Контраспин: Сите конци во рацете на власта, ама датумот за избори зависел од опозицијата

27.08.2016 17:34
Контраспин: Сите конци во рацете на власта, ама датумот за избори зависел од опозицијата

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во интервју за радио Дојче Веле, одговарајќи на прашањето кога очекува да се одржат изборите, изјави:

Спин:Тоа е одлука (за датумот на изборите н.з.) која зависи од најголемата опозициска партија, бидејќи ние во минатото заклучивме дека услови за спроведување на демократски избори има. Сите претходни избори во РМ биле и ја изразувале волјата на граѓаните и не гледам дека така не треба да биде и на следните парламентарни избори. Но, барањето изговори ни нанесе сериона штета во изминатиот период и затоа остануваме на ставот дека во оној момент во кој најголемата опозициска партија ќе се чувствува подготвена за да се соочи со волјата на граѓаните, тоа треба да го потврди, да каже јавно дека се исполнети условите и потоа да оставиме на граѓаните да одлучат која политичка гарнитура ќе ја води РМ во следниот период. Мислам дека тоа е фер и демократски.

[Извор: Дојче Веле: Датум: 22.08.2016]

Истото тврдење Попоски го кажа и два дена подоцна (24.08.2016) во изјава за медиумите во која, меѓу другото, вели дека најголемата опозициска партија е таа која треба да го одбере датумот за одржување на предвремените парламентарни избори:

Најголемата опозициска партија има можност, привилегија и луксуз да одбере во кој момент се чувствува комфорно со соочување со граѓаните на демократски организирани избори, што мислам дека е поприлично добра позиција во овие околности. (Попоски)

Контраспин: Ваквиот став на министерот Попоски е невистинит и политички спин. Еве зошто:

На 20 јули оваа година (2016) четирите политички партии потписнички на Договорот од Пржино (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА), со посредство на меѓународната заедница потпишаа анекс (трет) на Договорот од Пржино, со кој се конечно се усогласија решенија за излез политичката криза. Со овој документ кој содржи пет поглавја е прецизирано дека:

До 31 август, лидерите на четирите политички партии ќе оценат дали горенаведените чекори се направени, со што ќе бидат исполнети условите за одржување избори. Лидерите ќе го потврдат ова и датумот на изборите со свој потпис.

Што значи, датумот на изборите не зависи само од СДСМ, ниту, пак, оваа партија го има ексклузивното право да го одбере тајмингот на изборното соочување. Од документот јасно се гледа дека зелено светло за датумот на изборите, како и гаранција со потпис, треба да дадат четворицата лидери, вклучувајќи го и партискиот шеф на Попоски – претседателот на ВМРО-ДПМНЕ,Никола Груевски.

Попоски тоа добро го знае, дотолку повеќе што тој е дел од најтесниот преговарачки тим на владејачката партија. Впрочем, самиот тој во изјавата за медиумуи се повикува на Договорот од Пржино и вели:

Мислам дека имаме политички договор, тој политички договор останува жив и за нас тој претставува начин за пребродување на оваа политичка криза. Тоа подразбира и организирање избори во согласност со условите кои што се дефинирани со тој политички договор,

Но, за да ја спинува вистината и да креира манипулативна слика дека опозицијата цело време бара изговори за да не излезе на избори, Попоски со доза на цинизам вели:

…во оној момент во кој најголемата опозициска партија ќе се чувствува подготвена за да се соочи со волјата на граѓаните, тоа треба да го потврди, да каже јавно дека се исполнети условите и потоа да оставиме на граѓаните да одлучат која политичка гарнитура ќе ја води РМ во следниот период.

СДСМ, навистина, во изминатиот период во повеќе наврати соопшти дека нема услови за фер и демократски избори. Но, за волја на вистината опозицијата не беше осамена во ваквиот став. Со такво мислење неколку пати досега излегоа претставниците на меѓународната заедница и невладините организации, чии ставови не се на линија на власта.

Да потсетиме дека на 21 февруари 2016 година, ЕУ и САД имаа заедничка оценка дека не се исполнети условите за избори на 24 април:

Нотираме дека резултатите од работата на ДИК во однос на проверката на избирачкиот список во оваа фаза не се доволни за да се одржат кредибилни избори на 24 април, иако одреден напредок е направен. Исто така, сè уште не е постигнат договор за медиумските реформи за да се осигура поле за еднаков пристап. Исто така, сме загрижени од извештаите за притисоци и закани врз гласачите и други лица. Сето ова е многу загрижувачко.Ова се заклучоците кои произлегуваат од извештајот на амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав и на САД, Џес Бејли.

Со идентичен став на 23 февруари 2016 година излезе и германското МНР:

Сојузната Влада ја дели оценката на Европската Комисија во врска со состојбата на подготовките за парламентарни избори во Македонија. Потребни се понатамошни реформски чекори, пред да постои можност за избори според европски стандарди. Одговорноста да се донесат потребните заклучоци врз основа на моменталната состојба на изборните подготовки, лежи кај потписниците на спогодбата од Пржино. Сојузната Влада ги повикува засегнатите партии да вложат напор, конструктивно и со потребната политичка волја да изнајдат заедничко решение, кое ќе ја придвижи земјата напред, во правец на европската интеграција“.

Тоа важи, пред сè, за владејачката партија ВМРО. Таа не смее да се огради од сознанието дека изборите ќе ѝпомогнат на земјата единствено ако претходно се создадат предуслови за нивно фер спроведување, согласноевропските стандарди.

За да се обезбедат еднакви шанси („level playing field“) за сите партии, неопходни се веродостојни избирачкисписоци, медиумски реформи, кои сѐ уште не се спроведени, како и разграничување меѓу партијата идржавата, кое недостига. (соопштение на германското МНР )

На 24 февруари 2016 година парламентот усвои измени на Изборниот законик со кои изборите се одложија на 5 јуни, а за оваа одлука не гласаа пратениците од СДСМ:

Собранието го презакажа датумот за предвремените избори на 5-ти јуни. Ова е епилогот од итната седница на која со 83 гласa „за“, три гласа „против“ и ниту еден воздржан, пратениците ја усвоија измената на одлуката за распуштање на Собранието, со што новиот термин е на 7-ми април. Претходно, иницијативата за измена на одлуката до претседателот на Собранието ја доставија 27 пратеници од редовите на ДУИ, ДПА, како и пратеничката на ДОМ, Лилјана Поповска. На седницата не беше постигнат консенсус, СДСМ не гласаше за одлуката, според нив, не е постигнат договор за медиумите и нема напредок во пречистувањето на избирачкиот список.

Во мај 2016 година беше пренесена и изјава од Брисел дека „нема ни минимум услови за избори на 5 јуни“:

Во изјава за Дојче Веле, портпаролката на ЕК Маја Коцијанчич упати остра порака до политичките лидери во Македонија, пренесувајќи ја заканата дека последните потези „ќе имаат сериозни последици“.

Европската комисија жали што континуираната политичка криза натамошно ја оддалечува земјата од евро-атлантските аспирации и нотира дека неколку партии не поднесоа кандидатски листи до Државната изборна комисија во рокот за тоа.

„Сметаме дека не се исполнети ниту минимум услови за овозможување веродостојни избори на 5 јуни 2016, кои би можеле да бидат признаени од меѓународната заедница.“

Комисијата во повеќе наврати ја посочи потребата за прочистување на гласачките листи, обезбедување на балансирани медиумско известување и истражување на заканите врз гласачите. Во актуелните услови, било која влада која ќе резултира од избори во кои трите најголеми партии не учествуваат нема да биде кредибилен партнер за меѓународната заедница.

Оттука, Коцијанчич за ДВ вели дека Комисијата ги повикува сите политички лидери и релевантни власти да преземат одлучни чекори за да се справат со ситуацијата, почитувајќи го Договорот од Пржино.

Невладината организација „Цивил“ уште во март 2016 година соопшти дека: „Не се создаваат услови за слободни избори на 5 јуни“:

Катастрофалната состојба на Избирачкиот список која ја утврдивме во изминатите години, сепак, покажува поинаква состојба. Поточно, Избирачкиот список е во уште полоша состојба од сите проценки и анализи на ЦИВИЛ во изминатите години.

Од ова произлегува дека, наспроти нашите оптимистички проценки дека експертскиот капацитет на ДИК ќе биде доволен, сепак, не веруваме дека има доволно време да се санира оваа катастрофална состојба. Особено ако се земат предвид и сите опструкции и други околности кои ја придружуваат целата состојба во Македонија.

ЦИВИЛ констатира континуирана злоупотреба и опструкции на спроведувањето на Договорот од Пржино, особено во поглед на слободата на медиумите и другите критични услови со кои треба да се обезбеди одвојување на партијата од државата и услови за слободни избори. По најновите сознанија за состојбата на Избирачкиот список, станува сосема јасно дека ќе биде невозможно да се обезбедат услови за одржување на предвремените парламентарни избори на 5 јуни.

Дека нема услови за одржување на фер избори во јуни заклучија и од граѓанската асоцијација „Мост“:

Поради голем број недоследности и прекршувања, а кои се игнорирани од ДИК, констатираме дека Владата и другите институции не успеаа да обезбедат услови за одржување на фер и веродостојни избори на 5 јуни.

На 18 мај Собранието на РМ со 96 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан ги усвои измените на Изборниот законик, по скратена постапка, со кои се укинаа членовите со кои се предвидуваше одржување предвремени парламентарни избори на 5 јуни. Со измените, предложени од Талат Џафери од ДУИ, не се предвиде нов датум за одржување избори. За оваа одлука гласаа и пратениците од СДСМ.

Потоа, во јули 2016 година по мачни преговори меѓу четирите политички партии, а со медијаторство на странските дипломати, беше потпишан анексот на Договорот од Пржино, во кој како што кажавме погоре, е наведено дека претседателите на четирите партии до 31 август 2016 година треба да ја оценат примената на договореното и дали се исполнети условите за одржување избори, па дури потоа да го прецизираат датумот на предвремените парламентарни избори.

И во ситуација кога сите механизми за контрола на власта се во рацете на ВМРО-ДПМНЕ (таа ги има трите клучни фукнции во државата), јасно е дека одговорноста за исполнување на критериумите за фер, праведен и кредибилен изборен процес ја има партијата на која ѝ припаѓа министерот Попоски. Но, колку и да делува апсурдно, тој смета дека датумот за одржување на изборите зависи од опозицијата?!

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка наамериканската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Извор: http://vistinomer.mk/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото