Пропаганден автогол: Писарчето на „Николомини“ ги оцрнува „Шарените револуционери на Пиколомини“

20.07.2016 03:11
Пропаганден автогол: Писарчето на „Николомини“ ги оцрнува „Шарените револуционери на Пиколомини“

Во пропагандниот напис „Шарените 'револуционери' на Пиколомини“, од најнаградуваниот „преродбенички“ писар Блаже Миневски, тој ги нарекува шарените револуционери „легионерите на 'бомбашот' Пиколомини“ кои сакаат да ѝ наштетат на „очигледната македонска културна ренесанса“.

За да ја оствари својата пропагандна намера и да ги оцрни „шарените револуционери“, Миневски тврди дека австрискиот генерал Пиколомини го запалил Скопје „за да не им остави ништо на непријателите, односно на населението што живеело во Скопје“.

Меѓутоа, во својот говор во МАНУ од 2012, Ѓорге Иванов тврди дека „Пиколомини со војската стигнал во Скопје, каде беснеела епидемија на колера“: „До темел изгореле многу куќи и дуќани, но епидемијата не престанала. И самиот Пиколомини се заразил од колера и наскоро починал.“ Во својот пропаганден напис Блаже Миневски никаде не пишува дека во Скопје беснеела колера, дека Пиколомини наредил градот да се запали за да се сопре епидемијата и дека починал од колера од која се заразил во Скопје. И во водичот „Македонија“ пишува дека Скопје било запалено поради епидемијата, при што настрадале најголем дел од 120-те џамии.

Со промашената споредба на „шарените револуционери“ со „легионерите на Пиколомини“ Миневски си забива пропаганден автогол, затоа што историски сугерира дека во Скопје денес владее „епидемија на колера“. Впрочем, и Груевски беше нарекуван „Николомини“, затоа што со своето претворање на Скопје во „некропола на кичот“ придонесе речиси 84% од младите да посакаат да се иселат од Македонија.

Инаку, според писарчето што го велича „Скопје 2014“ на „Николомини“, во музејот на ВМРО е „претставена нашата богата и повеќеслојна историја“, а „Порта Македонија“ не е симбол на независноста (како што беше претставувана од Груевски), туку „симбол на македонските победи во културата, уметноста и спортот“. Според Блаже Миневски, Археолошкиот музеј (со копијата на саркофагот на Александар Велики од Истанбул) е „потврда на милениумскиот цивилизациски континуитет на нашите простори“!

Има ли поголема „милениумска цивилизациска“ глупост од музеј со копии од други музеи? Има. Тоа се писателчињата полтрони кои пишуваат лажни истории за да му се умилкуваат на диктаторот „Николомини“ кој ги сотре главните белези на пост-земјотресно Скопје како космополитски „град на солидарноста“.

Извор: Слободна Македонија