не се огласија со осуда на „Платформата од Тирана“, потпишана и составена во Скопје, сè до неговата изјава за одбивање на премиерскиот мандат на легално обезбеденото парламентарно мнозинство. „Е, не го давам“ изјави Иванов, небаре државава е на татко му.

Ако, според неговото тврдење, албанските партии работеле спротивно на државните интереси на Република Македонија, зошто тогаш надлежните институции и органи не презеле ништо и не ги забраниле до сега?! Та нели безбедноста ни е на највисоко можно ниво?! Должни се да го сторат тоа со секој што ги крши законите! Напротив, со истите кои Иванов толку лесно ги наклевети дека ја поткопувале државата, владеачката ΔΡΠΑΜΕ цела деценија си ја делеше власта, но и профитот од разните зделки. Зарем тие наеднаш почнале да работат против државава, а до сега работеле само во нејзина корист? Дури и сега кога вмровскиов генсек Димитриев е премиер во Владата составена од 25 члена, дури 11 од нив се Албанци. Еден од ресорите клучни за безбедноста на државава, Министерството за внатрешни работи, е во надлежност на министер од ДУИ, Албанец. Вели, спорни биле роковите, а тој самиот очигледно сосема намерно ги надмина одолговлекувајќи со доделувањето на мандатот на лице кое не му е по волја.

Па кого, и од кого тогаш нè штитат покорниве „тврдокорни“ патриоти?! Од криминалци? Од непријатели и предавници?! Нека погледнат кон врвот на нивната „најпатриотска“ партија! Зарем не виделе како изгледа седиштето на „најпатриотската“ ни партија!? Од трошна жолта куќарка, стана бел дворец од милиони евра. Врв на скапоцен кичерај. Сјај и беда на куртизаните. Зарем не ги слушаа снимените разговори? Зарем не ги препознаа гласовите на Груевски, Гордана, Јанакиески, Ставрески... Не ги препознаваат, или не сакаат да си признаат дека оној кој ги натера да излезат на улица е до гуша заглавен во нечесни работи? Кој подари државна земја на „бизнисмен“ кого во Индија го осудија за криминал? Кој ветуваше дека ќе донел илјадници крави во Џумајлија, само ако му ја дадат за џабе? Кој сакаше да го посере Охридско Езеро, бисерот на Македонија заштитен од УНЕСКО, со некаков комплекс хотели изградени за забава и уживање на богаташи? Кој ја изгради пропаднатата инвестиција Сведмилк? Велат дека таму потонале „само“ 35 милиони евра, а долгот кон млекарите е преку 4,5 милиони евра! Само! Фрлените пари за „Скопје 2014“ изнесуваат преку половина милијарда евра. Она што е уште пострашно, ваквиот пропаднат проект со кој се нагрди Скопје дури сега ќе произведува трошоци, бидејќи ќе треба од државната каса да се издвојат уште милиони евра за негово одржување. Чија влада го призна Косово како држава, иако со години тврдат дека токму од таму дошла инвазијата во 2001-ва? Кој подари територија на фантомска република? Кој овозможи борците на ОНА да седат дома, а да си примаат платичка? Кој го овозможи истото за уште најмалку илјада партиски подобници на ВМРО? Кој, кој, кој...

За 10 години владеење со парите што ги потрошија во Македонија можеше да се изградат стотина километри брзи пруги со најсовремени возови и патишта по кои ќе можевте без проблем експресно да стигнете во најодалечените точки на државава, стотици километри водовод, па дури и канализации по селата, не само во градовите. Повеќе од очигледно е дека си ги претопија во своите ненаситни џебови затоа што ги фрлија на фасади од гипскартон и од стиропор кои чинат најмалку стотина пати поевтино од сумата потрошена за нив. Ќе останеа пари и за неколку кардиохирургии и кардиоваскуларни клиники, за најмалку 10 болници целосно опремени со современа апаратура. Просториите на постоечките факултети ќе можеа да се осовременат со компјутери и модерни нагледни средства. Ќе можеа да се средат сите постојни студентски домови и да се изградат нови. Наместо тоа, добивме барокен „Водовод и канализации“, патишта и улици чиј асфалт експресно распукува, кинески дизел локомотиви кои не возат повеќе од 100 km/h, а каква ни е состојбата на пругиве, нема да можат да возат ни побргу од 70 km/h, двоспратни автобуси како во Лондон кои веднаш почнаа да се расипуваат. Добивме згради чии покриви прокиснуваат, или кои тонат во вода при најмал пороен дожд и споменици на сомнителни јунаци од кои поголемиот дел ни самите не знаеле што се, а другиот дел тешко и дека знаеле дека се во област наречена Македонија, а не, пак, дека за нив има некаква историска цврста потврда дека биле Македонци. Добивме албански Универзитет и тоа сместен не во Чаир, или во Бутел, туку среде Скопје, онаму кајшто процентот на Албанците е под 1% во простории на Синдикатите, и тоа со амин на истите чии усти деновиве се преполни со тоа дека албанскиот јазик ќе ја загрозел целовитоста на државава! Каков невиден патриотизам!

До вчера бараа некаква чиста Македонија, тврдеа дека во неа право да живеат имале само Македонците, особено оние античкине, дека таа била само нивна, иако повеќето од „тврдокорниве“ се дојденци, или луѓе чии предци беа населени во комунизмот, по 1950 година, од кој ги добија сите можни привилегии, станови, работни места, образование. До вчера нè плашеа со Цигани кои ќе ги влечеле за уши и Шиптари (не дека се и тие нешто поарни) за кои бараа сатари, сега тврдат дека биле за мултиетничка Македонија, а главно мото им е паролата „Една држава, еден јазик, една Македонија“ парафраза на онаа добро познатата: „Ein Volk, ein Reich, ein Führer“ од времињата на „бенигниот“ нацизам кој однесе десетици милиони негерманци во печки и гасни комори. Голем дел од оние припадници на малцинства кои му се приклучија на ваквото „спонтано“ движење, кое се изроди по јавниот повик на „вождот“ народот да ја зел правдата во своите раце, изгледа или се неписмени, или тапоглави, па не можат да ја разберат дека пораката од оваа парола се однесува токму на нив.

Уставот вели дека политичките партии и граѓаните се еднакви пред законите, но државников наш утврди дека нему омилената ВеМеРО е поеднаква од сите други, па додека тие се договараа со ДУИ тоа не беше делување против државата, но кога тоа го направи СДСМ тогаш наеднаш му светна и ја увиде опасноста по државата.

Нејзината целовитост и унитарност не може да се загрозат преку ноќ. На тоа цела деценија работат здружно со истите тие кои сега ги обвинуваат за нештата што заеднички ги „остварија“ делејќи ја власта и добивката. Македонија е и фактички поделена на два дела: албанска и на бугарска – античка зона на самракот! Два паралелни света – поставени над законите! Македонија е ограбена, дезинтегрирана, удавена во беззаконие, со правила и закони кои селективно се применуваат, онеспособена за сегашност, уште повеќе за иднината. Со привилегирана мафијашка структура, полууки олигарси/политикастери збогатени врз општественото/државното, опинци во одела и кравати, квазиинтелектуалци со сомнителен интелектуален капацитет кои ни се претставуваат како елита и експерти за сешто, иако се светлосни години далеку и од елитноста и од експертството, но со огромна неограничена моќ и поставени над законите.

Двојазичноста одамна е внесена во документите (уште во социјализмот), сега и во парламентот, на патоказите, на дисплеите на ЈСП, во банкоматите, на говорните автомати од ЕВН, Т-мобајл, банките... Оттаму, ваквата состојба невозможно е наеднаш да стане опасност. Или можеби „чувариве“ дури сега сфатија дека тоа ќе им ја загрозело државава? Унитарноста на државата не ја нарушува нечиј јазик, туку нечијата неписменост и неукост, закржлавеноста на сивите ќелии, беззаконието, криминалот, поставувањето на поединци над законите и злоупотребата на службената должност.

Некако ми навира сомнеж дека Гревски му ја позајмил владината гатачка на Хорхе наш, па тој однапред знае што ќе се случува со Македонија ако СДСМ стане власт заедно со дел од партиите на Албанците во Македонија, а што ако со истата братија македонски субјект во играта (о)стане ВМРО-ΔΡΠΑΜΕ. Со едните наводно ни следува пропаст, ама ексклузивното право да коалицираат со „душманите на Македонија“, со оние кои „ќе ѝ наштетат на унитарноста“ го имаат изгледа исклучиво оние од злосторничкото здружение ΔΡΠΑΜΕ бидејќи со нив цели 10 години „ни цветаат рози“. Колку видовито! Колку државнички! Сега, велат чаре ни било да имаме избори, јас предлагам да ги има неколкупати по ред, сè додека не се оствари визијата на Гвујонаш за 63 пратеници во Собранието, по што Македонија најпосле ќе може да здивне. Гатачката му гатала: или ВМРО – или пропаст! Или Гвујо-ВМРО-ќе станат држава, или на сите ни следува пропаст. Ново чудо во Земјата на чудата! Имајќи предвид дека ВМРО ни било некаквоси „свето име“ и „столб на државата“ следува и наравоучението дека оние од ВМРО по дифолт се непорочни светци и патриоти „гаранти“ за стабилност на земјава, они се држава сами по себе, а другите се исклучиво нечестиви предавници и криминалци.

Тешко е човек да размислува кога лудиот царува. „Тешко брате се живее между глупци неразбрани“ запиша некаде бугарскиот поет Христо Ботев меѓу стиховите од своите песни. Секој нов ден носи некоја нова глупост и таман ќе помислите дека таа им е последната, најголемата што некогаш сте можеле да си ја замислите, веќе следниот час излегуваат со нова, уште поголема, надградена и проширена, многу позаплеткана од претходните. Не помина многу време и ете го Гуица во интервју, како го повикува народот да излезе и да ја земе судбината на државата во свои раце. Народ за него и неговите камаради биле само оние кои гласале за ВМРО. Другине не се ни луѓе, туку само предавници, па затоа требаше да се активираат плукачките водови и црните тројки кои треба да ја докажат големата народна омраза кон таквите „изроди“. И така во недрите на „патриотизмот“ и „народната волја“ се роди иницијативата „За заедничка Македонија“, предводена од жестоки апологети на вождот, покорници кои се во постојан контакт со власта – што би рекле глумат независност.

Велат до 'рбетот било. Тој со крутиот 'рбет излезе на телевизиските екрани и јавно најотворено повика на верска и национална нетрпеливост, што е забрането со Уставот, ама покорниве маршираат во негова одбрана. Едните шараа новокомпонирана псевдоуметност, елинизирана тазе „традиција“, прескапо платена безвредна гипс-пластика воспеана како нов национален идентитет, „зенит на македонска традиција и култура“, па веднаш ги прогласија за најцрни злосторници против сопствениот народ. Кога на улицата излегоа „тврдокорните“ покорно извршувајќи ја желбата на вождот и започнаа со физичко и вербално насилство врз новинари, плукање интелектуалци и неистомисленици, е тогаш тоа ни било израз на народната волја и желба на мнозинството. Излегува дека едните си ја сакале татковината бидејќи биле мнозинство, па од љубов сега го плукаат и тепаат секој што е со поинакви ставови, а другиве ни биле предавници затоа што се малкумина и својот бес го искалија врз фасади преку кои довчерашните голтари си ги пополнија финансиските дупки во домашните буџети. И замислете, тоа поминува кај запалениве поданици како излив на родољубие. Забораваат дека мноштвото најчесто е израз на масовна хистерија, ретко на некаков ум. Поим немаат дека највредните работи во животов се раритет, а не се произведени сериски во маспродукција на партиските пластографи. Следува лудило!

Извор: ajvandoktor.blogspot.mk
Слики: Irene Vonneuendorff

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото