Фасада на срамот

17.11.2016 11:25
Фасада на срамот

Претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, поставил „плоча на срамот“ на семејната зграда во строгиот центар на Скопје. На неа ги напишал сите од Општина Центар кои оцениле дека катовите што ги доградил не се според прописите - поточно, дека се дивоградба - по што бил принуден сам да ги урне.

Ако Панчевски сака на овој начин да покаже кој е тој што не ги почитува законите, редот и поредокот во државата, тогаш се лаже. Неговиот кредибилитет во јавноста е таков што може плочата да си ја обеси на вратот и да шета со неа и пак нема да најде некој што ќе му поверува дека ги испочитувал сите градежни прописи.

Ако, пак, сака да остане доследен на овој градежно-морален зафат, на подигањето спомен-плочи со намера да се види (прочита) дека всушност тој е праведникот, тогаш ќе му треба најмалку уште една плоча на која ќе ги напише и имињата на неговите колеги, судиите. Петнаесет судии од Основниот суд Скопје 1 вчера решиле да се побунат против „злоупотребата на судот од страна на Панчевски“. Да му кажат дека судот не е негова сопственост (како зградата), дека не може да го користи за „лична пресметка со колегите“ и дека за тоа треба да сноси одговорност. А, како што тргнало, како што сè повеќе луѓе се охрабруваат да му кажат што мислат за него и за таквите како него, списокот на кандидати за „плочата“ ќе стане толку голем што нема да му биде доволна ни цела фасада на срамот.

Извор: Слободен печат