Верижен генератор (15)

19.07.2016 03:24
Верижен генератор (15)

Матеја Матевски

Балада за времето

 

Слушам како умира времето

Покрај лисјето што паѓа
и мразот што се фаќа за рацете
до каде сум стигнал

Тоа умира во сè што се раѓа 
па вечно сум со него помал 
макар за еден чекор

Есента е богата со соништа 
иако понекогаш тажна 
со водата што опаѓа 
не се плови

Ноемвриските богати магли 
со што ли ги дојат реките 
По нивните плитки води 
до каде ќе стигнам

Слушам како умира времето

Од есента во студот 
останува еден плод 
што праша со усните модри 
кај ќе стигнам

 


Звонко Танески

Ми се чини дека при читањето на поезијата на Матеја Матевски, за која како принцип pars pro toto ја избрав, еве, песната „Балада за времето“ најлесно и најбрзо се забележува – колку важна и „богата“ улога има кај него воведувањето на создадената атмосфера во певот – во случајов: сива есен богата со соништа и ноемврски богати магли. Песнава кристално јасно ни го доловува паралелизмот на природните поттици со психичките состојби на лирскиот субјект. Плитките води, паднатото лисје и мразот, кои го градат просторот на лирското дејство се, значи, резулатат од неисполнетите копнежи (дури и за времето што не се враќа) и небаре ги поврзуваат исцрпеноста и надежта, заморот од патувањето со видикот од постигнувањето на неговата цел. Наедно, ги најавуваат неконечноста, погледот во иднината, кој, пак, е отелотворен преку стихот останува еден плод што може да се сфати и помалку визонерски. Затоа, субјектот на Матевски чекори, песната е самата по себе напишана како пат - постепено - поаѓа од исходиштето и оди кон целта (до каде сум стигнал – кај ќе стигнам). Таквиот пат мотивира кон понатамошно надоврзување на мислите и на асоцијациите, коишто се поврзани со човечките мечти и, најпосле, со прашањата за минливоста на човечкиот живот. Тоа ни дава за право да тврдиме дека поезијата на Матеја Матевски е пишувана со перо на интелектуално престижен поет кој создава универзални вредности што не застаруваат. Освен тоа, природата претставува за него и двигател на самото дејство, кое ги определува последователно и психичките состојби на лирскиот субјект. Затоа и лирскиот субјект се чувствува како да е сместен директно во средиштето на водите од есента на животот. Стихот над последната строфа е, впрочем, истиот од почетокот на песната, која е заводлива и со тоа што ги поврзува смислата на слухот со апстрактното време: Слушам како умира времето. Затоа, сетне, и песната не завршува со сеопфатна, покривачка поента, туку со прашање: останува еден плод / што праша со усните модри / кај ќе стигнам. Ова прашање може слободно да се интерпретира и како фрлена ракавица од страна на животот, препознат во баладата на Времето што неповратно одминува за да потсети некого на нас - некогаш и некаде.

ОкоБоли главаВицФото