1025 hPa
87 %
10 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 07:59
Група македонски новинари вчера побараа нивниот колега Зоран Божиновски итно да биде ослободен од притвор, а неговиот предмет да го преземе Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Изутрината тие се собраа пред Основниот суд 1 каде што требаше да започне судењето на Божиновски, кое беше одложено за 27 септември. Со паролите „Само во Македонија затвор за искажан збор“, „Изборен криминал = аболиција, пишан збор = инквизиција“, новинарите го искажаа својот револт.
Насер Селмани, претседател на ЗНМ, прочита подолго соопштение од новинарите до судот:
„Дојдени сме денеска пред судот во Скопје, да ја изразиме нашата солидарност со новинарот Зоран Божиновски, кој веќе три години е изложен на судски прогон поради неговата работа како новинар. Ги потсетувам судиите дека Македонија е втора земја во Европа каде што има новинар во затвор. Прво беше осуден Томислав Кежаровски, сега Зоран Божиновски, гласно се прашуваме кој ќе биде следниот. Во земја каде што новинари се затвораат, таму е заробена и слободата на говорот и слободата на медиумите. Таквите судски постапки имаат за цел да ги казнуваат непослушните новинари и да ги дисциплинираат и застрашуваат другите. Не сме тука да вршиме притисок на судот и да кажеме какви пресуди треба да донесат. Тука сме да го кренеме гласот против неправдата. Божиновски уште несуден помина веќе две години во затвор, од кои 18 месеци во екстрадициски притвор во Србија и уште четири месеци во Македонија. Судиите што одбиваат да изрекуваат пртивор за политичари осомничени за уривање на демократскиот поредок на земјата, а лесно притвораат новинари, немаат право да се затскријат зад начелото за независноста на судството.
Бараме Божиновски веднаш да се пушти од притвор и да му се овозможи како некои поранешни функционери да се брани од слобода. Ако не постои опасност политичари осомничени за тешки дела да ја напуштат земјата, тогаш уште помала е веројатноста дека новинар ќе ја избегне правдата.
Инсистираме случајот на Божиновски да биде предаден на Специјалното јавно обвинителство затоа што нивната надлежност над овој предмет е неспорна. Секое одбивање на Обвинителството да се предаде случајот, ќе значи оневозможување на правдата и зголемувањето на сомнежот во јавноста дека некој сака по секоја цена да осуди новинар со затвор во знак на одмазда поради објавување злоупотреби на власта.“
Зоран Божиновски беше обвинет за шпионажа и уцена на јавни личности, заедно со уште 18 припадници на УБК и Министерството за одбрана. Тој беше гонет уште во 2013 година и уапсен на 7 ноември истата година во Нови Сад, Србија, од каде беше екстрадиран во Македонија. Иако формално-правно неговиот предмет требаше да го води СЈО, тој премина во рацете на Јавното обвинителство и Апелацијата. Сепак, денеска на јавна седница во Апелација обвинителките од СЈО ќе можат да се произнесат за жалбите кои обвинетите ги доставија до судот, откако сите 19-мина беа еднократно прогласени за виновни со првостепена пресуда.
Причина за денешното одложување на рочиштето за новинарот Божиновски беше ненавременото доставување на сите доказни материјали поврзани со предметот „Шпион“ од страна на Апелацискиот суд до Кривичниот суд. Судијката за овој предмет, Александра Крстиќ, токму поради ова недоставување на доказите, не издала наредба Божиновски да биде донесен во судот.
Извор: Слободен печат