Кај ќе ви оди душата?

16.12.2016 18:17
Кај ќе ви оди душата?

Лудилото мора да се заузда, пред навистина да дојдеме до точката „од која нема враќање назад“! Над Македонија одамна е спуштена темна ноќ, а како се заакале збоднатите, запенавените, аздисани и крајно неодговорни хушкачи и сеирџики во бунди, за жал, лесно ќе се најдат споулавени непрокопсаници на кои и „долгите ножеви“ им се на дофат! Каков Ќосе, какви бакрачи… Ќосе е умрен, бе, „ќосиња“! Освестете се! Прекинете со труењето на народот, со измислувањето непријатели, со заканите, пцостите и клетвите…

Доста беше! Кога злото се заканува, сите рационални човечки суштества, мора да се обединат и да му се спротивстават. Какви граници на трпението и какво излевање на гневот, аман! Не поттикнувајте злосторства! Имајте си и едно име и една држава, никој не ви ги зема! Ама, сите во пуста Македонија, имаме само по еден живот, сопрете, чукнете си ги главите и вразумете се!

Погребен крст му извадивте на политичкиот опонент, инфаркт му посакавте, погреб и свеќи му предвидовте, се заканувавте со Ќосета мртвиот, со „Ќосињата“ - наследници што на врата ќе им доаѓале на инакумислечките и со пискотниците на „сороспиите“ од Вашите списоци, што надалеку ќе се слушале… Каков Ќосе, какви бакрачи?! Ќосе е умрен, бе, „ќосиња“! Освестете се! Синоќа, меѓусебно се куражевте, фрлајќи петарди, додека колневте како баби, пцуевте и навредувавте… А трагикомичниот пар во бунди, „Гардистот“ и „Верничката“, ширеа омраза, сеејќи налудничави пораки, од бранење на Македонија од ДИК со дежурства „сè до јули“ – до соблазнителната закана за „ноќ на долги ножеви“. Алоооооо!

Лакрдијата на комедијантите во политиката, до пред некоја година беше за мајтап и за жалење, сега е веќе вџашувачки опасна! Затоа, и карикатуралните марионети кои за трошка внимание и делче од азното, до последна капка туѓа крв, нели, ќе ги ги бранат налогодавачите, мора да се спречат. Зашто, колку и да врескаат, патетично и бедно, заканувајќи му се на амбасадор, кукавички избегнувајќи и името да му го спомнат, и тие се крајно опасни.

Но, далеку поважно е да се освестат оние кои ги влечат конците и си играат со огин! Што да им се порача на бескрупулозните јагмаџии, а да допре до нивната совест, замаена со моќ и пари?

Можеби само да се апелира по којзнае кој пат…

Зарем сте навистина подготвени на сè, и на крвопролевање? Само за да го сочувате украденото? „Отето – проклето!“, викаат Србите. Нели ви е доста, исаф имате ли? Па и затвор е за луѓе, ќе полежите, ќе излезете… И толку. Свесни сте дека правото одамна не живее во Македонија и дека не сте жители на држава која е способна да изведе конфискација на имотот што го изнесовте во разните „Белизеа“… И да полежите, ќе излезете богати, колку искрадовте… Ееееј, да е само „Скопје 2014“… Ама, не ги подбуцнувајте ниските страсти, не ја разгорувајте омразата, да не се изгорите. Каде сувото, таму и суровото… Бидете еднаш во животот мажи, доста со коркачлак. Соочете се со гадостите што ги правевте, признајте ги гревовите! Ќе ви олесни… Покајте се, исчистете си ја совеста. Не ги с’скајте луѓето, не предизвикувајте судир! Ниедно богатство не е вредно само колку една детска солза!

Или, ако сте дотолку бесчувствителни, па нели имате доволно за три животи! Избркавте 600.000 луѓе, пограмотни, почесни, повредни од вас… Е сега, едноставно, соберете си ги и вие пљачките, земете си ги бугарските (и сите други) пасоши, и заминете си, на некое егзотично место, или на Халкидики, сеедно… Оставете ги чесните граѓани да ја спасуваат Македонија, да се обидат да го измијат срамот што им го наметнавте на следните генерации, да го поправат сè она што го девастиравте, го закашкавте и го инфициравте со вашата неспособност и алчност. Дозволете ѝ на Македонија да (пре)живее!

Извор: civil.org.mk
Слика: ШкАрт

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото