Во самицата на својот ум

27.04.2009 12:15
matrix-new.jpg

Никола Гелевски

„Добредојде во пустината на реалното!“, му вели Морфеус на Нео, во филмот Матрикс, покажувајќи му го уништениот градски пејсаж.

А во тој пејсаж едно маче, т.е. лавче, тркала говедска глава како клопче. „За маче говедската глава е многу“, му вели Нео на Морфеус. „Не е ако мачето е лавче. И не е ако сето ова е халуцинација“.

Всушност, чопор стаорци грабнале некаква глава. На тоа наликува нашата пустина на реалното. Притоа стаорците не знаат дека ја грабнале големата митска македонска глава. Не е клопче. Не е копче. Тристатонска глава. И ја влечат стаорциве главава, избезумено, како мравки шкорпија, обидувајќи се негде да ја пикнат, да ја сместат... На постамент, можеби?! Не е лошо. На плоштад?! Можит.
Иако споменичкото лудило на актуелната македонска власт душа дало за South Park или Симпсонови (баш во Симпсонови имаше една брилијантна епизода со исчезнатата глава од градскиот споменик), мрачноста и претенциозноста на „идентитетските политики“ на вмровскава власт ме потсетува на еден друг филм, Алиен 4: Воскресение. Клонираната Рипли (Сигурни Вивер) влегува во една раскошна лабораторија што наликува на музеј, каде што можат да се видат седум живи прекинати обиди таа да биде клонирана; таа таму ги пронаоѓа онтолошки промашените, дефектните верзии на самата себеси; постои, вистина, и една речиси успешна варијанта кајшто се препознава нејзиното лице, но гуштероликото тело наликува на Алиенот; таа креатура ја замолува Рипли да ја убие, но Рипли се решава за порадикален чекор: ја уништува целокупната изложба на ужасот.
Македонсково современо безумие ме потсетува на уште еден хорор филм, Јас сум легенда, со Вил Смит (постојат, всушност, четири филмски верзии на романот на Ричард Матисон од 1954 година). Приказната е уште една фантазија за сопственото отсуство (за Македонецот кому го крадат идентитетот): Невил, единствениот преживеан од катастрофата која ги убила сите луѓе освен него, лута низ напуштените улици на градот. Но, наскоро открива дека не е сам, туку дека го демнат мутирани видови на живи мртовци. На крајот на романот живите мртовци го фаќаат Невил, и додека тој чека да биде погубен самиот сфаќа дека неговата судбина е иста со судбината на вампирите, кои некогаш биле сметани за легендарни чудовишта што напаѓале луѓе на спиење. Невил, со оглед дека е последниот преживеан човек, всушност сега станува митски лик кој ги убива вампирите и заразените луѓе на спиење. Тој станал легенда, како што некогаш биле вампирите...

Во нашиот политички контекст, тој пресврт меѓу „добрите“ и „лошите“ наликува на „легендарната“ реченица: Полоши од комунистите се само антикомунистите. Неверојатен е трудот на сегашната македонска власт да покаже дека може да се биде полош не само од несомнено лошиот социјализам (лош пред се’ заради неслободата и едноумието); Груевски се труди во лошотилакот да го надмине дури и својот мошне опак политички татко, Љубчо Георгиевски!

Велам, сегашните властодршци во Република Македонија не само што стаорски ја влечат големата македонска глава како личен трофеј, туку му се з’гнати на сето она што вреди, што мисли, што е издвоено и индивидуализирано. Тоа значи дека божем народната власт сака да ги сотре клучните општествени вредности: слободата, бунтовништвото, креативноста, одговорноста, знаењето... Тие стаорци се обидуваат духот на паланката да го наметнат како народна волја и народен интерес. Тоа го гледаме на секој чекор, пред се’ во огромното зголемување на агресивноста, па и на автодеструктивноста.

Ако сакаме во ЕУ (а сакаме! меѓу другото, за да има кој дополнително да ги контролира нашиве распашанковци) ќе мораме да се бориме! Да излеземе од дувлата кајшто чмаеме 1460 денови, па излегуваме на избори, божемски избираме нешто, и пак се враќаме да чмаеме уште 1460 дена, до следниот ден кога ќе избираме меѓу топлото гомно и ладното гомно. Мора да се бориме зашто веќе нема каде! Над 60% од Македонците се екстремно сиромашни! Над 30% немаат работа! И на целата ужасна ситуација, сегашната власт се обидува и верски да го распомами народот и да го подели (зашто така најефикасно ќе владее!) по нови линии: муслимани-христијани, православни-неправославни, верници-атеисти итн.
Може да ни помогне доаѓањето при себе. Будењето од груевистичкиот транс. Може да помогне придвижувањето на разноликите внатрешни потенцијали.

Наместо бесполезно да си го драматизираме сопствениот неоспорен идентитет, подобро ќе биде да се обидеме да ги усогласиме борбите на многубројните мали фронтови кои ја сочинуваат поголемата слика. Во моментов поважни ни се водачите кои умеат да гледаат барем десет или педесет години напред од оние кои понираат 2500 илјади години наназад. А да се дојде при себе, богами, можеби покорисно ќе биде да се слушне како Морфеус се обидува на Нео да му објасни што е Матриксот, отколку да се залажуваме со чудовишните скулптури на Груевски, во оваа јадна долина на плачот, во пустината на реалното:

Морфеус: Тоа е она чувство што го имаш целиот живот. Чувство дека нешто не е во ред со светот. Не знаеш што е тоа, но тоа е тука, како трн во твојот ум, што те излудува. (...) Матриксот е насекаде, секаде околу нас, дури и овде во собава. (...) Тоа е светот со кој ти ги прекриле очите за да те ослепат за вистината.
Нео: За која вистина?
Морфеус: Дека си роб, Нео. Дека си, како и сите други, роден како роб... заточен во самица којашто не можеш да ја помирисаш, вкусиш или допреш. Во самицата на својот ум.

Слични содржини

Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото