Верижен генератор (8)

29.05.2016 10:23
Верижен генератор (8)

Лилјана Дирјан

Среќна нова

Уште една
во редици за риби, ракови и школки
осамени острови чиновници, изморен градски ситнеж
чекаат во редицата за лимони и урми на парче
додека над мокрите чела се нишаат одрани зајачки глави
(и мразулците крв ја имаат формата на бајонетот)
се насмевнуваат оптегнувајќи го задоволството по образите
распоредувајќи ја вечерта по зембилите
под голото небо – најлон
заборавајќи ги предградијата каде зреат со сила дињи и цреши
имаат уште толку време
колку да ги пребројат пријателите со прстите на едната рака
(нивната рака распослана по светот)
да напишат неколку заостанати топли зборови
да си ја насликаат кожата со допири
да ја постават масата за пречек
да ја почнат групно прославата
во недостиг на уметност, во недостиг на коњ за бегство
во недостиг на бегство

1.1.1982. Париз


Јовица Ивановски

Што очекувате кога почнувате да читате песна? Да ве разнежи или да ви збрца бајонет во мозокот? Да ве погали со веќе видени и излитени компарации или да ве распука со чуденки?
Песната треба да шлаканичи, ко со дефибрилатор да го крене читателот од мртвило, да му пробуричка по утробата, да го вчудоневиди со нешто познато.
Без пардон, а со мерка; без китење, а да звучи богато; без ниту еден одвишен стих.
Релевантните оваа песна би ја нарекле реална, стварносна, модерна, искуствена... сеедно, за мене таа е убиствена.
Погаѓа во центар – без калкулации, заобиколување, тактизирање.
Скалпелот на стварноста, искуството на мигот и моќта на забележување, ете од што е скроена оваа песна.
Не се сеќавам кога точно ми дојде при рака книгата „Жива мера“,
но знам дека ме кутна. И не случајно Лилјана Дирјан за оваа книга во 1985-та година ја доби наградата Браќа Миладиновци.
Пред некој ден, барајќи ја песнава, ја пречитав книгата и можам да ви кажам дека сè уште звучи свежо и моќно.
Од сè срце ја препорачувам, особено на поетите кои не биле ни родени кога е напишана песнава.

ОкоБоли главаВицФото