1008 hPa
48 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 13:59
Обидот на група демонстранти на 20 јуни годинава, кога Шарената револуција изнесе на скопските улици огромен број приврзаници, да ја срушат скулптурата на Прометеј на земја, по втор пат го отвори прашањето – што симболизира таа? За оние кои вообичаено ја имаат на мета Шарената револуција и кои земаат каков било повод за да ја претворат сликата за оваа уникатна форма на бунтовност на планетата во некаква нецивилизирана толпа, таа врска меѓу „пуштањето на објектот во промет“ и чинот на протестантите од пред некој ден, пред најмалку 30 илјади приврзаници, не се споменува во тој хроницитет, туку тој се изолира во времето. Додека за оние другите проценувачи на тој чин, туркањето на облечениот Прометеј, како што цинично се нарекува во најголем дел на културната јавност, е само интервенција во еден простор, кој е симбол на извитоперена и криминализирана активност, наречена проект Скопје 2014.
ТВОРЕШТВОТО КАКО ОДБРАНА НА СЛОБОДАТА
Поставувањето на споменикот на Томе Аџиевски своевремено само по себе беше контраверза и се претвори во отворен антиуметнички чин, кој ја надминува волјата на авторот дали ќе ја облече својата скулптура „во гаќи“ за одредена, која и да е сума, односно го претвори самиот чин на откривањето во пазарење и на тој начин недвојбено ја изигра тезата за слобода на уметничкото творештво. Познатиот теоретичар Андре Малро, повремено и министер за култура во Франција, ќе нагласи дека „уметноста не е декорација на одморањето, туку е тешко освојување, една е од одлучувачките одбрани на човековата судбина … уметноста е антисудбина”. Токму симболиката на Прометеј и треба да ја нагласи таа дефиниција, бидејќи основата на посткреативно облекување на Прометеј во гаќи била и токму во фактот дека „неколку женички кои се одморале во паркот“ биле навредени од фактот дека треба да гледаат во гол маж со инаку скромен „алат“, без оглед на симболиката која ја носи овој митски јунак и неговиот придонес за ослободување на човештвото од надмоќните сили! Бизарно е да се споменува она со обидот на Шарената револуција како „сквернавење на херојскиот митолошки лик“ (види интервју со авторот во „Дневник“) кога во основа на сквернавењето лежи токму постапката на самиот автор Аџиев, кој не ја разбрал самата дефиниција на уметноста, која, навистина, токму кај Прометеј има близначки рефлекс и тоа како творечки чин сама по себе и како творба со симболична порака! Ја менуваше авторот, а секако и нарачателот (формално тоа е веројатно министерката Елизабета Канческа-Милевска) таа двојност за светогледот на неколку бабички на клупата со плетила во раката (добро, дозволуваме дека се битни за партијата која мора секогаш да победува) во паркот… И тоа наспроти сите дефиниции на слободата на уметноста, но и мислата и личноста, со основите на модерната цивилизација, покажувајќи низ сопствениот пример дека интелектуалците кај нас така лесно се продадоа на режимските комерцијални и коруптивни проекти.
НИКОЈ НЕ Е ПОДГОТВЕН ЗА СУДИРОТ СО НАШИОТ „ДИЗНИЛЕНД“
Дека и оваа скулптура како и целиот проект Скопје 2014 е слика на едно владеење посебно предочуваат странците. За нив тоа е неизбежна компарација! Така, познатиот белградски новинар Теофил Панчиќ на крајот на 2013 година ќе признае дека долго се подготвувал за доаѓањето во Скопје за „оние ‘антички’ и други споменици“ за кои сите толку пишувале. „Читав доста за тоа и бев наизглед подготвен на целиот тој гломазен Ужас на Празнината, но ништо не може навистина да ве подготви на жива средба со Александар и Филип Македонски, сосе бројната им фамилија, со цар Самуил, со Прометеј во гаќи (бил прво гол, па го облекле за да не ги скандализира невините жени) и со сите други, не им се знае бројката“.
По овој новинар тешко е да се дефинира таа скулптуријада.
Да се нарече тоа само ‘кич’ е смешно, бидејќи ова е многу полошо; да се нарече тоа триумф на дегенерираната фашистичка естетика со елементи на соцреализам е точно но слабо, недоволно пластично. Ова е отворен, циничен, бајат триумф на Ништото, то ест на ‘идентитетската’ и секаква друга политика без содржина, смисла и правец, засрамувачки банална утеха за сите неуспеси. Па добро, патеписецу и колумнисту, но ‘кај нас’ сепак нема ништо слично? Точно, нема (иако она фрапантно ‘константиновско’ лудило укажува и на таа школа на мислење во власта), или нема засега. Тоа го немало ни во Македонија во првите, надежни ВМРО-вски години, туку дури тогаш кога нивните претенциозни ветувања се соголени и покажани како лаги – заклучува тој во својот осврт и обид за дефиниција и на Проектот Скопје 2014 и на споменикот на Прометеј, во исто време.
ГРУЕВСКИ, ОРБАН… ВУЧИЌ
Затоа, не се работи секако за „две воено-политички групации кои рушат споменици“ – ИСИС и СДСМ – како што вели градоначалникот на Карпош (нека си го праша пишувачот на говорот од кога СДСМ е воена групација!), ниту за рушење или девастирање, бидејќи, се направи проект кој комплетно ја промени и сè уште активно ја менува формата, местото и симболиката на речиси сè што постоело во овој град пред доаѓањето на групировката околу Груевски на власт. Паркот во кој е сместено тоа „депо на ништото“ се вика, на пример, Парк на жената борец. Има и специјално направена скулптура во духот на модернизмот. Би ја нашол ли лесно некој денес истата на таа локација! Дали тоа не говори за комплетна девастација на симболиката и просторната уреденост на еден град од најмасовен вид, нешто како негово „дрезденско бомбардирање“?! Затоа, со туркањето на скулптурата на Аџиевски, како што коментира културологот Никола Гелевски, се испраќа порака дeка сè почнува со нешто ново. Тие, припадниците на Шарената револуција, сакаат да го срушат системот кој прави такви бесмислици и тоа за огромни пари!
Компаративно, да се вратиме на Теофил Панчиќ: се чини дека „Македонија на Никола Груевски е некој вид предигра за Унгарија на Виктор Орбан, а дека орбанизираната Унгарија… хм, е сè поблизок роднина на постдемократска Србија која ни се случува пред очи. Како што тргнало, во догледно време ќе можеме да го укинеме и повеќепартискиот систем, бидејќи ќе ни стане сосема одвишен. Секако, по некое време ќе посакаме да го обновиме, но тој ќе постои само како форма без суштина“.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.
Фотографија: Ванчо Џамбаски