Оптимизмот ќе нè убие

19.10.2016 13:07
Оптимизмот ќе нè убие

Сме ги слушнале приказните дека „помалото зло“ не се избира во политиката. Не дека истите немаат своја логика и аргументи. Напротив, имаат, и повеќето го знаеме тоа, дури и на искуствено ниво. Тој копнеж по т.н. трета опција или алтернатива во политиката во Македонија веројатно е доведен до ниво на фетиш. Не попусто. Воопшто не попусто. Уморни сме и истрошени од постојаните божемни промени меѓу четири партии или два коалициски блока. Сепак, ако се обидеме овие размисли да ги превртиме низ различни наративни слаломи или скокнеме на поинаква стојна точка, перцепциите почнуваат да ги менуваат нашите фантазии. За жал, овие промени не звучат оптимистички.

Свесна сум дека сите го мразат носачот на лоши вести. Па сепак, и покрај тоа, морам да си признаам: сонот за трета опција одамна ми го утепаа. Ако се прашувате кој? - Сите оние кои досега себе се нарекоа трета опција.

Пред неколку години општина Центар го имаше за градоначалник Тодоровиќ Тинекс, но во Советот доминираа опозициските советници. Опозицискиот блок во Советот можеше да спречи, ако ништо друго, барем значителен дел од криминалниот проект Скопје 2014. Тоа не се случи. Знаете зошто? Бидејќи двајца советници кои доаѓаа од помалите опозициски партии НСДП и ЛДП се продадоа. Иванчо Вучевски и Љубомир Тасев помогнаа во изгласување на Владимир Здравев од ДПМНЕ за претседател на Советот и од тој момент се однесува како советници од редовите на ДПМНЕ. Првичната претпоставка за 13 опозициски наспроти 10 советници од партијата на власт се претвори во 12 наспрема 11 за ДПМНЕ. Таквата апсолутна моќ на Тодоровиќ и ДПМНЕ ни го донесе она чудовиште од проект во центарот на Скопје.

Ви значи ли нешто името на Анде Марковски? На многумина веројатно не, ама на некои жени и семејства од Велес тоа име им значи многу, зашто тоа е човекот кој во замена за списоци за гласачи на ДПМНЕ нудел ин витро забременување. Анде Марковски од НСДП, во време кога НСДП е коалиционен партенер на ДПМНЕ, работи во подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување во Велес. Тоа е човекот од аферата „списоци“ на новинарките Сашка Цветковска и Наташа Стојановска кој купувал гласачи во замена за ветувања за ин витро забременување на очајни семејства.

Ниту независните политичари и пратеници не успеаја да ни ја вратат вербата. Чест на некои исклочоци, ама последното негласање на законите предложени од СЈО на Солза Грчева и Роза Топузова Каревска нè донесе до истиот заклучок. Демократите на телевизија се поддржувачи на криминалците во Собрание.

Корупциите на високо ниво обичниот човек тешко ги разбира. Месеци исполнети со „бомби“ во кои слушнавме за тешки криминали, развиена корупција и милионски кражби сеуште кај многумина ефектираат едно незаинтересирано „е, арно де, сите крадат!“ Ама овие брутални секојдневни тргувања со задници, и тоа како ги разбираме. Тие ни се поблиски, тие веројатно повеќе нè болат.

Досега помалите партии успеаја да ни покажат неколку работи: 1. Трета опција креираат луѓе со децениско искуство во политичкиот естблишмент; 2. Трета опција постои за да се засилат позициите на власта; 3. Третата опција е голема политичка лага. Тоа убиство на политичкиот сон креира и одржува општество на незаинтересирани слепци чии извори на живот се гарантираат преку политичка клиентелизам. И кога човек ќе стигне до одредена зрелост, сфаќа дека изборот и одговорноста за своите политички позиции мора да ги црпи од минатите искуства. Оттука, ни остануваат две можности кои не се исклучуваат една со друга.

Едната е да дадеме шанса, внимателно, на новите политички опции како Левица да си го изградат својот политички имиџ. Да го чуеме нивниот план за рушење на криминалниот режим, да ги испитуваме нивните чекори во предизборието и да ги оценуваме нивните стратешки маневри после 11 декември. Ваква шанса смеат да добијат само оние кои досега не се извалкале и не ја злоупотребиле нашта доверба. Втората опција е активно да се вклучиме во реформирање на постоечките големи партиски системи во кои има простор за вакви промени. Реформи се обезбедуваат со влез на нови, независни, млади луѓе кои имаат политичко искуство ама надвор од партиите. Реформи се обезбедуваат со градење политички капитал кај луѓе или групи на луѓе кои не се дел од партиските структури ама имаат интерес истите да ги менуваат. Конечно, реформи се обезбедуваат со храбри политички чекори кои водат кон прекршување на доминантните наративи за етнички тензии, лажен национализам и опасен шовинизам; со други зборови, реформи се можни кога политичкиот наратив престанува да биде убава и позната приказна и станува лоша вест која носи разочарување, ама имплицира мотив за посветеност на поинакви идеи.

Па, така, извинете, ама на претстојниве избори немојте да нè малтретирте со оптимизам. Отстранете ги политичките шушумиги од вашите редови, признајте ги грешките и екипирајте се. Мислам дека конечно сите сме спремни за лошата вест, дека сме мизерни и дека излезот е ужасно тежок, но не и невозможен. Лошата вест ќе нè исправи пред предизвиците со потребната доза на самокритичност и верба во нужноста од промени, а оптимизмот, простете - ќе нè убие. И нас и вас.

Слики: Били Даркарт
Извор: Плусинфо

 

 

Слични содржини

Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ

ОкоБоли главаВицФото