Пресудата за Кежаровски е скандалозна

21.10.2013 14:43
Пресудата за Кежаровски е скандалозна

Пресудата на Основниот суд 1 во Скопје кој денеска го осуди новинарот Томислав Кежаровски на четири години и шест месеци затвор е скандалозна, со ништо поткрепена и без преседан во европското правосудство, поради што претставува само уште една шајка во ковчегот на веќе погребаната слобода на изразување во Република Македонија.

Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски веруваше во свеста и совеста на судечките судии во Основниот суд 1 во Скопје, дека му судат на новинар кој извршувајќи ја својата новинарска задача известувал за незаконски постапки на моќници од МВР и Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање во случајот на убиството во с. Ореше. Внимателно ја следевме постапката во текот на која единствен доказ против Кежаровски беа двата објавени текста во магазинот „Репортер 92“, во ноември-декември 2008 година.

Донесувајќи ја скандалозната пресуда, судот одбил да види од текстовите дека новинарот имал јасен и недвосмислен јавен интерес да ја информира јавноста оти полицијата мести лажен заштитен сведок против обвинетите во случајот на убиството во с. Ореше, особено што загрозениот сведок Златко Арсовски самиот се разоткри и призна оти бил уценет од полицијата да биде заштитен сведок.

Судот ги игнорирал и фактите дека објавувајќи го записникот на сослушување, Кежаровски го објавил само името, а не и презимето на загрозениот сведок, од што никако не може да се открие неговиот идентитет. Судиите очигледно подлегнале на сериозниот притисок и влијание од центрите на моќ, па не ги земале предвид фактите, туку само го препишале обвинителниот акт во пресудата дека Кежаровски сторил кривично дело оддавање идентитет на загрозен сведок. За ова сведочи и казната од четири години и шест месеци затвор за новинарот, што за вакво кривично дело е драстична санкција незабележана во европското правосудство.

Дури во случаи пред Хашкиот трибунал за поранешна Југославија, новинари кои оддаваа идентитет односно објавуваа цела листа заштитени сведоци во судења за геноцид и масовни убиства беа осудени на 3 или 6-месечни затворски казни. Ваквата неразумна пресуда и драконска казна претставува конечна пресметка со слободата на медиумите, слободата на јавното изразување и директна порака до македонските новинари кои ќе се дрзнат да истражуваат и пишуваат за злоупотребите на власта и моќта – дека ги чекаат сигурни решетки.

Се надеваме дека оваа срамна пресуда ќе ја разбуди свеста на демократската и слободарска јавност во Македонија од која очекуваме поддршка со заеднички акции да ја вразумиме судската и политичката власт во Македонија.

Извор: slobodazakezarovski.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото